Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

НИКОЛОВА: ВО ОВАА ВЛАДА АКЕ НЕ УСПЕЕТЕ ВО ЕДНА, ВЕ ПРЕМЕСТУВААТ НА ДРУГА ФУНКЦИЈА

July 14, 2026 Filed Under: Македонија

Во разрешувањето на досегашните членови на Влада имаше интересни „рекорди“. Иван Стоиљквиќ на пример беше испратен со 95 гласови против неговата работа а тој сепшак доби нова функција!

ДАНИЕЛА НИКОЛОВА Наместо да се преземе одговорност за слабите резултати, Владата ги преместува истите функционери на нови позиции

Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова, на собраниската седница за разрешување и именување членови на Владата оцени дека најавената реконструкција претставува обид за задоволување на партиски и коалициски интереси, а не вистинска промена во работењето на извршната власт.

Според Николова, наместо да се преземе одговорност за, како што рече, слабите резултати, Владата ги преместува истите функционери на нови позиции.

„Денес станува јасно дека во оваа Влада, ако не успеете на една функција, нема да си заминете дома. Ќе бидете преместени на нова функција. Ако станува збор за истите луѓе, тогаш треба да ги очекуваме истите политики и истите проблеми“, рече Николова.

Таа оцени дека критериум за избор на функционерите не се резултатите, туку лојалноста кон премиерот, партијата и коалицијата, посочувајќи го случајот со досегашниот вицепремиер Арбен Фетаи, за кого рече дека и покрај критиките добил нов ангажман.

Николова упати критики и кон министерката за финансии, оценувајќи дека финансиската стабилност се гради преку нови задолжувања, додека буџетскиот дефицит расте, а граѓаните сè повеќе ја чувствуваат сиромаштијата.

Во делот за образованието, таа ја обвини министерката дека спроведува реформи без доволни анализи и консултации, што, според неа, предизвикува неизвесност кај наставниците, учениците и родителите.

Пратеничката се осврна и на работата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, како и на поранешниот министер за правда, Кренар Лога Филков, оценувајќи дека во нивните ресори не биле спроведени суштински реформи.

Таа го коментираше и изборот на новиот министер за социјална политика, демографија и млади, посочувајќи на неговиот претходен ангажман во Град Скопје и случаите што, според неа, ја одбележале неговата работа.

Во завршницата од своето обраќање, Николова рече дека граѓаните не ги интересираат новите кадровски решенија, туку конкретните резултати.

„Оваа реконструкција е уште една потврда дека имаме Влада и премиер кои упорно се борат да го задржат приматот на најлоша власт досега“, изјави Николова.

Дури 95 пратеници гласаа за смена на Иван Стоилковиќ од вицепремиерското место. Премиерот Мицкоски го предложи за министер за локална самоуправа

Собранието со поединечно гласање разреши осум министри од кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски, откако сe водеше единствен претрес за нивната работа. Најмногу пратеници гласаат за разрешување на министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ кој беше разрешен со 95 гласа, но и покрај таквата масовна поддршка за негово заминување тој повторно беше предложен за министер за локална самоуправа од страна на премиерот Христијан Мицкоски, десетина минути подоцна.

Инаку, за разрешување на министерот за правда Игор Филков гласаа 83 пратеници, за  министерот за земјоделие Цветан Трипуновски  92 пратеници, додека за Фатмир Лимани да замине од функцијата гласаа 85 пратеници и еден гласаше против. Министерот за локална самоуправа Златко Перински е разрешен со 87 гласови, а министерот за култура Зоран Љутков со 91 глас „за“. Впечатливо е дека министерот за здравство Азир Алиу е разрешен со 80 гласа, тројца пратеници се изјаснија дека се „против“ разрешувањето, а тројца пратеници останаа воздржани, а министерот без ресор Шабан Салиу со 85 гласови.

Осврнувајќи се на предлогот за разрешување дел од министрите, премиерот Христијан Мицкоски рече дека сите до еден се луѓе со чест и достоинство и, пред сè, чесни. Денес, нагласи, не се збогуваме со луѓе што не работеле, туку, напротив, со луѓе што во разни ресори дадоа свој придонес за реализација на програмата за која граѓаните дадоа доверба.

„Имаме обврска постојано да се преиспитуваме. Да проценуваме дали можеме повеќе. Дали можеме подобро. Дали можеме побрзо. Од првиот ден, кога ја презедовме одговорноста, кажав дека оваа Влада нема да биде Влада на комфор, туку Влада на резултати. Нема да биде Влада во која функциите ќе се сметаат за стекнато право, туку за обврска што секој ден повторно мора да се заслужува. Тоа не беше политички слоган, тоа беше принцип. Денес, покажуваме дека тој принцип важи поднакво за сите“, рече Мицкоски.

Според него, на реконструкцијата на Владата не треба да се гледа како на крај на нечија работа.

„Граѓаните заслужуваат јасно да ја видат разликата меѓу политиката што се задоволува со изговори и политика што носи резултати“, рече Мицкоски.

Заблагодарувајќи им се на членовите на Владата, кои, како што рече, во изминатиот период чесно, одговорно и посветено ги извршуваа функциите, тој потенцираше дека „со искрена благодарност за нивната работа ја отвораме следната етапа, не затоа што го негираме сработеното, туку затоа што сакаме врз она што е направено да изградиме уште повеќе“, додавајќи дека влада што престанува да се преиспитува, почнува да стагнира, а влада што стагнира, како што рече, ја успорува државата.

Говорејќи за она што ќе следи потоа, Мицкоски рече дека иднината не им припаѓа „на оние кои само чекаат“ туку на тие што имаат визија и работат на неа, обвинувајќи ја опозицијата за политичка демагогија и колективна амнезија бидејќи критикува, а зад себе оставила институции без доверба, економија во неизвесност и  јавни финансии под силен притисок.

(р.г.)

Filed Under: Македонија

МИЦКОВСКИ ВЕЛИ: А СЕГА АДИО!
КРИМИНАЛ: НЕМА ТАКВИ ЗЛОСТОРСТВА ШТО ЌЕ НЕ ОДМИНАТ
ИНФУЗИЈА НАМЕСТО ЗДРАВСТВЕН СИСТЕМ
ПЕЧАТЕЊЕТО НА ПРВИТЕ МАКЕДОНСКИ УЧЕБНИЦИ
УНГАРСКИ МЕДИУМСКИ ЗЕМЈОТРЕС: ИЗВИНЕТЕ ШТО ВЕ ЛАЖЕВМЕ

Најново

  • МИЦКОВСКИ ВЕЛИ: А СЕГА АДИО!
  • КРИМИНАЛ: НЕМА ТАКВИ ЗЛОСТОРСТВА ШТО ЌЕ НЕ ОДМИНАТ
  • ИНФУЗИЈА НАМЕСТО ЗДРАВСТВЕН СИСТЕМ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet