Министерот потенцира дека со актуелната законска регулатива во делот на земјоделското земјиште, Министерството за земјоделство нема никаква обврзувачка алатка со кој може да спречи пренамена на земјоделско земјиште во градежно
Со законските измени прв пат се пропишуваат јасни одредби за заштита на земјоделското земјиште од пренамена. Се дефинираат критериуми на која класа земјиште не може да се градат енергетски објекти, но се прецизира и кои се исклучоците. Единствен исклучок што се предвидува со овие предлог-измени во делот на прва и втора категорија земјшите, е изградбата на енергетски објекти кои се предмет на стратешки инвестиции и не претставуваат никаква закана за земјоделското земјиште. Ваквите исклучоци се водат по друга постапка, уредена со посебен закон. Најпрво, низ транспарентна постапка ќе треба да се оправда стратешкиот интерес и важноста за тој енергетски објект, како и користењето на земјоделското земјиште од прва и втора класа, па дури тогаш тоа ќе може да се пренамени, вели за МИА министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Во кусиот разговор по повод информaциите во јавноста дека „земјоделското земјиште ќе биде дадено за поставување фотоволтаици“, Николовски подетално ги објаснува новините и процедурите што се предлагат.
Тој потенцира дека со актуелната законска регулатива во делот на земјоделското земјиште, Министерството за земјоделство нема никаква обврзувачка алатка со кој може да спречи пренамена на земјоделско земјиште во градежно. Сегашниот Закон за земјоделско земјиште нема пропишани критеруми кога може да се изврши пренамена на земјоделско земјиште во градежно, а кога не, но со измените кои се предлагаат, таква алатка се воспоставува и земјоделското земјиште е заштитено.
Предложените измени на Законот се јавно прикачени на ЕНЕР. Целата постапка на измените ја водиме транспарентно и јавно, немаме никакви скриени намери, освен јасна цел – земјоделското земјиште да го зашититме и да го ставиме во функција за производство на храна, дециден е министерот.
Министре, во јавноста се појавија информации дека земјоделското земјиште ќе биде дадено за поставување фотоволтаици. Што прави МЗШВ за да го заштити земјоделското земјиште?
– Нашата главна цел како Министерство за земјоделство е секоја педа обработлива земја да ја ставиме во функција за производство на храна. Оваа цел произлегува од Националниот план за производство на храна што МЗШВ уште минатата година го подготви и го донесе. Она што Министерството конкретно го презема е да креира конкретни политики за заштита на земјоделското земјиште, а токму во таа насока се и предложените измени и дополнувања во Законот за земјоделското земјиште, преку кои првпат се пропишуваат јасни одредби кои имаат за цел заштита на земјоделското земјиште од пренамена.
Што конкретно предвидуваат предложените измени во Законот за земјоделско земјиште?
– Предложените измени на Законот за земјоделско земјиште се токму во насока за остварување на нашата главна цел – секоја педа обработлива земја да биде ставена во функција за производство на храна. Конкретно, преку овие измени првпат се заштитува земјоделското земјиште од 1 и 2 класа, од можна пренамена во градежно земјиште со наменска зона за енергетски градби. Ова би значело дека по донесувањето на овие измени првпат Министерството добива законска можност и алатка како да го заштити од пренаменувањето земјоделското земјиште во градежно.
Имено, моменталната постоечка законска рамка во делот на донесување, односно одобрување на урбанистичко-планска документација, со која се врши и пренамена на земјоделско земјиште во градежно, не предвидува ограничувања во делот на класите на земјоделско земјиште, ниту пак за намената на проектот. Ова значи дека, со новиот Закон за урбанистичко планирање од 2020 година, ако донесувачот на планот почне постапката за пренамена на земјоделско земјиште за градба на енергетски објекти, МЗШВ нема законска надлежност да ја спречи пренамената. За таа цел се овие предлог измени и дополнувања ќе се пропишат критериуми на која класа на земјиште не можат да се градат енергетски објекти и кои се исклучоците, а истовремено и Законот за земјоделско земјиште ќе се усогласи со одредбите од Законот за урбанистичко планирање.
Единствен исклучок што се предвидува со овие предлог измени кај делот на прва (1) и втора (2) категорија земјиште е изградбата на енергетски објекти кои се предмет на стратешки инвестиции и не претставуваат никаква закана за земјоделското земјиште. Ваквите исклучоци се водат по друга постапка уредена со посебен закон кој најпрво во транспарентна постапка ќе треба да се оправда стратешкиот интерес и важност за тој енергетски објект и користењето на земјоделското земјиште од прва и втора класа, па дури тогаш да се пренеамени.
Со предложените измени на овој Закон, се уредува и дека Министерството во постапката за донесување, односно одобрување на урбанистичко-планската документација (постапка што ја води донесувачот на планот) дава мислење на планските решенија во урбанистичкиот план, односно урбанистичкиот проект. Измените предлагаат, Министерството во мислењето што го дава да се произнесува позитивно или негативно во зависност од условите пропишани во членот 48 став 2 и 3 од овој предлог-закон. Тоа значи дека ако донесувачот на планот во планското решение за изградба на енергетски објект зафаќа површина на опфатот која е земјоделско земјиште, прва или втора класа, а урбанистичкот проект не претставува стратешки интерес утврден со закон, МЗШВ ќе даде негативно мислење во постапката за донесување на планот. Во моментот, МЗШВ ја нема таа можност, бидејќи нема законски уредена постапка во овој дел од пренамената.
Дополнително, со предложените измени на Законот за земјоделското земјиште се заштитува и земјоделското земјиште од трета и четврта класа, каде пренамена на земјиштето за изградба на енергетски објекти се дозволува само во случај кога во дадената катастерска општина каде е планирана изградбата не постои друго земјиште кое е од пониска класа. Истовремено, Министерството за земјоделство во соработка со Министерството за транспорт и врски предложија измена и на Законот за урбанистичко планирање, со цел да не може да се донесе никаков урбанистички план за пренамена на земјоделско земјиште од прва до четврта класа за изградба на енергетски објекти без позитивно мислење од Министерството за земјоделство. Ова е клучно во заштитата на земјоделското земјиште, бидејќи со досегашните законски акти Министерството за земјоделство нема ваква обврзувачка алатка преку која може да го заштити земјоделското земјиште. Сега мислењето дадено од Министерството за земјоделство добива обрзувачко значење, што би значело дека ако се даде негативно мислење постапката не може да се продолжи понатаму.
Предложените измени на Законот се јавно прикачени на системот ЕНЕР каде секој може да даде коментар и да се произнесе по дадениот предлог, а ние како Министерство-предлагач имаме обврска секој коментар да го разгледаме и да дадеме одговор. Целата постапка на измените ја водиме транспарентно и јавно, немаме никакви скриени намери, освен јасна цел земјоделското земјиште да го заштитме и да го ставиме во функција за производство на храна.
Велите, прв пат се воведуваат вакви можности во Законот. Зошто досега не биле донесени вакви измени?
– Во интерес на вистината, треба да знаат граѓаните, дека со актуелната законска регулатива во делот на земјоделското земјиште, Министерството нема никаква обврзувачка алатка со кој може да спречи пренамена на земјоделско земјиште во градежно. Согласно одредбите од постоечкиот Закон за урбанистичко планирање, МЗШВ дава мислење за квалитетот на земјоделското земјиште, за постојните објекти, утврдени реални товари на земјиштето или други релевантни факти од нивна надлежност, но тоа мислење нема обврзувачки карактер, ниту се третира како позитивно или негативно, бидејќи актуелниот Закон за земјоделско земјиште нема пропишани критеруми кога може да се изврши пренамена на земјоделско земјиште во градежно, а кога не. Сега со овие измени кои се предлагаат таква алатка се воспоставува и земјоделското земјиште е заштитено.
Важно е да се напомене и дека со воведување на новиот на начин на пренаменување на земјоделско земјиште во градежно со Законот за урбанистичко планирање од 2020 година, надлежноста за донесување на плановите и истовремено пренамена на земјоделско земјиште во градежно е во надлежност на донесувачите на плановите (локалната самоуправа за генерален, детален урбанистички план за село и урбанистички план вон наслено место, а Владата за урбанистички планови за подрачја и градби од државно значење), а не е како во претходните законски решенија кога Владата ја имаше надлежноста да ја даде согласноста за трајна пренамена на земјоделско земјиште во градежно, со тоа што можеше да одлучи и да не ја даде согласноста за трајна пренамена за одделен урбанистички проект.
Затоа, клучно во овој процес е да не се дезинформираат граѓаните дека земјоделското земјиште би се пренаменувало, туку да се каже јасно вистината дека првпат се заштитува земјоделското земјиште. Ваквите штетни законски решенија во земјоделството се донесени од една претходна Влада пред 2016 година. Она што е разлика меѓу Владата од тогаш и оваа Влада денес, е тоа што ние како министерство денес правиме напори ваквите штетни решенија да ги исправиме, заштитувајќи го земјоделското земјиште и водејќи искрена грижа за секој еден земјоделец развивајќи го македонското земјоделство.