Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

НОВАТА „СТУДЕНА ВОЈНА“ КАКО СПА ЗА МАКЕДОНИЈА

August 20, 2018 Filed Under: Колумни

ДЕНКО МАЛЕСКИ

Производ на судирот на интересите на големите сили на Балканот се и притисоците и силната поддршка на САД, Македонија да се демократизира, да ги реши споровите со соседите и да стане членка на НАТО и на ЕУ.

Од каде извира рускиот потенцијал за влијание во Македонија и на Балканот? Во натпреварот со Западот, моќта на Русија извира од заедничката авторитарна традиција со народите на Балканот. Новата „Студена војна“ е судир на западните плуралистички демократии со еден автократски бренд на капитализам, каков што е рускиот. Тој корумпиран и клиентелистички бренд на капитализам, под водство на Путин, реши да одговори на притисоците на Западот за демократизација на рускиот политички систем. И како со поведението од вистинската Студена војна, кога секој пораз на другата страна е автоматски победа за првата, Русија го почна својот поход за компромитација и рушење на демократските плуралистички системи во светот. Колку што може и каде што може.
Според таа логика, Македонија, на пример, не мора да биде особено вредна за руско внимание, но ако преку оваа или некоја друга слаба држава може да се напакости на поширокиот план за евроатлантски интеграции, вреди да се вложат средства и напори за да се ослабне големиот противник. Конечно, ако руската стратегија за компромитирање на демократските системи отишла дотаму да интервенира во изборите на САД и во некои други западни земји, што останува за малата и слаба држава како Македонија, вон НАТО и ЕУ. Доволни се неколку бизнис-зделки на право место (можеби со правите луѓе во тајната полиција?), неколку соопштенија на руската влада за поддршка на „легално избраните власти“, еден локален руски мини-олигарх како домашен мецена, мала финансиска и друга поддршка на поединци со автократски погледи, и малата сцена за големи неволји е поставена.
Инаку, овој бренд на капитализам, авторитарен и корумпиран, во кој нема демократска контрола на власта, го искусивме во текот на целата наша независност, особено во последниве десет години. Тој лесно се воспоставува затоа што е близок до нашиот менталитет и разбирањето што е тоа власт и што е тоа политика. Всушност, да се биде со Русија значи да останеме такви какви што сме, додека да се биде со Западот бара огромен напор да се промениме. Бидејќи човечката природа е таква каква што е, и не сака промени, растеа фановите на Русија во нашето општество: од државниот врв, па до Правниот факултет во Скопје чии најголеми меѓународни дострели се во соработката со универзитети во Русија.
За среќа, судирот на интересите на големите сили на Балканот, со настојувањето на САД да му парира на потенцијалот на Русија да го дестабилизира регионот, внесува драматични позитивни промени како во домашните политики така и во односите помеѓу балканските држави. Производ на таквиот судир се и силните притисоци и силната поддршка на САД, Македонија да се демократизира, да ги реши споровите со соседите и да стане членка на НАТО и на ЕУ.

Filed Under: Колумни

БРИТАНИЈА ПРЕПЛАВЕНА СО НАЦИОНАЛНИ ЗНАМИЊА
ПОРАНЕШЕН ЈУГО-ПАЗАР НА ТРУДОТ: УСЛОВИ, ВРАБОТЕНОСТ, ПЛАТИ….
КАЛАЈЏИЕВ ЗА ТРИЛИНГ: ВЛАСТА НЕМА ИНТЕРЕС ДА ОБЗНАНИ КОИ КОМУНИКАЦИИ СЕ СЛЕДЕНИ КАЈ МИЦКОВСКИ
ОРБАН СО КОМПЛИКУВАН ИЗБОРЕН СИСТЕМ ПРОТИВ УНГАРЦИТЕ
АЛШАР КАКО РУДНИК ОД КАДЕ СЕ ГЛЕДА СОНЦЕТО

Најново

  • БРИТАНИЈА ПРЕПЛАВЕНА СО НАЦИОНАЛНИ ЗНАМИЊА
  • ПОРАНЕШЕН ЈУГО-ПАЗАР НА ТРУДОТ: УСЛОВИ, ВРАБОТЕНОСТ, ПЛАТИ….
  • КАЛАЈЏИЕВ ЗА ТРИЛИНГ: ВЛАСТА НЕМА ИНТЕРЕС ДА ОБЗНАНИ КОИ КОМУНИКАЦИИ СЕ СЛЕДЕНИ КАЈ МИЦКОВСКИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet