Во текстот со наслов „Се бараат нови граѓани“, објавен во весникот „Велт“, авторот пишува:дека нашиот источен сосед од земја со 9 милиони граѓани се намалила на држава со 7 милиони. Бугарија се врти кон привлекување Македонци, Молдавци или Украинци. Според ОН, до 2050 година ќе останат само 5,2 милиони Бугари, најмногу како резултат на егзодусот од земјата.
ШТОКЕР ФРАНК
„Од крајот на комунистичкото владеење, Бугарија загуби над една четвртина од своето население и бројот на жители од речиси 9 милиони се намали на нешто над 7 милиони. ОН прогнозираат дека до 2050 година овој број ќе се намали на дури 5,2 милиони – побрзо и повеќе од каде било на друго место во светот. Тоа, од една страна, лежи во многу малата стапка на раѓање, но многу повеќе се должи на вистинскиот егзодус како на стручњаци, така и на необразувани слоеви од населението.
– Многу добро образовани луѓе – ИТ-експерти, лекари, медицински сестри – одат во Германија, Австрија или Велика Британија’, вели Хелене Кортлендер, раководителка на канцеларијата на фондацијата ‘Фридрих Еберт’ во Софија. ‘Други одат да работат на полињата во Шпанија или Грција.’ Главна причина се повисоките плати. Бугарија важи за најсиромашна земја во ЕУ. Платите се ниски. Минималната плата изнесува 1,42 евра за работен час, а ваква плата добива околу една четвртина од работниците. Но многу подобро не се платени ниту стручњаците, пред сѐ оние во здравството. ‘Еден лекар заработува просечно околу 900 евра, а многумина заработуваат и помалку’, објаснува Кортлендер. ‘Од тоа може да се живее, но јасно е дека овие луѓе ќе го фатат првиот воз во насока на Запад доколку за тоа им се пружи прилика.’
Само во Германија живеат околу 260.000 Бугари… Голем е и бројот на студентите. Со околу 7.000 студенти, Бугарите се една од најголемите групи странски студенти во Германија. А, родителите буквално ги тераат децата надвор и вџашени се ако тие некогаш изразат желба да се вратат назад. Се плашат дека децата им потфрлиле во странство. Но, во меѓувреме има и вакви случаи. Георги Вулџев е пример за тоа. Студирал економија во Велика Британија, зборува перфектно англиски и имал можност да добие добро платена работа каде било во светот. Но, 23-годишникот свесно одлучил да се врати назад, во Бугарија.
‘Можеби звучи чудно, но јас сакам да направам нешто за својата земја’, вели тој. ‘Сакам да помогнам за работите овде да тргнат нанапред.’ Тој работи за невладина организација која се залага пред сѐ за економски реформи.
Но, има и друга причина за враќање, а нејзе многу добро ја опишува една стара бугарска поговорка: ‘Последен во град, прв во село’. Зашто, во странство секој образуван Бугарин е само еден од многуте, мора да конкурира за добро платени работни места со стотици илјади луѓе. Во татковината, наспроти тоа, сите врати се отворени…
… Сепак, и натаму релативно мал број навистина се враќаат. Од неодамна Владата се обидува да го запре намалувањето на бројот на населението со тоа што носи луѓе од други земји, но не бегалци, против кои во Бугарија има големи задршки. Порадо се обраќа кон Македонија,Молдавија или Украина, каде има мали бугарски малцинства. Тие профитираат од поедноставените услови за добивање државјанство. Но, кога еднаш ќе добијат државјанство и бугарски пасош, тие автоматски стануваат и граѓани на Европската Унија. Тогаш можат едноставно да продолжат натаму. Зашто и тие брзо сфаќаат дека Бугарија е можеби поатрактивна од Молдавија или Украина, но Германија, економски, е сосема друга лига“, пишува „Велт“.
Статистичката служба на Европската унија, Евростат, во најновиот извештај за благосостојбата во земјите членки на Унијата наведува дека Бугарија, според потрошувачката по глава на жител, се наоѓа на последното место. Бугарите имено во изминатата година трошеле 47 насто под просекот на ЕУ. Хрватска на индексот на благосостојба во ЕУ се најде на претпоследното место. Во оваа земја во минатата година вистинската индивидуална потрошувачка (АИЦ), како мерило за куповната моќ, беше 41 насто пониска од просекот во ЕУ, покажуваат првите проценки на Европскиот завод за статистика за 2016. година, кои повторно потврдуваат големи разлики во куповната моќ меѓу земјите членки на Унијата.
Луксембург имено ја задржа водечката позиција на списокот на земјите од ЕУ на индивидуална потрошувачка по глава на жител од 32 отсто над просекот во Унијата, што е сепак за 5 процентни поени помалку отколку во 2015. година, стои во извешатјот на Евростат. Следуваат Германија и Австрија со потрошувачка по глава на жител од околу 20 насто над просекот, додека Велика Британија, Данска и Финска ја предводат групата на земји во кои потрошувачката во 2016. година беше од 10 до 15 отсто над европскиот просек.
Во Италија, Ирска и Кипар е забележана потрошувачка под европскиот просек, а таа изнесува 10 проценти или помалку. Чешка, Грција, Словачка, Полска и Словенија се во групата на земји со потрошувачка од 20 до 25 отсто под просекот на ЕУ.
Потрошувачка околу 30 до 40 насто под просекот забележаа Естонија, Латвија, Унгарија и Романија, додека Хрватска и Бугарија се на дното со потрошувачка повеќе од 40 отсто под просекот на ЕУ, според податоците на Евростат за 2016. година.
Голема разлика меѓу земјите во ЕУ потврдува и показателот за Брутодомашен производ по глава на жител како мерило за куповната моќ. И во оваа категорија последното место го зазема Бугарија со 52 отсто под просекот на ЕУ, додека Луксембург е прв со 167 отсто над европскиот просек, се вели во извештајот.
Ирска забележа БДП по глава на жител 77 отсто поголем од европскиот просек, додека Германија, Австрија, Данска, Холандија и Белгија се во групата на земји каде што БДП е 20 и повеќе проценти над просекот во Унијата.