Поголемите „ѕверки“ во редот на пратениците од ДУИ и од ВМРО ДПМНЕ практично го бојкотираа изборот на новата гувернерка. Иако таа освои 81 глас, во салата имало одгласи од претходните кавги за оваа функција
Со 81 глас „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, парламентот ја избра неодамна Анита Ангеловска-Бежовска за гувернерка на НБРМ, и тоа за да нема истиот ден кога истече мандатот на досегашниот носител на оваа функција Димитар Богов. Новата – петта гувернерка од независноста на Македонија не само што е прва жена на челната функција на монетарната власт, туку е и прва што е избрана во период на кусотрајна, миговита кохабитација меѓу Владата и шефот на државата. Веројатно, поради тоа чинот на нејзиниот избор суптилно ги исцрта и релациите меѓу политичките фактори кои котираа како „сигурни“ при изборот на новата функција во НБРМ.
Изборот на Бежоска, според новинарите кои ја следат работата во Парламентот, го поддржаа 23 пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, кои се координираа пред самата седница, според неофицијалните информации, во атмосфера на разногласија поради суспендирањето на првиот предлог на претседателот Ѓорге Иванов – за реизбор на Богов. Иако од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека решиле едногласно да ја поддржат Бежоска, на седницата, всушност, гласаа само половина од опозициските пратеници, додека за другите е забележано дека не биле присутни или дека не гласале. Меѓу оние што не учествувале во гласањето има повеќе познати имиња, подигнати носеви имале Антонио Милошоски, Борис Змејковски, Владимир Ѓорчев… како и поранешниот координатор Илија Димовски. Димовски веќе изјавил дека ќе гласа „против“ – не поради Бежоска, туку затоа што, како што оцени, е прекршена процедурата со тоа што предлогот за Богов претходно не бил ставен за изјаснување.
Сепак, да не беа тие 23 гласа од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, кандидатурата на Бежоска можеше да пропадне затоа што мнозинството така ќе имаше само 59 гласа, додека за избор на гувернер се потребни минимум 61 глас. Но, на седницата дојде до израз дека дел од најекспонираните пратеници на ДУИ не се појавија на изборот на гувернер, откако претходно се изјаловил планот на интегративците на чело на монетарната власт да застане поранешниот и долгогодишен министер од нивните редови Фатмир Бесими. Откако Богов ја повлече кандидатурата, ДУИ и СДСМ, очигледно, постигнаа договор за поддршка на новата кандидатка на Иванов – со кого, пак, интегративците се посебно во лоши односи. Некои од најекспонираните пратеници на ДУИ, почнувајќи од лидерот Али Ахмети, потоа Артан Груби и Џевад Адеми… не присуствувале на гласањето, за разлика од спикерот Талат Џафери и координаторот на пратеничката група Ејуп Халими кои се изјасниле „за“ Бежоска. Според неофицијални информации, крилото околу Адеми силно се спротивставувало на изборот на Бежоска, со образложение дека гувернерската функција требало да ја добие Бесими. Пратеникот Адеми од Тетово бил недостапен да одговори на информациите дека во ДУИ имало разногласие околу изборот на гувернер.
Отсуството на дел од пратениците на ДУИ, како и на дел од новите коалициски партнери на СДСМ, можеше да доведе до тоа гувернерската позиција, сепак, да остане празна, доколку ВМРО-ДПМНЕ со половина од своите пратеници не асистираше во изборот на Бежоска. Присуството на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на вчерашната координација на пратеничката група на неговата партија, која се одржа непосредно пред соопштувањето на пресудата за „Поткуп“, се смета за своевиден сигнал дека исходот од гласањето за нов гувернер до последен момент бил неизвесен.
Според достапните информации и биографијата објавена на сајтот на Народната банка Ангеловска-Бежоска има деветнаесет години работно искуство, главно во областа на монетарната политика, макроекономската политика воопшто, фискалната политика и управувањето со јавните финансии.
Во моментов, таа е вицегувернер на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) и е одговорна за областите монетарна политика, истражување и статистика.
Таа е исто така член на Советот на НБРМ и заменик гувернер на РМ во Бордот на Меѓународниот монетарен фонд. Пред да биде назначена за вицегувернер, таа работеше на позицијата главен економист на НБРМ и беше вклучена во дизајнирањето и спроведувањето на монетарната политика, макроекономските проекции, анализи и економски истражувања.
Две години работеше за Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон како економист во Дирекцијата за Европа и Дирекцијата за фискални работи, при што беше член на повеќе преговарачки мисии за програми помеѓу фондот и земјите-членки, а беше ангажирана и како и експерт во мисиите со кои фондот обезбедува техничка помош на земјите-членки.
Како лидер на работната единица за воспоставување на трезорскиот систем во Македонија, а подоцна и како директор на секторот Трезор при Министерството за финансии, таа учествуваше во процесот на реформирање на системот на управување со јавните финансии во Република Македонија, вклучувајќи воспоставување единствена трезорска сметка, систем за контрола на обврските, управување со буџетската ликвидност и развој на пазарот на државни хартии од вредност. За придонесот во развојот на системот на јавни финансии во РМ таа има добиено награда од страна на Американската амбасада во РМ.
Исто така, има работено на позицијата државен секретар во Министерството за финансии, на која беше одговорна за координирање на процесот на макроекономското планирање, планирање и извршување на Буџетот на РМ и за односите со меѓународните финансиски институции, а била и член на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување и на Фондот за осигурување на депозити на Република Македонија. Таа била предавач на ЦЕФ (Center of Excellence in Finance) во Љубљана и на Универзитетот „Американ колеџ“ – Факултет за бизнис-економија и менаџмент во Скопје.
Дипломирала во 1994 година, а магистрирала во 1997 година на Економскиот факултет во Скопје. Во 2015 докторирала на Економскиот факултет во Љубљана, Словенија.
Зошто е важна функцијата на гувернерот? – запраша еден медиум. Оговорот е дека гувернерската „фотеља“ е и престижна , но и авторитативна и во одредени ситуации, гувернерскиот збор може да биде пресуден за економијата.
Гувренерот дава но и одзема дозволи за работа на банки, со тимот вицегувернери ги следи макроекономските показатели, дава прогнози и проекции, ја контролира работата на вкупниот банкарски сектор, и што е најважно ги дава координатите на курсот на домашната валута, со основна цел – одржување на ценовна стабилност.
Ингеренциите на гувернерот се строго дефинирани, меѓудругото, и во Законот за Народна банка и во Законот за банки, па така со оваа значајна институција, на чие чело е гувернерот раководи и Советот на НБРМ, кој има широки надлежности, па така тој пропишува:
Методологија за управување со кредитниот ризик и утврдување на критериуми за класификација на активните билансни и вонбилансни ставки според степенот на ризичност, Методологија за управување со валутниот ризик и други пазарни ризици, Методологија за управување со ликвидносниот ризик, Методологија за сигурноста на информативниот систем на банката.
Според законската регулатива, гувернерот на НБРМ има мандат од седум години, го предлага претседателот на државата а се гласа во парламентот. Богов ја предал функцијата во атмосфера за која се неопходни марамчиња.