Чистата вода и здравата храна, иако се важни за здравјето, сепак не се поврзани со толку долг животен век – 140 години, кој досега го немал ниту еден човек во светот. Според Гинисовата книга на рекорди, најстарата личност која некогаш живеела била Жан Луиз Калмент, родена на 21 февруари 1875 во Франција, која починала на возраст од 122 години. За тврдењето во постот, пак, дека во водата има отров за глувци, нема никави докази и ваквите наводи се сосема произволно нафрлени
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели:
„Тајната за долг живот, е чиста вода и здрава храна. 140 години најмалку.
Во водата има хлор и флуор, отров за глувци.“
Без разлика на тоа како се храни и каква вода пие, досега нема човек кој живеел 140 години. Познато е дека има неколку луѓе кои живееле до 120 години и малку подолго. Најстарата личност во светот која почина на 122 години во 1997 година беше Жан Калмент од Франција. Според Гинисовата книга на рекорди, Жан Калмент е родена на 21 февруари 1875 година и живеела низ светските војни, шпанскиот грип и го запознала Винсент Ван Гог во 1888 година, кога тој купувал моливи од продавницата на татко ѝ. Таа тврдела дека тајната на нејзиниот долг живот било маслиновото масло и чоколадата, а од пушењето цигари се откажала на 120 години.
Во 2021 година најстарата жива личност во светот е 118 годишната Кејн Танака од Јапонија. Таа починала на 119 години во 2022 година.
Танака велела дека сака да го одржува умот активен, дека се буди во 6 часот наутро и дека попладне честопати учи предмети меѓу кои и математика. Пред неа, најстарата жива жена била Јапонката Чијо Мијако која имала 117 години кога починала на 22 јули 2018 година.
Во 21 век, 24 луѓе го држеа рекордот за најстар жив човек, а само двајца од нив беа мажи. Боб Вејтон имал 112 години кога починал во 2020 година во Хемпшир, Велика Британија. Во просек едно на илјада лица коишто ќе доживеат 100 години, доживуваат и 110, а некои од нив се живи денеска. Според European Supercentenerian Organisation 122 години е максималната достигната страост, а листата на сите лица што живееле над 100 години може да се погледне овде.
Стареењето е градациски процес кој се случува низ целиот живот, како што успоруваат нормалните функции на телото. Има барем девет фактори на стареење, но еден од почестите е кога клетките полека почнуваат да ја губат способноста да се репродуцираат. Стареењето се карактеризира со намалување на физичката функционалност и зголемен ризик од хронични заболувања. Некои студии покажуваат дека здравите луѓе се поотпорни на стрес, додека луѓето со хронични болести имаат поголем ризик од порана смртност и не се толку отпорни на стресови во животот.
Научници од Универзитетот во Вашингтон имаат проценки дека луѓето ќе може да живеат подолго во иднина, меѓу 125 до 130 години, но тоа е само проценка, досега се нема оставрено и не се однесува на сите луѓе, туку само за мал дел.
Освен тоа што не е вистина дека најмалку 140 години може да бидат постигнати како возраст кај луѓето (досега се нема случено), во постот што го рецензираме се вели и дека фактори за да се живее барем 140 години се добрата вода и здравата храна. Сите позитивни ефекти од пиењето вода може да ги прочитате овде, но добрата вода и храна иако се препорачуваат за позитивни здравствени ефекти, не гарантираат долговечност, а уште помалку од 140 години.
Во постот се наведува и дека водата содржи отров за глувци, хлор и флуор без да се каже конкретно на која вода се мисли. Јавното претпријатие Водовод објавува неделни извештаи за квалитетот на водата, преку Секторот за санитарна контрола од повеќе мерни места, а согласно
Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење. Тој правилник е објавен во „Службен весник“ и може да се прочита на следниот линк.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека човек може да живее најмалку 140 години поради чиста вода и здрава храна. Чистата вода и здравата храна, иако се важни за здравјето, сепак не се поврзани со толку долг животен век кој досега го немал ниту еден човек во светот. Исто така, нема никакви докази дека во водата има отров за глувци, ваквите наводи се сосема произволно нафрлени.
(vistinomer.mk – опремата е на Глобус)