Преведен е романот „Пропаст“ од бугарскиот писател Владимир Зарев. Во Бугарија тој доживеа 12-ет изданија, додека само во Хрватска имаше шест. Прводот е на Бранислав Мирчевски
Романот „Пропаст“ од познатиот бугарски писател Владимир Зарев, излезе викендов од печат на македонски јазик во превод од бугарски на Бранислав Мирчевски. Романот е во издание на „Или-Или“ како 174. наслов во познатата едиција ПРОаЗА.
Откако Владимир Зарев ја разбранува литературната сцена, критиката забележа: „’Пропаст’ е роман за промените во цела Источна Европа. Се очекуваше ваква книга да се појави во Полска, Чешка, Унгарија или дури и во Германија, но наместо тоа, се појави во Бугарија. И ако за Западна Европа и остатокот од светот таа беше изненадување, не беше никаков шок за бугарските читатели, оние кои го познаваат и го почитуваат Владимир Зарев и неговите единаесет романи во изминатите неколку децении. Неговата најпродавана „Пропаст“ (2003) го доживува своето 12 издание. Романот низ европските метрополи предизвика бројни осврти, особено во водечките медиуми од германското говорно подрачје, а за самиот автор е снимен документарен филм насловен Бугарскиот Балзак во кој критичката мисла го споредува со Томас Ман, Достоевски, Маркез и Булгаков. Поодделни осврти го доближуваат до Апдајк по начинот на кој се градени и профилирани неговите ликови.“
Пропаст е социјална и лична драма, роман за економската и духовната деструкција на Бугарија за време на метежната транзиција од комунизмот кон демократијата. Кога во 1989 година се одигра драстичниот прекин со минатото, како и во многу други европски земји, она што се случи во Бугарија беше налик на некаква домашна перестројка – внатрешен партиски државен удар во кој комунистите го детронизираа долгогодишниот диктатор. Во раните деведесетти години главниот лик во „Пропаст“, Мартин Сестримски, средовечен романисиер понижувачки е редуциран до физичка и креативна импотенција: трајно невработен, веќе немоќен да пишува, полека се лизга кон алкохолизам. Во извесна смисла Мартин Сестримски ја отелотворува бугарската интелигенција како целина: тој е крајно интелигентен, со фино негувано чувство за иронија, но и покрај тоа или можеби токму поради неговата образованост и чувствителност, тој лесно паѓа плен на новиот „каубој капитализам“; во очајот да направи брза печалба како сите околу него, тој лесно паѓа како плен на подземјето.
Владимир Зарев е современ бугарски писател роден 1947 г. во Софија. Работи како универзитетски професор по бугарска литература а од 1973 г. е уредник на одделот за белетристика на списанието „Современик“.
Романите му се преведувани на многу светски јазици, а романот „Пропаст“ (12 изданија во Бугарија), стана бестселер во Германија и во САД. По романот е снимен филмот „Времето е наше“.
Добитник е на државните награди „Иван Вазов“ и „Елин Пелин“. Во 2017 г. ја прими Државната награда „Св. Паисиј Хилендарски“ за исклучителен придонес ва развојот на националната културна идентификација и духовни вредности.