ДЕНКО МАЛЕСКИ
Живееме во демократија која дава уставно и законско право на несогласување. Нашата состојба на умот е исклучива, токму како во нашата југословенска песна: „кој зборува поинаку, клевети и лаже“. Оттаму, ниту имало ниту ќе има согласност меѓу двете македонски партии,околу македонско-бугарската тема. Да се прифати таа реалност и да се направи чекор напред е подвигот за државното раководство на Македонија денес
Ниту една голема одлука од независноста па до денес не е производ на согласност помеѓу двете македонски партии – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Влеговме во ОН после една ужасна дебата во Собранието во која најголемата победа, членството во светската организација, беше прогласена за срамен пораз заради референцата ПЈРМ. Не превземајќи ништо да се измени ситуацијата кон правична застпеност на помалите етнички заедници, двете македонски партии придонесоа кон конфликтот од 2001.
Не наоѓајќи заеднички јазик за спорот со Грција околу името на државата и околу историјата, четврт век стоевме во место во евро-атлантските интеграции. Кога се вкрстија интересите на големите сили врз нашиот регион и ни се отвори патот кон НАТО, со одобрение од Западот, и со „балканските методи“ на уцени и поткуп го направивме тој чекор напред. Сето тоа се случуваше наспроти укажувањата дека, во секоја демократска држава, вакви големи одлуки се носат со взаемна согласност меѓу партиите во парламентот и сосгласно демократските вредности.
Можеби е така во некои држави, но кај нас не е така. Да се каже дека најновиот предизвик со Бугарија мора да го решат заедно СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ зашто не е решлив поинаку, е погрешно. Така, се разбира би било најдобро, но дали е можно? Тоа ме враќа во времето кога нешто слично му кажав на претседателот Глигоров. Имено дека е потребен конзенсус помеѓу партиите за влез во ОН. Таков консенсус не е можен, беше неговиот одговор.
Соочувајќи се со проблемот со Бугарија, повторно се бара консенсус меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Заговорниците, некои од нив доблесни луѓе, не ја прифаќаат реалноста дека тоа не е можно. Качени високо на една морална платформа одбиваат да ја прифатат реалноста. Мислат дека преговорите со ЕУ треба да се одложат за некои подобри времиња, додека не се постигне таа домашна согласност. Но, светот нема да не чека ниту е можна таква согласност дома, ни порачува првиот претседател. Глигоров, искусен политичар и светски човек, не беше таков каков што го прогласуваат некои денес, во обид да ја намалат вредноста на денешните носители на власта.
Не беше обединител меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и не успеа да произведе консенсус меѓу македонските партии за членство во ОН. Зошто? Тој самиот кажа: тоа не е можно. Да имаше илузии дека е можен консенсус, можеби и денес ќе стоевме пред портите на светската организација или, поблиску до вистината, ќе не немаше на картата на светот. Наместо тоа, ја внесе државата во ОН со привременото име за кое рече ќе траело само неколку месеци, кои станаа 25 години.
Што се не беше речено против него. Ама, Македонија беше зацртана во картата на светот, ја доби својата легитимација како учесник во меѓународните политички и економски односи, се консолидира и внатрешно и надворешно и преживеа. Никаде нема да најдете потпис на првиот претседател под референцата Поранешна југословенска република Македонија, но нашата делегација си го зазеде своето место во големата сала на народите во светот во Њујорк. Пред нас беше испишано привременото име на нашата држава. Не е баш принципиелно? Хмммм… Да, но затоа, македонскиот народ и другите национални заедници добија своја независна и суверена држава. А референцата за три месеци? Кој уште се сеќава на такви дребулии. Она што ќе остане запаметено во историјата е дека Македонците добија своја држава. Исто и со членството во НАТО.
Исто и со идното членство во ЕУ. Се ќе покрие пепелта на времето. Ќе остане само една црвена нишка која ќе ја кажува приказната за успехот на една од најмалите нации во Европа која на мирен начин се одвоила од југословенската федерација, се трансформирала во мултинационална демократија, станала членка на НАТО и на ЕУ и ја сочувала својата држава и националниот идентитет на своите народи. Ќе ја каже и приказната за некои од нејзините водачи кои, иако свесни за непопуларноста на нивните одлуки, пометнале грб.
Живееме во демократија која дава уставно и законско право на несогласување. Нашата состојба на умот е исклучива, токму како во нашата југословенска песна: „кој зборува поинаку, клевети и лаже“. Оттаму, ниту имало ниту ќе има согласност меѓу двете македонски партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ околу македонско-бугарската тема. Да се прифати таа реалност и да се направи чекор напред е подвигот за државното раководство на Македонија денес. Кога би постоела таква согласност „и баба ми би можела да води држава“, би рекле децата од моето маало.