Наградата која ја доби Елена Васова на натпреварот „Милан Младеновиќ“ во Макарска, веднаш ја исфрли во центарот на вниманието. Викендов беше во Белград каде се сретна со молневито внимание на тамошните медиуми

Младата македонска пејачка Елена Васова е годинашната добитничка на регионалната музичка награда „Милан Младеновиќ“, повторувајќи го успехот на Дина Јашари од 2022. Васова ја доби наградата за песната „Љубов“, а ѝ беше доделена во Макарска на 21 септември, на денот на раѓањето на легендарниот фронтмен на „Екатарина Велика“.
Наградата, што ја доделува фондацијата „Милан Младеновиќ“, се состои од плакета и 3.000 евра. Добитникот исто така има можност да настапи на неколку регионални музички фестивали, како Арсенал фест во Крагуевац.
Покрај Васова, во суперфиналето за наградата влегоа и Таад Пол, „Гризете“, „Оксајо“ и „Дигитронс“.
Автор на песната „Љубов“ е Елена Васова (текст и музика), а ја продуцираше заедно со Ненад Стефановски, кој ги правеше миксот и мастерингот. Гитара свири Ади Имери, клавијатури Петар Лукиќ, бас гитара Мартин Џорлев, а хармоника Милош Спасов.
Елена Васова е родена во 2000 година во Скопје. Нејзиното музичко образование, прво на отсек виолина а потоа соло пеење, започнува уште од рана возраст. Како средношколка е добитник на повеќе награди на државни и меѓународни натпревари. Хорското пеење го започнува во детскиот хор „Пиколо” а подоцна станува член на женскиот камерен хор “Св. Злата Мегленска” во кој настапува и како солист на повеќе турнеи и натпревари во Полска, Русија, Шведска, Ирска, Италија, Шпанија и Франција. Активен член е во професионалниот мешан хор „Про Арс” и женскиот младински хор при МКЦ. Дипломира вокално-инструментален изведувач на отсекот соло пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Како солист настапува на Коста Трпков, Руска Романсијада, Скопско лето и Охридско лето. Неодамна го издаде својот прв сингл – „Пријател”.
Васова во саботата и неделата гостуваше во две емисии на белградската Нова С, каде остави силен впечаток – едноставна, смирена и подготвена да ја искористи шансата што ја доби со оваа награда. Таа има завршено и соло пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Рече дека одвај чека да дојде дома и да се затвори во едно од скопските студија и да го заврши започнатиот албум. Истиот би бил некаков микс од жанрови.
Милан Младеновиќ, по кого носи име наградата (21 септември 1958 – 5 ноември 1994) е југословенски рок музичар, за малкумината што не чуле за него, веројатно од најмладите генерации, најпознат е како пејач и гитарист на белградската рок-група Екатерина Велика. Тој е роден во Загреб, од татко Спаса (родум од Крушевац) (офицер во ЈНА) и од мајка Даница (родум од Макарска). На шестгодишна возраст, неговото семејство се преселило во Сараево, а во 1970 година, во Белград, каде Младеновиќ матурирал во 11. белградска гимназија. Кон крајот на седумдесеттите, заедно со училишниот другар Драгомир Михајловиќ Гаги и со другарот Милан Стефановиќ – Микица, Младеновиќ ја формирал својата прва група – Лимуново дрво. Најпознати песни на „Лимуново дрво“ биле: „Дали се сеќавате?“, „Седмиот круг”, „Околу мојата глава”, „Лимоново дрво”, „Не верувај”, „Измамен” и „Црн леб“
Во 1980 година, заедно со Михајловиќ, Душан Којиќ – Која и Ивица Вдовиќ, Младеновиќ го формирал својот прв позначаен музички состав – Шарло Акробата. Неколку песни од групата („Никој како јас“, „Таа се буди“, „Околу мојата глава“, „Мал човек“) набрзо биле објавени на култната компилација „Пакет аранжман“, а во 1981 година се појавил првиот и единствениот албум на групата – „Побистар или потап човекот е кога…“ („Бистрији или тупљи човек бива кад…“). Поради меѓусебните несогласувања, Младеновиќ и Којиќ набрзо се разделиле, а потоа, заедно со Драгомир Михајловиќ, Милан Младеновиќ формирал нова група – Катарина II. Во текот на 1982 година, кон новата група се приклучила клавијатуристката Маргита Стефановиќ Маги, a во 1983 година басистот Бојан Печар и тапанарот Ивица Вдовиќ. Во таа постава, во 1984 година, групата го издала истоимениот албум, а веднаш потоа Вдовиќ и Михајловиќ си заминале од неа. Како носител на правото на името Катарина II, Михајловиќ ја спречил групата понатаму да го користи тоа име, поради што таа продолжила да работи со ново име – „Екатарина Велика“. Во 1985 година излегол истоимениот албум кој добил поволни критики и благодарение на него групата се стекнала со релативно поширока популарност. Пресвртот настапил во 1986 година, кога албумот „Со ветрот во лицето“ („С ветром уз лице“) ги лансирал на самиот врв на југословенската рок сцена, каде што групата се задржала до 1994 година, издавајќи серија успешни албуми.
Наградата „Милан Младеновиќ“ првпат беше доделена во 2019 година. Тука би можеле да ја чуете наградената песна на Елена.