ЗНМ вели дека бројката во земјава не е за занемарување, и апелира да се преземат сите можни чекори со цел да се спречи натамошно ширење
Повеќе од 500 новинари беа дел од акцијата за бесплатен скрининг на медиумските работници за ковид-19. Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), вели дека резултатите покажале оти околу пет отсто од нив биле или се изложени на коронавирусот, што не е за занемарување. Тестирањата биле направени преку примероци од крв.
„Можеби бројката не е алармантна, но, никако не е за занемарување. Апелиравме и апелираме да се преземат сите можни чекори за да се спречи натамошното ширење. Тоа би значело почитување на протоколите за работа, односно носење маски, практикување дистанца и постојано миење на раце“, рече Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.
Медимските работници се најизложени на вирусот, бидејќи, имаат контакт со многу луѓе поради природата на работата. Чадиковски вели дека идејата била да се види со какви потенцијали располагаат медиумите.
Тестирани биле и медиумските работници од внатрешноста на државата.
„Веќе се појавија првите случаи на коронавирус меѓу новинарите во повеќе редакции, и сметавме дека е добро време да видиме дали тоа се проширило, и ако се проширило да најдеме начин да се спречи ширење во редакциите. Во првиот период беа тестирани поголемите редакции, односно поголемите национални телевизиски куќи“, рече Чадиковски.
Дел од новинарите и други вработени во медиумите директно ја почувствуваа опасноста од коронавирусот. Меѓу нив е и новинарот Сунаи Сабриоски. Тој две недели бил во домашна самоизолација, поради контакт со заразен колега.
„Морам да нагласам дека тоа беше еден период на психолошко растројство кај мене, но, и кај многу мои блиски. Тестирањата покажаа негативен резултат, меѓутоа чекањето на резултатите беше тешко“, вели Сабриоски за Гласот на Америка.
Тој нагласи дека ризикот останува, и оти мора да се внимава при извршување на работата.
„Ниту една медиумска куќа и ниту едно раководство не може ништо да направи освен да ги обезбеди потребните заштитни мерки. Треба да сме свесни за ризикот кој ние како новинари го имаме, бидејќи сме во постојана комуникација со многу луѓе“, додаде тој.
ЗНМ изработило и прирачник за работа на новинарите за време на пандемија, во кој детално се објаснуваат сите елементи од работата во вакви услови, како и начинот на кој да се заштитат новинарите.
Во меѓувреме во Германија расте отпорот спрема ограничувањата воведени од сојузната влада поради короната. Ограничувањата на основните права и слободи се преголеми, велат критичарите. Многумина стравуваат дека ќе има и обврска за вакцинирање, за вакцина која уште не ни постои. Во Штутгарт во саботата се собраа околу 5 илјади луѓе и тоа беше најмасовниот собир досега. Полицијата демонстрациите ги оцени како главно мирни.
Но, не секогаш демонстрациите против корона- мерките поминуваат без насилство. Пред сѐ за новинари кои сакаат да известуваат за протестите, ситуацијата станува заканувачка. Во Берлин за само неколку дена два тима камермани на јавниот радиодифузен сервис беа нападнати. Соработници на Втората канал на германската телевизија ЦДФ снимаа за сатиричен прилог во емисија т.н. „хигиенска демонстрација”. Нешто потоа тимот – можеби планирано – беше нападнат од 15 маскирани лица и луѓето делумно се здобија со тешки повреди. Според информации на медиумите, напаѓачите користеле метални палки и сличен алат. Случката во цела Германија предизвика реакции. Генералниот секретар на конзервативната ЦДУ Паул Цимијак на Твитер напиша дека бил без зборови поради случката.
На „хигиенската демонстрација” за која известуваше ЦДФ имаше необичен микс од демонстранти: деснопопулисти и десноекстремисти заедно со левичарски критичари на капитализмот и противници на вакцини. Меѓу демонстрантите имаше и приврзаници на теориите на заговор. Случајот со нападот врз соработниците на ЦДФ сега го истражува Службата за државна безбедност. Шест лица беа уапсени кратко по нападот во близина на местото каде се случил настанот. Според сознанија на полицијата, можно е да се припадници на левичарската сцена. Но, расчистувањето на настанот е тешко, бидејќи изјавите на сведоците делумно биле противречни.
Само еден ден пред нападот врз новинарите, поранешниот модератор на радиото Берлин Бранденбург и сега деснопопулистички активист Кен Јебсен на неговиот сајт објавил коментар. Автор под името Бернхард Лојен пишува дека „случајно разбрал” оти ЦДФ сака на планираната демонстрација „намерно да бира изгубени и заболени за да се подбива со нив пред жедната публика на ЦДФ”. За јавниот радиодифузен сервис секој кој излегува на улица важел за „приврзаник на теории на заговор, издуван или нацист или сите три во индивидуален микс”. Бернхард Лојен потоа коментарот го искористи и за повик: „Отпор. Отпорот мора да се разбуди, сега.”
Истата недела во Берлин имаше и друг напад врз медиумски работници. На собир со присуство на околу 400 учесници еден од демонстрантите се издвоил од групата и според полицијата се обидел да клоцне тонски асистент на АРД. Притоа го погодил микрофонот што се удрил во главата на снимателот. Против 46-годишниот сторител е поднесена кривична пријава заради нанесување телесна повреда. Клипови од настанот објавени на Твитер покажуваат дека полицијата брзо реагирала и го уапсила сторителот.
И готвачот Атила Хилдман повика на демонстрации. Тој во последно време паѓа в очи со ширење теории на заговор, како на пример тоа дека основачот на Мајкрософт Бил Гејтс стоел зад ширењето на коронавирусот. На неговата Фејсбук страница Хилдман редовно ги напаѓа и „медиумите”. Во една објава пишува дека „во никој случај” не треба да се верува на изјавите или сликите во медиумите. Тие биле „инсценирани за да се поедностави преземањето на моќта”.
Изјава која кај неговите приврзаници наидува на плодна почва: непосредно пред нападот врз тимот на АРД учесниците во демонстрацијата која тој ја иницираше, извикуваа: „лажливи медиуми”. И по нападот демонстрантите се солидаризираа со напаѓачот и од полицијата бараа да го ослободи. Министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, по настанот на Твитер објави дека напад против новинарите е напад против демократијата.
Новинарите не се изложени само на физичко насилство од корона-критичарите. И во Штутгарт, каде се одржаа најголемите мирни демонстрации во Германија против корона-мерките, омаловажувањето на медиумите е исто така на „менито“. Особено организаторот на демонстрациите, претприемачот Михаел Балвег ги критикуваше медумските куќи АРД и РТЛ за како што вели, еднострано и погрешно известување. Тие погрешно ги поистоветиле демонстрантите со антиваксери, Пегида приврзаници и теоретичари на заговор.
Поради тоа Балвег побара од АРД и РТЛ да го коригираат известувањето и да прикажат слики од демонстрациите со кои ќе потврдат дека погрешно известувале за настанот. Во спротивно, тој ќе ги исклучи медиумите од сите идни собири. Дури и сега сите новинари кои сакаат да разговараат со Балвег или некој од неговите ко-демонстранти мора прво да пополнат онлајн формулар: со него новинарите се обврзуваат дека „ќе извесуваат вистинито, непристрасно и во целост.“ Овој формулар мора да се донесе на демонстрациите и да се презентира.
Балвег во својот говор на демонстрациите во Штутгарт и во неговите видеа на Јутјуб често се повикува на Уставот. Тој постојано го споменува членот 5 со кој се гарантира слобода на говор и мислење во Германија. Новинарите треба да се изјаснат и за ова во формуларот. Особено за делот: „Не смее да има цензура“. Ниту еден новинар нема проблем со овој член од Уставот, но имаат со Балвег. Бидејќи се чини дека тој не знае дека покрај Уставот, во германското право има и Закон за право на собири, односно параграф 6 став 2 од Законот, со кој на ниту еден новинар со легитимација не смее да му се одземе правото да известува од јавни собири.
(Користени се матријали на повеќе мдиуми- Гласот на Америка, АРД, Дојче Веле…)