БЕСА АРИФИ
Греши Мицкоски кога ги споредува двата процеса. Да беше процесот за 27 април Нирнбершки процес таму ќе имаше осврт и за улогата на партијата ВМРО-ДПМНЕ во тојпроцес, имајќи ги предвид сведоштвата според кои наредбите за настаните од тој ден доаѓале од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Само да потсетам дека после Втората светска војна, Национал-социјалистичката партија на Хитлер носела и одговорност како правно лице и била донесена одлука со која истата се распуштила
Вкупно 214 години затвор за 16 осудени лица во случајот „27 април“ од 2017 година. Велат казните биле драконски. Како да може воопшто да постојат казни кои се драконски за осудени за облик на теоризам. Како да се заборава што точно се случи тој крвав четврток, како да се
занемарува фактот што лица од државниот врв дрско организираа и изведоа напад во законодавниот дом на државата со цел да спречат мирен трансфер на власта по слободни и демократски избори.
Тоа во Кривичниот законик се вика „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ и сега има 16 лица првостепено осудени за тоа дело. Тоа никаде во светот не се вика највисок акт на патриотизам. За таков акт се носи сериозна одговорност, како што секогаш се носи таква одговорност кога се зборува за било кој облик на делото тероризам. За друго дело на тероризам, некои други лица за настаните во Куманово пред некое време добија вкупно 746 години затвор, бидејќи тероризмот не е шега и не е обично насилство туку многу повеќе од тоа.
Изречените 214 години се далеку над очекувањата на Христијан Мицкоски кој пред некој ден изјави дека очекува околу 100 години вкупна казна затвор за обвинетите во случајот „27
април“. И тоа му се гледаше многу, па отиде до таму што го спореди целиот процес за овој
случај со Нирнбершкиот процес кваликувајќи го како „осветољубие и ништо друго“. Оваа
изјава на Мицковски е сериозно проблематична поради две работи:
- Правејќи паралела меѓу двата процеса, Мицкоски всушност ги поистоветува обвинетите во случајот „27 април“ со тие во Нирнбершкиот процес. Сите знаат дека во Нирнбершкиот процес се судело на државниот врв на Третиот Рајх, високи претставници на Национал-социјалистичката партија на Хитлер за тешки дела против човештвото, луѓе кои светот ги познава како „нацисти“.
Да кажеш дека положбата на обвинетите за настаните од 27 април и осудените во Нирнбершкиот процес е иста значи да кажеш дека и овие од 27 април биле нацисти. Додуша знаци на нацизам отсекогаш се гледале во протестите организирани од ВМРО-ДПМНЕ, како што беа слоганите „гасни комори за шиптари“ во протестите од деведесеттите и извикувањата „нека знаат клетите шиптари, македонско име нема да загине“ и „чиста Македонија“ кои се слушаа првиот ден на протестите од 2017 година кои завршија со напад на Собранието, а за кои горенаведените лица се првостепено осудени за облик на тероризам. Но, сепак, ова е првпат самиот лидер на ВМРО – ДПМНЕ доброволно да стави таква паралела што ги прави тие осудени да се поистоветат со нацисти.
- Правејќи паралела помеѓу двата процеси и нарекувајќи ги и двата процеси „осветољубие и ништо друго“, Мицкоски всушност, правниот процес што можеби е најважниот во новата светска историја, го прикажува како прекршување на човекови права и освета кон некои невини лица. Епа нацистите биле далеку од такви невини лица какви што ги замислува Мицкоски.
Да го опишеш процесот со кој се воспостави принципот на носење на одговорност за меѓународни злосторства како „осветољубие“ е навистина голем проблем и опасна изјава која може да се толкува како директна поддршка на фашистички и нацистички тези. И да потсетам, било какво негирање или глорифицирање на геноцидот и другите
меѓународни злосторства или нивно било какво релативизирање или оправдување е кривично дело не само во нашиот Кривичен законик, туку во повеќето европски и светски кривични закони. А Холокаустот бил геноцид, геноцид за кој токму тие нацисти во Нирнбершкиот процес носеле одговорност и биле осудени на тешки казни.
Уште поинтересен ми е фактот што пред некој ден и кандидатката за претседател на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, која ја има поддршката токму на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ, во телевизиска емисија изјави дека немало Нирнбершки закони, имало Нирнбершки процес.
Епа токму на факултетот во кој почитуваната професорка предава, ние како студенти сме учеле и за Нирнбершки закони, и за Нирнбершки правила и за Нирнбершки процес, кои се сите посебни поими разликата меѓу кои може многу лесно да се види со наједноставно пребарување на Гугл. Да не зборувам дека тие факти се наоѓаат во секој учебник по меѓународноказнено право или човекови права особено во тие дебели книги што токму дотичната професорка милува секогаш да ги цитира.
Затоа не ми е јасно како може да се негира општо познатиот факт дека не само што постоеле Нирнбершки закони, туку дека тие биле легална основа на извршување на процесот што светот го познава како Холокауст.
Имено, се работи за закони донесени во времето на Третиот Рајх, кога Хитлер и неговата Национал-социјалистичка партија беа на власт, а со кои закони таа власт на легален, уставен и законски начин, истакнувам на ЛЕГАЛЕН начин, извршила геноцид кон Евреите, Словените, Ромите, хомосексуалците, инвалидите и сите други групи на луѓе кои Хитлер и неговата партија ги сметале за не-луѓе или за припадници на не-ариевски раси.
Инаку, Нирнберг се смета за колевка на Национал-социјалистичката партија која ги донела тие Нирнбершки закони, па затоа по завршување на Втората светска војна се одлучило седиштето на Меѓународниот воен трибунал да биде токму во Нирнберг со цел да се испрати пораката дека таму каде започнал тој морбиден и грозоморен процес кој оставил длабока дамка во историјата на човештвото таму и да заврши со носење на одговорност за истиот. Седумте правила според кои име се судело на нацистите во тој Нирнбершки процес се познати како Нирнбершки правила и во 1947 година биле преземени од Генералното собрание на ООН како општи правила за одговорност за меѓународни злосторства.
Греши Мицкоски кога ги споредува двата процеса. Да беше процесот за 27 април Нирнбершки процес таму ќе имаше осврт и за улогата на партијата ВМРО-ДПМНЕ во тојпроцес, имајќи ги предвид сведоштвата според кои наредбите за настаните од тој ден доаѓале од
седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Само да потсетам дека после Втората светска војна, Национал-социјалистичката партија на Хитлер носела и одговорност како правно лице и била донесена одлука со која истата се распуштила.
Таква одговорност за партиите како правни лица кај нас сè уште нема. Во Нирнбершкиот процес СС и СД трупите на нацистичката партија биле прогласени за криминални организации и биле исто така распуштени. Во објавувањето на пресудата за 27 април слушнавме само за одговорност на физички, не и на правни лица, кои според член 313 на нашиот законик не одговараат за такво дело. Затоа паралелата на Мицкоски не е добра. Да беше точна таа паралела можеби тој немаше да има партија за да ја води.
Има уште една работа за која паралелата на Мицкоски не е точна. Имено, луѓето кои биле осудени во Нирнбершкиот процес никогаш не се сметале за херои во германското општество. Напротив, Германците долго време се срамеле од нив. Германското општество машки се соочи со таа одговорност и ја призна истата, по што инвестираше и работеше
многу да се врати на сцена и денес да биде можеби најсилната европска држава и релевантна светска сила.
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се многу далеку од признавањео на таа одговорност, од дистанцирањето од криминалот извршен во нивно име во минатото и од работењето во иднина да станат повторно релевантен политички фактор на ова поднебје. Бидејќи жалејќи се за некои големи неправди кои божем им се случуваат токму на нив и целосно игнорирајќи го фактот на длабоко инволвирање како во случајот на 27 април, така и во сите други криминали кои се случија во државата во времето на нивното, владеење не се оди напред, ниту пак се станува сериозен, одговорен и достоинствен политички фактор на иднината.