Компанијата која работи 16 години во Македонија Мицкоски ја објави како нова странска инвестиција! – пишува „Независен“
Компанијата „Вабтек МЗТ“ работи во Македонија уште од 2008. Поради финансиски проблеми во август ќе објави емисија на акции во вредност од 2,5 милиони евра. Премиерот Христијан Мицкоски од САД преку Фејсбук објави дека американската компанија „Вабтек“ е новата странска инвестиција, која ќе вложи 35 милиони евра во земјава и со која ќе се отворат 100 работни места. Компанијата ќе инвестира во производство на сопирачки за шински возила. Мицкоски информацијата ја објави по средбата во Вашингтон со извршниот потпретседател на компанијата.
Во оваа информација на премиерот не е јасно дали „Вабтек“ ќе отвори нов погон во Македонија или ќе го проширува стариот, затоа што американската компанија за сопирачки работи е дел од македонската економија веќе 16 години и цело време произведува сопирачки за шински возила. А моментално има финансиски предизвици поврзани со отплата на кредити.
Според информацијата на Американско-македонската комороа Ам-Чам, таа е членка на ова здужение уште од 2010 година. Фирмата во Македонија е позната како „Вабтек МЗТ“ и се наоѓа во погоните на поранешниот Металски завод „Тито“ во Скопје – известува Независен..
Според информациите на Ам-Чам „Вабтек“ е водечки светски снабдувач на опрема, системи, дигитални решенија и услуги со додадена вредност за товарниот и транзитниот железнички сектор и има повеќе од 150 години искуство. Компанијата има 27.000 вработени во над 50 земји ширум светот.
„Вабтек МЗТ“ се појави во економските билтени минатиот вторник кога компанијата соопшти дека планира да го зголеми вкупниот акционерски капитал за 2,5 милиони евра преку нова емисија на акции. Специјализираната страница за економски вести од регионот SeeNews објави на 2 јули дека компанијата планира да издаде 49.000 нови обични акции по цена од 51,13 евра секоја, еднаква на нивната номинална вредност, се вели во пријавата на берзата.
„Зголемувањето на капиталот ќе ѝ помогне на компанијата да ги надмине финансиските предизвици кои произлегуваат од отплатата на долговите за кредити и да обезбеди понатамошен раст и развој“, соопшти „Вабтек МЗТ“. Акционерите на компанијата ќе гласаат за планот на состанокот закажан за 5 август.
Тековниот акционерски капитал на „Вабтек МЗТ“ од 4,1 милиони евра е поделен на 80.295 обични акции со номинална вредност од по 51,13 евра. Акциите на компанијата не се тргуваа на Македонската берза во изминатата година.
Во март 2022 година компанијата „Вабтек МЗТ“, која е дел од американската корпорација „Вабтек“ соопшти дека ја зголемила својата нето загуба на 300,9 милиони денари (4,9 милиони евра) во 2021 година, многу повеќе од загубата од 23,3 милиони денари забележани претходната година. Македонскиот „Вабтек МЗТ“ ја зголеми нето загубата во 2021 година поради повисоки трошоци.
„Вабтек МЗТ“ е основан во 1953 година како „МЗТ Хепос“. Компанијата беше купена од италијанската групација ПОЛИ во 2003 година, а во 2008 година стана единица на „Вабтек“. „Вабтек МЗТ“ ги извезува своите производи во над 50 земји во светот.
лиони евра
Заслужува да се поздрави решеноста на Владата „да пресече” и оваа инвестиција која е важна за сите граѓани да се случи, напиша на својот фејсбук-профил Јован Деспотовски од СДСМ по информацијата дека македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Вашингтон го потпишал договорот со Вабтек, американска компанија Вабтек која ќе инвестира 35 милиони евра во фабрика во Македонија за производство на сопирачки за шински возила.
„Навистина е добра веста дека американската Вабтек (Wabtec) ќе ја реализира својата нова инвестиција и значително ќе ги прошири своите капацитети во Македонија.
Повеќе од две години со тимот од ТИРЗ работевме заедно со оваа компанија, која веќе вработува над 350 наши сограѓани. Се боревме заеднички со предизвиците од различни институции. Институции и политичари кои заборавија дека работат за интересите на државата и граѓаните. Се боревме и на суд, каде добивме заедно со компанијата. Одлуката сè уште не е спроведена. Сепак, добро е што овие предизвици се сега минато.
И затоа заслужува да се поздрави решеноста на Владата ‘да пресече’ и оваа инвестицијата која е важна за сите граѓани да се случи.
Честитки за сите“, напиша Деспотовски на својот фејсбук-профил.
Во однос на судскиот процес што го споменува Деспотовски, се работи за спор пред Управниот суд на ТИРЗ против Комисијата за заштита на конкурентноста за наводни незаконски услови за реализација на инвестицијата.