Падот на шеќерот во крвта (хипогликемија) е голем проблем за пациентите што примаат инсулин или други лекови за дијабетес. Треперење на телото, несвестица, збунетост, се некои од симптомите кои укажуваат на пад на шеќерот во крвта. Примената на правилото 15/15 може да го закрепне пациентот и да спречи кома, па дури и смрт.
Соодветното количество шеќер му обезбедува енергија на телото. Гликемијата е термин кој го означува нивото на гликоза, главниот шеќер во крвта. Проблемите се јавуваат кога нивото на гликоза е премногу ниско или превисоко.
Нормалните вредности на шеќер во крвта на гладно се од 3,9 до 6,1 mmol/l. Повисоките нивоа укажуваат на преддијабетес (кога нивото на шеќер сè уште не е доволно високо за да се смета за дијабетес), или дијабетес. Дијабетесот е хронична, доживотна болест која може да предизвика сериозни компликации – оштетување на нервите и на виталните органи. Многу е важно пациентите да применуваат терапија по препорака на лекарот – лекови, одредена исхрана, физичка активност.
ШТО Е ХИПОГЛИКЕМИЈА? Лекарите прецизираат дека хипогликемијата е состојба во која вредноста на шеќерот во крвта е помала од 3,7 mmol/l. Состојбата е многу сериозна и може да доведе до губење на свеста или, во најтешките случаи, до трагичен исход.
Падот на шеќерот во крвта кај дијабетичарите може да биде несакана реакција на употребата на лекови за контрола на дијабетесот со инсулин и сулфонилуреа, иако некои други лекови како што се бета-блокаторите и одредени антибиотици може да го намалат шеќерот во крвта кај пациенти кои се лекуваат од дијабетес.
Пад на шеќерот може да се случи и кај луѓе што немаат дијабетес. Оваа состојба е ретка и се јавува во две форми: реактивна хипогликемија и хипогликемија на гладно. Реактивна хипогликемија се забележува по оброк со висока содржина на јаглехидрати, a лекарите велат дека е почеста кај пациенти со преддијабетес или по операција на желудникот. Хипогликемијата е состојба предизвикана од глад. Се јавува и по консумирање алкохол, некои лекови, или кај болести како што е туморот на панкреасот.
СИМПТОМИ НА НИЗОК ШЕЌЕР Падот на шеќерот во крвта е проследен со симптоми како што се тремор на телото, глад, замор, слабост, тешкотии со видот, неможност за одење, несвестица, потење. Пациентот зборува тешко и нејасно, раздразлив е, може да ја изгуби свеста.
Во вакви ситуации потребно е што поскоро да се реагира, доколку е можно, добро би било да се провери нивото на шеќер. Правилото 15/15 може да помогне брзо да го вратите шеќерот во нормала. Пациентот треба да консумира 15 грама едноставни јаглехидрати. По 15 минути од внесот на едноставни јаглехидрати, се проверува нивото на шеќер. Ако шеќерот е сè уште низок, пациентот консумира уште 15 грама јаглехидрати, додека не дојде до скок на шеќерот во крвта.
Што да правиме кога шеќерот ќе се врати во нормала?
Следниве намирници содржат 15 грама едноставни јаглехидрати: чоколадо во количина од 30 грама, банана или круша 150 грама, јогурт или млеко во количина од 2 децилитри, овошен сок 1,5 децилитри, 4 коцки шеќер, кока-кола 1,5 децилитри, сендвич од 30 грама леб и 30 грама сирење, лажичка мед, бонбони. Гликозата може да се зема и преку специјални таблети или гел.
Откако ќе се појави скок на шеќерот, треба да јадете редовен оброк за да бидете сигурни дека падот на шеќерот нема да се повтори.
ИНЈЕКЦИЈА ЗА ТЕШКА ХИПОГЛИКЕМИЈА Кога има пад на шеќерот, можно е да се користи и глукагон, кој е достапен во форма на инјекција. Лекарите објаснуваат дека глукагонот е наменет за итна употреба кај деца и возрасни кои имаат дијабетес мелитус и се лекуваат со инсулин. Глукагон се администрира ако пациентот се онесвести поради низок шеќер во крвта и не може да јаде шеќер. Оваа состојба се нарекува и тешка хипогликемија. Соодветната доза на лекот се инјектира според упатството, а неопходно е лицето да лежи настрана за да се избегне задушување.
Кога пациентот ќе се освести, добро е да јаде оброк со многу шеќер (овошен сок, слатки, бисквити), за да се спречи повторно паѓање на шеќерот. Би било пожелно членовите на семејството, луѓето кои работат со пациент кој се лекува од дијабетес, да знаат како да го применат овој лек, кој може да ѝ го спаси животот на личноста. Ако се појави сериозна хипогликемија, а не знаеме како да му го дадеме овој лек на пациентот, треба да повикате брза помош што е можно поскоро.
Хипогликемијата е сериозна состојба, па затоа треба да ги препознаеме знаците на низок шеќер во крвта. Добро би било кога би знаеле да помогнеме или да повикаме брза помош што е можно поскоро. По секое паѓање на шеќерот, кога малку ќе закрепнат, пациентите мора да одат на лекар. Добро би било пациентите секогаш да имаат некакви бонбони со себе, или доволно е да испијат половина шолја овошен сок за да се разбудат. Едноставните јаглехидрати, кои се наоѓаат во слатките овошни сокови и слатките, брзо се апсорбираат и можат да го подигнат шеќерот во крвта за 15 минути.