Сите пишани предлози дадени од време на време од медијаторот беа сериозно земани, разгледувани и иако не беа прифатени како целина, претставува добра основа за идна дискусија, а на крај, и сама рамка на финалниот договор, вели Нимиц.
Како позитивен аспект од процесот на преговарање, Нимиц, го издвојува фактот што двете страни целосно го прифатиле и почитувале напорот на ОН, именувале високи дипломати за преговарачи и учествувале на редовни состаноци, неформални средби и формални директни средби и разговори.
– Сите пишани предлози дадени од време на време од медијаторот беа сериозно земани, разгледувани и иако не беа прифатени како целина, претставува добра основа за идна дискусија, а на крај, и сама рамка на финалниот договор, вели Нимиц.
Според Нимиц во текот на 24-годишните преговори имало периоди кога немало сериозни преговори, како што е воениот конфликт во 2001 година, грчката финансиска криза во 2010 година или во периодот на изборите.
– Спорот немаше непријателско однесување и односите меѓу Грците и нивните северни соседи беа сосема добри на лична основа. Македонците продолжија да патуваат во голем број на одмор во Грција. Грците одеа на север да пазаруваат и скијаат. Грчките бизнисмени и банки се меѓу најголемите странски инвеститори во новата држава. Луѓето од двете страни посакуваа отворање на границите и попријателски односи. Сепак, кога луѓето од двете земји ќе се сретнеа на индивидуално ниво избегнуваа да зборуваат за „Македонија“. Националистичките ставови беа силни меѓу обичните луѓе од двете страни, оценува Нимиц.
Позитивно во процесот, според Нимиц е конструктивноста на останатите страни во спорот, каде меѓународната заедница сакала решение и дипломати од САД, Германија и ЕУ, но и од Велика Британија, Австрија, Словенија и нордиските земји се вклучувале на позитивен начин од време на време, без да зафаќаат страна. Како особено важни ги посочува и заложбите на еврокомесарот Јоханес Хан и промоцијата на членството на земјата во ЕУ во финалните години пред договорот, како и конструктивниот став на албанските партии за решавање на спорот.
Прашањето на време – кој добива и кој губи
Прашањето „На чија страна е времето?“, како што вели медијаторот Нимиц, често го раговарал со двете страни во речиси 25 годишниот мандат и понекогаш изгледало како тој лично да притиска повеќе за изнаоѓање на решение од самите страни инволвирани во спорот – нешто што не било добар знак.
По потпишувањето на привремената спогодба во 1995 година стратегијата на Скопје, според Нимиц, била да ги зајакне своите политички и економски институции, да се справи со внатреетничките тензии и да добие широко меѓународно признавање на уставното име.
– Амбасадорот Иван Тошевски во приватен разговор ми ја кажа стратегијата на Скопје: „Се повеќе држави го прифаќаат нашето уставно име „Република Македонија“ за билатерална употреба, никој не го зема сериозно „поранешна југословенска Република Македонија“, познати медиуми не адресираат со „Македонија“ и грчкото јавно мислење на спорот како да станува поумерено“. Според него, времето сигурно беше на страната на Скопје, пишува Нимиц.
Грчката страна, според медијаторот, исто така немаше потреба од брзање, бидејќи секое компромисно решение би било непопуларно.
– Како што ми објасни нивниот преговарач амбасадорот Адамантиос Василакис – ниту една грчка влада нема да потпише договор што нема да биде поддржан од главната опозициска партија или во спротивно ќе ги загуби следните избори –што се покажа дека бил во право. Договор прифатлив за Грција мора да предвидува промена на името на северниот сосед за домашана и меѓународна употреба и други гаранции за иридентизмот, пишува Нимиц.
Според грчкиот преговарач, Грција можела да чека бидејќи била во подобра позиција – членка на НАТО и ЕУ, со вето во двете организации и времето јасно било на нејзина страна.
– Реалноста беше поинаква, особено од мој агол. Поради дведецениското одложување Скопје загуби можност за членство во ЕУ заедно или веднаш по Хрватска. Изгледа е јасно дека Скопје ќе мора да направи отстапка за името. Затоа и сметав дека е подобро да премине преку тоа и да се стане „нормална“ држава што е можно побрзо. За Грција, исто така, беше од корист што побрзо да се надмине овој непријатен спор. Грчките безбедносни приоритети се со Турција, а брзото надминување на проблемот со својот помал северен сосед може брзо да стане и поддржувач и пријател на Грција, пишува Нимиц.
Моите стравови и се остварија, вели медијаторот Нимиц, особено што ЕУ во 2020 година е значително поинакво место во однос на политиката на проширувањето и Западниот Балкан конкретно, за разлика од експанзивниот став во претходните дваесет години.
– Стратешката цел за членство во ЕУ на Република Северна Македонија сега е отворено прашање, па дури и со целосна поддршка од Грција по Договорот од Преспа, заклучува Нимиц.
Реафирмирање на прашањето: Принципот на аверзија од загуба
Стратегијата на преговорите, вели тој, беше да се разбие острата разлика во перцепциите за спорот, да се идентификуваат перцепциите кои водат до доминирање на принципот на аверзија на загуба кај двете страни и да се направи обид за преиспитување на прашањето.
-Ова преиспитување беше само делумно успешно и мора да се признае дека и во двете држави голем број од граѓаните на Договорот го гледаат низ призма на загубеното. Како и да е верувам дека значително се намали интензитетот на аверзијата кон загубата за време на преговорите, но беа потребни 20 години за реафирмирање, како и ефикасни и посветени политички лидери од двете страни, вели Нимиц и во тој контекст се осврнува и на заложбите на поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, но и на двајцата поранешни премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев.
Нимиц во својата анализа ги посочува различните перцепции на двете страни за спорот. Дава кус осврт за тоа како спорот бил перцепиран во нашата земја.
-Тие живееле во Социјалистичка Република Македонија, република во Југославија, од завршувањето на Втората светска војна и со независноста тие логично и легално го присвоија името Република Македонија. Како да го сменат името? Како народ тие се идентификуваат себе си како Македонци, како што тоа го правеле нивните родители, нивните баби и дедовци, претходните генерации. Тие имаат уникатен јазик на кој се гордеат и книжевна традиција, а јазикот е македонски, препознат насекаде во светот како нивни јазик. Се на се Македонизмот е во сржта на идентитетот. Како можат да се откажат од тоа? Како може некоја друга земја, наречена Грција и чии граѓани се Грци, да им кажуваат како да се нарекуваат себе си? Како што ми кажа едно младо момче: „Наутро станувам и кога се бричат, се гледам во огледало и си велам себе си „Јас сум Македонец. Што да кажам утре кога ќе ми го одземат идентитетот?“, пишува Нимиц.