Земјите од ЦЕФТА треба да се тестираат за својата способност да бидат дел од ЕУ преку една помала економско-трговска заедница. Но, размената на стоки и капитал е речиси симболична а повредите на слободниот тек на стоки многу честа а од страна Косово речиси постојана. Што зборува тоа за нашата израснатост за егзистенција во уште посложена заедница? Впрочем, југо-сферата комотно постои во сферата на мафијата и криминалот
ЉУБИМИР КОСТОВСКИ
Актуелната криза со ставањето на одредбите на ЦЕФТА ад акта од страна на властите во Приштина, која воведе такси за увоз на стоки од Србија и БиХ во висина од 100 отсто, прилично ги возбуди духовите на Балканот. Впрочем, тоа со постоење на одредби на ЦЕФТА не е почитување на обичен механизам, туку еден вид на претсобје кој треба да се мине за да се аплицира „со полно име и презиме“ за влез во Европската унија. Многу од денешните членки на Унијата веќе го минаа тој тeст преку членството во т.н. Вишеградска група, која е дел од ЦЕФТА механизмот кој ја регулира трговијата која нема да има многу граници и бариери.
РЕЦЕПТОТ НА ТИМ ЏУДА Во 2009 година таа идеја за создавање на постабилна трговска унија меѓу земјите-кандидати за влез во Унијата ја лансираше познатиот познавач на балканските состојби Тим Џуда од лондонски „Економист“ пишувајќи за создавање на т.н. Југо сфера, во која не би биле Словенија и Хрватска, како поранешни членки на Федерацијата а сега веќе земји членки на Унијата а би влегле земјите како Молдавија, Албанија и Косово.
Текстот кој беше објавен во „Економист“ на 20 август 2009 година и кој го искоментиравме тогаш во Глобус, не наиде кај нас на голем одек. Многу земји рекоа дека тоа е како создавање на „ново Јајце“, односно им мириса на некаква нова, скусена Југославија, иако овој сојуз е само економско-трговски и би се рекло повеќе трговски отколку економски. Зошто би се плашеле од такви заедници ако и други земји, главно дел од Источна Европа, го минале тој приод и докажале СО ФУНКЦИОНИРАЊЕ низ нив дека се готови да одат понатаму?! Тоа така и било сфатено во Брисел. Главно во другите земји членки на ЦЕФТА таа, како што ја нарече Тим Џуда – Југо-сфера имаше негативен одек. Некои опозициски пратеници а денес членови на новата македонска Влада ми рекоа дека „ние си ја имаме ЦЕФТА“ одбивајќи го тоа „мини Јајце“ и тоа е доволно, несогледувајќи дека и тогаш, пред девет години, таа „дружина“ не беше успешна. На пример уште тогаш Македонија ја изгуби целосно Албанија како партнер за градежниците, кои пак имаа позитивни искуства во оваа земја?! И тоа токму кога започна најголемата експанзија на градежни активности во Албанија, која претходно (април 2008) влезе во НАТО. Секако, другите мали и неискусни претприемачи беа помоќни на терен, штом насетија мирис на големи пари. Или, македонските овошни производи и свежото овошје не можеа да припарат во БиХ. А тоа беше кршење на основните правилана земјите на ЦЕФТА. Тоа беа и докази дека во Jуго-сферата работите не врвеа како што беше за очекување.
ПОВРЗАНОСТ НА ПОРАНЕШНИТЕ БРАЌА „Оваа тема за обновената дружба, сведена само на економско обединување на југоистокот на Европа, секако ја разглобуваат многумина после написот во лондонски Економист, со кој се отвора темата за стопанските релации меѓу членките на некогашна СФРЈ, што спонтано, самите, си ги рушат границите воспоставени пред две децении” – стоеше во уводот на таа тема на новинарот Џуда. За југосферата се говореше и во Сараево, Загреб, Белград… па и во Скопје, иако заради тоа што приказната за „новото Јајце” не е нова, ниту посебно оригинална, не го предизвика шокот од нејзината поагресивна пројава во 1996 или 2006 година.
Иако текстот во „Економист” главно констатираше состојби на непоматена поврзаност на некогашните „браќа” во Титова Југославија, во која учествуваат и големите и мали фирми, аграрот и високата технологија, но и криминалот и шверцот од секаков вид, тој тера на размислување околу можноста сам по себе да претставува некаква порака на Западот. Тој текст во угледниот магазин се совпаѓаше со европските ветришта, се велеше тогаш а во 2009 година се прашувавме дали еврокомесарот Хан, кој потоа официјално ја изнесе оваа идеја за обнова на југо-сферата, намирисал низ ходниците на берлинската администрација дека таа идеја може да се реобнови, што пак носат вести дека на разединетиот Балкан не му е место во ЕУ, посебно со порастот на моќта на оние сили во Брисел кои сметаат дека Југоисточна Европа треба подолго време да чека пред вратите на Унијата?!
ШТО ПРЕТСТАВУВА ЦЕФТА? Централно-европскиот договор за слободна трговија, познат како ЦЕФТА е мртов, соопштија неодамна и во Стопанската комора на Македонија. Несомнено дека тоа е голема трагедија со балканските земји, кога не знаат да ги искористат предностите коишто ги имаат со него. Ваква е оценката на претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, коментирајќи ги последните трговски тензии меѓу Косово, Србија и Босна и Херцеговина.
– Осум отосто имаме пад во размената изминатиот период и тоа е доволен индикатор дека тој договор е мртов. Тоа треба само да се констатира. Тоа значи дека ако ви кажам податок дека размената во идната година со Германија ќе достигне преку 4 милијарди, а ако со првиот наш сосед имаме амо 300 милиони размена, сè сум ви кажал…, изјави Азески.
Српскиот министар за трговија Расим Љајиќ најави дека следната недела ќе се сретне со колегата од БиХ, Мирко Шаровиќ со цел да побараат од Европската комисија да реагира на мерката на Косово за зголемувањето за 10 отсто данок за стоките од Србија и БиХ.
ЦЕФТА (англиски: Central European Free Trade Agreement -CEFTA) е трговски договор помеѓу Албанија, Босна и Херцеговина, Република Македонија, Молдавија, Србије, УНМИК во име на Косово и Црна Гора. Поранешни членови се Полска, Чешка Република, Словачка, Словенија, Унгарија и Хрватска, кои станале чланки на Европската унија. ЦЕФТА ја основале Полска, Чехословачка и Унгарија на 21 декември 1992 во Краков. Подоцна членки станале Словенија (1996), Романија (1997), Бугарија (1998), Хрватска (2002) и Република Македонија (2006).
ЦЕФТА е договор кој денес ја дефинира единствената слободна трговска зона во југоисточна Европа, иако името на договорот го опишува договорот на земјите средна Европа. Првобитниот договор го потпишале земјите од Вишеградската група, односно Полска, Унгарија и Чехословачка на 21 декември 1992 во Краков, во Полска. Договорот стапил на сила во јули 1994.
Сите земји од оригиналниот договор, со исклучок на Македонија, влегоа во Европската унија и со тоа ја напуштија ЦЕФТА. Поради тоа, беше одлучено Договорот да се прошири за да ги покрие и останатите балкански држави, кои веќе створиле матрица на билатерални договори за слободна трговија во рамки на Пактот стабилност во Југоисточна Европа.
На Самитот на премиерите на Југоисточна Европа, во Букурешт на 6 април 2006, е усвоена Декларацијата за проширување, која ќе ги опфати Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Србија, Црна Гора и УНМИК (во име на Косово и Метохија).
ПРИТИСОК Српскиот министер Љајиќ за весникот „Политика“ изјави дека Србија и БиХ сега „ќе вршат постојан притисок врз ЕК да преземе нешто, а во краен случај да признае дека ЦЕФТА веќе не постои“.Тој додаде дека „ова нема никаква врска со економијата, ниту може да се објасни” и оцени дека покрај многу благата реакција од ЕУ, засега нема напредок во решавањето на овој проблем.
– Само Европската комисија може да го запре ова однесување на Приштина, бидејќи ЦЕФТА повеќе не постои или постои во некоја друга форма – истакна српскиот министер. Тој подвлече дека засега нема прецизни податоци за губитоците за српското стопанство.
– И да продолжи трговијата, досегашните загуби некој мора да ги надомести, а можно е тоа да бидат фирмите кои продаваат производи на тој пазар. Конечната цена ќе ја плаќаат купувачите – предупреди Љајиќ.
Во меѓувреме некои бизнисмени од Македонија, главно членовите на Комората на северозападна Македонија, тврдат дека македонските трговци ќе ќарат од економската војна меѓу Србија и Косово
Македонија би можела да ја подобри трговската размена со Косово, откако косовската влада воведе давачки од 100 насто за сите стоки увезени од Србија и Босна и Херцеговина. Упатените потенцираат дека локалните компании во земјава би можеле да ја искористат оваа ситуација и да се обидат да ги извезат токму оние производи кои до неодамна ги извезуваа српските компании.
РЕЕКСПОРТ „Се знае дека Србија многу извезува на Косово, така што Косоварите беа зависни од тие производи. Е сега, ако Македонија се покаже паметна како држава, таа може да направи стратегија за да го освои тој дел што ќе биде оставен пред се од српските компании, помалку од Босна. Таа стратегија треба да се фокусира на субвенционирање на тие гранки каде што Србија имала конкурентна предност“,изјави економскиот аналитичар Висар Адеми.
Според Адеми, потребна е многу добра анализа за тоа што извезуваат Србите, а што купуваат граѓаните на Косово, за да можеме да дадеме нов облик на трговската размена со Косово.
Познавачите велат дека од Србија, Косово најмногу увезува брашно, пченица и пченка, односно истите производи кои ги увезува и Македонија поради недостиг, па оттука е логично дека Македонија нема да може тоа да му го понуди на косовскиот пазар.
„Србија главно извезува брашно, пченица и пченка, а ние истите тие ги увезуваме оти немаме доволно за нас“, вели Вељо Тантаров од Сојузот на земјоделски производители.
Но, она што најверојатно ќе се случува ќе биде реекспорт на производите, велат упатените. Македонија би била транзитната земја преку која македонски компании би ги купувале производите од српските фирми, а потоа истите би ги продавале на косовскиот пазар.
„Сепак, не е тоа начин, ние да се радуваме на туѓата несреќа. Треба да се почитуваат правилата на игра во ЦЕФТА. Ако Косово тоа го прави денеска на Србија и Босна, утре може да го направи на нас. Ние веќе имавме такво искуство кога летово 15 дена нашите земјоделски производи беа царинети со 30 проценти повисоки царини и тогаш претрпевме огромни загуби“, изјави Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата за земјоделци.
ИЗВОЗЕН СТАТУС Економскиот ефект од оваа одлука на косовската влада во однос на Србија и Босна и Херцеговина би бил краткорочен за Македонија, бидејќи ќе ја подобри само трговијата меѓу двете земји, а не и македонското производство, заклучуваат економските аналитичари.
Компаниите, особено извозно-ориентитираните, треба да имаат статус на овластен економски оператор (ОЕО) што ќе им овозможи олеснети царински постапки не само во Македонија, туку и во регионот. Aко компанијата е извозно ориентирана и има ваков статус тоа значи дека нивните производи директно од фабрика со олеснети царински процедури, ќе поминат во Србија, Косово, Албанија и во сите земји опфатени со Западно-балканската иницијатива која ја покрива Берлинскиот процес.
Според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, паралелно со инвестициите во инфраструктурата, треба да се најде и начин што ќе овозможи побрз транспорт на стоката од компаниите надвор од државата.
– Нема никаква логика да инвестирате една милијарда евра во автопатот, а патувањето на стоката би се скратило за 15-20 минути, ако притоа вашите шлепери чекаат на границите пет до шест часа, истакна Анѓушев на денешната работилница за овластен економски оператор во Царинската управа.
ПОЗИТИВНИ ПРОМЕНИ КАЈ ЦАРИНАТА Тој нагласи дека компаните треба да ги препознаат предностите што им се нудат со стекнувањето на статусот на ОЕО и да исполнат соодветни услови, бидејќи тоа ќе им овозможи да бидат меѓународно познати и поконкуретни на пазарите надвор од Македонија.
– Не може да бидете голема индустрија во Македонија, ако не сте извозно-ориентирани, рече Анѓушев, додавајќи дека во последната година извозот е зголемен за 14 проценти, а увозот за 10 проценти. Тоа, според него, е добро и може да се очекува раст од четири проценти на БДП доколку градежништвото заживее, а како што кажа, во август, веќе е забележан раст во гареджништвото од пет проценти во однос на истиот месец од минатата година.
БЕЗБЕДНИ КОМПАНИИ Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски посочи дека главен приоритет на Царината во следната година ќе биде воведувањето на новиот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи.
-Тоа ќе биде позитивен импулс врз царинското работење, а на стопанството ќе му бидат намалени трошоците и времето на чекање во спроведувањето на царинските постапки и формалности, рече Танасоски. Во првиот квартал, како што кажа, ќе се почне со пилот испостави, а докрајот на првата половина на 2019 година ќе се воведе системот на целата територија на Македонија.
Воведувањето, пак, на системот на ОЕО, како што рече, е еден вид на марка на квалитет која ќе биде многу важна за компаниите од Македонија при нивниот настап првично во ЦЕФТА регионот, а потоа во ЕУ и во светот.
– Концептот на ОЕО не значи само дека компанијата е добра само во финансиската страна на работењето, туку и дека работи безбедно и сигурно, согласно признатите европски стандарди и дека со усвојувањето на овој концепт ќе биде препознаена дека ги испорачува сите правила, процедури и препораки кои се бараат во ЕУ и во светски рамки. Овој концепт претставува додадена вредност за самите компании, бидејќи во регионалните синџири за снабдување првично ќе се бараат компании кои испорачуваат сигурност и безбеддност и што е најважно нивните камиони да не чекаат на границите, рече Танасоски и додаде дека сите досега спроведени анкети и анализи покажуваат дека на просторите на Западен Балкан се губи најмногу време во завршување на граничните процедури и формалности.
Значи секогаш има простор за подобрување на размената на стоки во регионот. Ние немаме добри искуства во релациите со Косово, на неколку пати, дури во еден миг имавме целосен едностран прекин на извоз на стоки кон Приштина (!) и тоа не се расчисти никогаш. Меѓи тие инцидентни ситуации, секогаш еднострани, ја имавме и кризата со Рафинеријата ОКТА која во со една анализа би се покажала како исклучување на поранешната југо Покраина од зоната на која слободно може да се продаваат нафтени деривати. Едноставно, Косово се покажува како несигурен партнер, со нестабилно однесување за посеризно „водење на трговија“. Секако дека имаме и негативни искуства и со Србија, неколку пати, кога одредени стоки ни се нудат под форма на уцена – ако не ги земете, ние ќе воведеме санкции кон вас…
Практично, локалните стопанственици се тие кои управуваат со своите влади и ги отргнуваат своите држави дека навистина можат да ја поднесат слободната трговија. А како ќе биде во Унијата? Е затоа не треба да се чудиме на формите на отпор за наш влез таму (и на соседите) кои се кријат под разни превези, кога бараат затворени пазари, во кои тие би царувале со прометот.