ПАВЛЕ БОГОЈЕВСКИ
Врв на целава ситуација со „објективниот и непристрасен“ Героски е што тој сега е во улога да ја брани иницијативата пред Уставен суд со која ќе се уништат и останатите предмети на СЈО. Потоа во негов стил, покрај фактот што секогаш вели дека не е „експерт по право“, сепак (како и секогаш претходно) се впушта во една опширна, квази правна анализа
Навистина се обидував да се воздржам од коментирање, во име на слободата на медиумите, говорот и изразувањето, ама не можам веќе. Една работа е да се критикува (како што прават и многу други, за кои никогаш немам помислено дека кријат нешто зад своите критики, колку и да се остри и непријатни), но сосема друга работа е кога твоите критики се поклопуваат со правните чекори, медиумскиот план и смешните тези на ВМРО-ДПМНЕ.
Врв на целава ситуација со „објективниот и непристрасен“ героски е што тој сега е во улога да ја брани иницијативата пред Уставен суд со која ќе се уништат и останатите предмети на СЈО. Потоа во негов стил, покрај фактот што секогаш вели дека не е „експерт по право“, сепак (како и секогаш претходно) се впушта во една опширна, квази правна анализа.
Вели дека „одредбата е нејасна, непрецизна и произволна, а запретената казна е драконска. Тоа се сериозни аргументи во прилог на потребата да се отвори стручна и јавна дебата за оваа тема, без товарот на пропагандната теза дека целта на иницијативата е да се спасат обвинетите од страна на СЈО. И уште кога ќе се наредат нивните имиња, почнувајќи од Никола Груевски па надолу, јасно е дека простор за таква дебата веќе не постои.“
Иницијативата ја поднесе адвокатот на Груевски и Јанкуловска. Тоа дека целта на иницијативата е да ги спаси токму нив од прогон не е пропагандна теза, туку факт. Впрочем, адвокатот има обврска да постапува во најдобриот правен интерес на своите клиенти (и никој друг) што и го прави со поднесувањето на иницијативата.
Понатаму, смешната и глупава е тезата дека треба да се распредели одговорноста и кај комисиите за јавни набавки, бидејќи министерот немал „активна улога“ во процесот. Министерот, да сме јасни, е потписникот на постапката. Одговорноста почнува и завршува кај него.
Откако во пола колумна не’ подучува да внимаваме на опасноста да не ја убиеме квалитетната дебата со популистичка дискусија – во втората половина тој го прави токму тоа. Преку серија паушални и лични дисквалификации за Кирацовски – тој се обидува да ја уништи неговата идеја за подигнување на прагот за застареност кај делата сторени од службени лица, дури и заканувајќи се дека го немал завршено неговиот „серијал за Рекет“. Единствени квази-аргументи кои ги посочува е опасноста дека ако има вакви измени, тие ќе паднат пред Уставен како дискриминаторски, а одредбата не можела да важи ретроактивно.
Поимот „службено лице“ е посебна категорија во кривичното право – така да ако Уставен го оспори ваквиот закон, ќе го оспори преку нарушување на правото на фер и правично судење во разумен рок, а не бидејќи одредбата би била дискриминаторска. Впрочем, при сегашното дефинирање на застареноста, КЗ вели дека тие одредби важат “доколку со овој Законик не е поинаку определено“, што значи дека постои можност за поинакво определување. Што се однесува до забраната за ретроактивиност – таа се однесува само за матерјални промени – во битијата на самите дела. Односно, не можете некое однесување кое до вчера било незаконско, денес да го направите кривично дело и да го гоните како такво. Забраната за ретроактивност не се однесува на промените од процесен аспект – промените кои се однесуваат на правилата на постапката. Тие се применуваат од моментот на стапување на сила, за сите постапки кои се во тек.
Мене не ми е гајле дали идејата за подигнување на прагот на застареност потекнува од Кирацовски или од некој друг. Таа ќе важи за сторителите од минатата, од оваа и од секој идна власт. Дури и Никола Груевски лично да предложи ваква идеја, јас би ја поддржал – бидејќи сериозно ќе ги замисли сите сегашни и идни функционери пред да одлучат да ги злоупотребат нашите пари.
За крај друштво, Героски не е поентата на овој текст. Ја земав неговата колумна за пример, бидејќи во последниве месеци не можам да најдам друго место каде толку концентрирано и завиено може да се видат толку голем број од ставовите на ВМРО и фамилијата. Сета оваа галама има за една цел – да не’ убеди како држава, дека не треба да постои кривична одговорност за злоупотреба на службена положба за политичка корист, дека тоа и продолжувањето на застареноста би биле спротивни на кривичното право и дека ние сега, треба да си седиме мирни и да оставиме никој никогаш за ништо да не одговара – сето тоа вешто препишувајќи го на „неспособноста на Владата и на Заев“.
Класичните принципи на кривичното право не се замислени за ситуациите кога целиот систем е трул и корумпиран. Тие ситуации се решаваат со политички (надпартиски рез), кој не смее да ги поштеди носителите на јавни функции. Напротив, треба да биде што е можно построг кон нив. Што се однесува до политчката корист – САД се во постапка за разрешување на својот Претседател поради наводи за злоупотреба на функцијата за лична политичка корист, а ние расправаме дали тоа треба воопшто да биде незаконски.
И тоа како треба да биде незаконски, другари. Незаконски и казниво. Многу високо казниво, за никој повторно да не помисли да станува милионер на сметката на граѓаните.