ИВИЦА ЧЕЛИКОВИЌ
Некои од најмалите европски земји имаат највисока излезност на изборите, како на пример Малта и Луксембург каде што на ланските избори преку 90 проценти од граѓаните со право на глас излегле на гласачките места. Во Австрија и Холандија околу 80 отсто од избирачите учествуваат на изборите
Во дебатите на македонските телевизии деновиве можеа да се слушнат чудни забелешки и коментари во однос на излезноста на изборите, и тоа дури и од некои од најекспонираните новинарски фигури. Всушност, дека исклучително ниската излезност во првиот круг на претседателските избори во Македонија, одвај нешто повеќе 40 проценти, не би требало да се смета за посебно загрижувачка бидејќи и во западните земји одзивот на гласачите не достигнува некои посебно повисоки нивоа.
Таквите тврдења се погрешни и создаваат лажна претстава околу карактерот на изборите и мотивираноста на избирачите да гласаат. Некои од најмалите европски земји имаат највисока излезност на изборите, како на пример Малта и Луксембург каде што на ланските избори преку 90 проценти од граѓаните со право на глас излегле на гласачките места. Во Австрија и Холандија околу 80 отсто од избирачите учествуваат на изборите.
Сличен одзив е редовно присутен и на скандинавските избори, со кои во Македонија почнаа да се прават споредби. Во Данска и Норвешка гласаат над 80 проценти од избирачите, а во Шведска лани излезноста достигна рекордно ниво од преку 87 проценти. Тоа, се разбира, е важен индикатор како функционира демократијата во овие земји, и во колкав обем избирачите се поттикнати да го дадат својот глас, уверени дека со тоа даваат придонес и се определуваат да поддржат партии кои нудат најсоодветни решенија за нивниот секојдневен живот и воопшто за развојот на општеството. Одговорноста на партиите и нивните предизборни ветувања имаат висоак цена, и се постојано под лупата на јавноста и медиумите во целиот постизборен период.
Изборната апстиненција доаѓа до израз пред сè во источноевропските земји, кои по високата мотивација за гласање по падот на комунизмот и воведувањето на демократијата, во последните години бележат опаѓање на излезноста на гласачите. Нешто повеќе од 50 проценти во Полска, Србија, Словенија и Хрватска, околу 45 проценти во Албанија и Косово, па до рекордно ниската излезност од 39 проценти на последните избори во Романија, а што е веќе на граница на длабока политичка апатија. Кон тоа друштво сега се приклучува и Македонија со своите 40-ина проценти излезност на првиот круг од претседателските избори.
Во голем број политиколошки истражувања и постизборни анализи во Европа често се поставува прашањето кој добива, односно кому му оди во прилог ниската излезност? Искуствата укажуваат дека нискиот одзив за учество на избори во основа води кон поголеми разлики во ставовите и мислењата меѓу оние што гласаат и оние што покажуваат склоност кон незаинтересираност, рамнодушност и изборна апстиненција. Иако тоа, чисто теоретски гледано, и не мора да биде така. Но на избори со низок одзив на избирачи најдалеку од гласачките кутии остануваат токму групи кои мошне тешко се мобилизираат во предизборната кампања. Или групи кои би можеле да бидат помасовно мобилизирани, доколку изборната температура и ентузијазмот, како и кредибилноста на политичарите, би биле на повисоко ниво.
Ниската излезност е закана за демократијата, во услови кога избирачите чувствуваат дека нивниот глас нема никакво значење и не може ништо да смени. Кога гласањето е доброволен избор, а веројатноста дека индивидуалниот глас ќе направи разлика екстремно ниска, и најмалиот напор – како губење време да се оди до гласачкото место и да се застане во ред пред да се предаде гласачкото ливче – е доволен за изборниот процес да се чини ирационален. Се разбира, доколку многумина мислат така, тогаш малцинство на населението добива решавачко значење за иднината на земјата, а како последица на тоа е – незадоволно мнозинство.
Токму затоа, доколку се сака да се избегне малцинство да решава за избор на политички репрезенти, пожелно е да се тежнее кон висока излезност на изборите.
Апстиненцијата, како што забележува претседателската кандидатка Силјановска-Давкова, е модерна болест која укажува на болеста на демократијата и е синоним за криза на претставничката демократија која зачука и на македонска врата.
Доколку за позитивно решение би можело да се гледа во насока на воведување на задолжително гласање, дефинирано како граѓанска обврска, а кое во разни форми се спроведува во низа земји во светот, моментот на оправданоста би бил дека со таквиот чекор не се подобрува само функционирањето на демократијата. Туку дека со тоа едновремено се изнудува поддршка за владејачкиот општествен систем, така што оние што апстинирајќи од избори се дистанцираат од демократијата стануваат принудени да ја изразат својата поддршка за неа – независно и наспроти своето убедување.
Дали тоа е добар аргумент, би можело да биде предмет на подетална дискусија. Но во секој случај, со помасовна, висока излезност, наместо раширената апатија и разочараност од политичарите и политичките партии, на изборите се отвораат можности во преден план до израз да дојдат пред сè – интересите на граѓаните.