Имаме една катастрофа во ИПАРД 3. Иако сме на прагот да добиеме 1 милијарда 147 милиони евра неповратни средства, наместо да се фокусираме на грантовите кои ни доаѓаат од ЕУ, ние потпишуваме договори за заеми на влада со влада во четири очи

На последната седница за пратенички прашања, пратеникот и поранешен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски прв ги адресираше своите три прашања до актуелниот министер Цветан Трипуновски.
Пратеникот од СДСМ констатираше дека во изминатата година нема ниту една нова политика, нова мерка ниту нова реформа за развој на овој сектор а наспроти тоа, се продолжуваат проектите од предходната влада кои беа критикувани.
– Нема ниту еден реформски закон во Собранието. Го укинавте моделот за субвенционирање, кој обезбедуваше 100% поддршка на 25 најбитни култури, авансната исплата со која до крајот на годината земјоделците добиваа субвенции, го враќате стариот модел со кој се зголемува можноста за сива економија, укината е мерката за предадено јагне во кланични капацитети, укината е програмата за мали и семејни винарии, укината е мерката за ситниот ориз, нема ниту една мерка во рурален развој…прашањето ми е … Кога ќе почнете да ги прифаќате барањата на земјоделците и кога со земјоделците заедно ќе очекуваме нови мерки и политики?
Второто прашање се однесуваше на зелената нафта и здравиот оброк за децата во училиштата и градинките.
– Изјавивте дека овие две мерки сериозно ќе бидат модифицирани. Тоа се изворни мерки на СДСМ од предходниот период. Но напротив нема никаква измена во програмите. Бидејки уште ги немате објавено, дали во август и септември земјоделците ќе ги добијат картичките за зелена нафта затоа што тогаш ќе им бидат потребни, и дали ќе биде реализирана програмата за здрав оброк?
Третото прашање Николовски го посвети на ИПАРД 3 програмата.
– ИПАРД 1 беше тотално неуспешна, ИПАРД 2 вашиот директор призна дека сме биле лидери во регионот во спроведување и сум му благодарен за ова признание зато што целиот тој период јас бев министер кога ја спроведувавме оваа програма. Но имаме една катастрофа во ИПАРД 3. Иако сме на прагот да добиеме 1 милијарда 147 милиони евра неповратни средства, наместо да се фокусираме на грантовите кои ни доаѓаат од европската унија, ние потпишуваме договори за заеми на влада со влада во четири очи. Со партизацијата што се прави во Платежната агенција со преместувањата, со неажурноста на директорот со непосветеноста на ИПАРД 3, со сите слабости кои ги констатира Европската комисија, кои се чудат како од земја лидер може да дојдеме до состојба да ни биде загрозена самата акридитација, ова беше најдобрата компонента, 2100 договори имавме потпишано повеќе од сите земји од регионот заедно. Прашањето е колку е сегашната исплата од ИПАРД 3?
На ниту едно од овие прашања од клучно значење за земјоделскиот сектор, актуелниот министер немаше конкретен одговор. Наспроти тоа тој се бранеше со според него наследена лоша состојба и наводно неисплатени средства кон земјоделците.
Трипуновски и во овој негов настан не успеа а да не се служи со цинизам и ароганција па така од неговата уста можеше да се слушнат зборови како „ви давам домашна задача”, „не сте едуцирани”, „слушајте”…
Инаку до премиерот Мицкоски, изминатиот период пристигнаа неколку барања од оризопроизводителите и од Независниот синдикат на шумската полиција за смена на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.