На студиите по новинарство на Правниот факултет во Скопје, во учебната 2019/20 година се запишаале само 12 студенти
СИНИША СТАНКОВИЌ
До пред околу петнаесет години, бројот на студенти по новинарство на УКИМ, секоја година беше и за осум до десетпати повисок, но, да се биде дел од „седмата сила“ веќе неколку години, очигледно, не е предизвик во Северна Македонија.
Сепак, запишаните 12 студенти на новинарство годинава, се досега најмалата бројка на овие студии, иако тенденцијата на намалување е присутна повеќе години.
Во медиумите и особено на социјалните мрежи, неретко се објавуваат ставови и оценки, дека новинарството последниве години е на најниските гранки, дека традиционалните медиуми се под стриктна контрола на политичките и бизнис моќници, а дека со хаосот што владее во интернет медиумите, се урива дигнитетот на чесната професија, која треба да биде контролор на секоја власт и посветено да им служи на интересите на граѓаните и на општеството во целина.
Вчера беше соопштено дека најверојатно ќе престане да се печати уште еден дневен весник „Независен“, со што во целата држава ќе останат три дневни весници на македонски и два на албански јазик.
Националната Македонска радио и телевизија (МРТВ) одамна ја загуби својата улога на јавен сервис, а програмската ориентација на приватните ТВ станици, најчесто директно ја кројат сопствениците, според сопствените бизнис интереси.
Во таква ситуација во медиумската сфера воопшто, прашање е дали и може да се проблематизира односот на младите кон оваа професија и минималниот интерес за неа.
„Но, глобализацијата и брзиот проток на информации го направија своето, па веќе на новинарот не му се дозволува правото на ексклузива, оти го имаат сите со пристап до интернет. Сепак, така често се доведува во прашање кредибилитетот, легитимноста, кому навистина може да му се верува. Друг проблем е и што премногу се работи според принципот на copy-paste, па истражувањето е сведено на минимум. Кога станува збор за нас, младите, кои имаме желба за работа, самата ситуација нè тера да ги спласнеме емоциите и едноставно, да прифатиме да бидеме просечни. Наместо, како гласноговорници на општеството, да ја разгориме жарта и за тоа да добиеме поддршка, а не да правиме стории за во фиока. За волја на вистината, морам да ја споменам и финансиската страна. Никој не очекува да се збогати од новинарска работа, но за жал, новинарството стана најнеблагодарната професија. Едноставно, новинарите не се доволно платени, а медиумите се во лоша состојба особено локалните и регионалните“, вели таа.
Марина Тунева, извршен директор во Советот за етика во медиумите (СЕММ), во изјавата за Гласот на Америка, е децидна дека „загубата на довербата во новинарството низ годините наназад, си донесе свои последици“.
„Јавноста негативно реагираше, а и сѐ уште реагира, на сензационализмот, неточноста во информирањето, пристрасноста, дезинформациите, поделеноста. Медиумите долго време се користеа како продолжена рака на моќниците кои ги злоупотребуваа од лични мотиви, а дури и во самите медиуми, одредени луѓе остваруваа свои интереси на сметка на интересот на јавноста. Губењето доверба во новинарството, секако, резултираше и од губењето довербата во институциите на системот. Фактот дека се изгуби квалитетот на новинарското известување, значително влијаеше и на прифаќањето и на влегувањето во оваа професија. Младите генерации избегнуваат да се запишуваат на студиите по новинарство бидејќи им е јасно дека ова не е професија што носи профит. Можеби при упис на факултетите тие имале и по малку ‘романтизирана’ слика за новинарството, не знаејќи на што ќе наидат во редакциите. Неретко сме забележувале случаи и оние што студирале новинарство, себеси повеќе да се гледаат во други професии. Сето ова влијаеше и на заинтересираноста и ентузијазмот на младите генерации да се впушат во предизвикот и да ја научат професијата. Да не заборавиме и дека миграцијата е, исто така, фактор што придонесува за намалување на бројот на студенти. Таквата состојба, најверојатно, ќе продолжи и во периодот пред нас“, вели Тунева.
Таа рече и дека не се сомнева оти во блиска иднина образовните институции ќе се соочат со економскиот предизвик и ќе ги убедуваат студентите и нивните родители дека изучувањетo на новинарската професија сѐ уште има вредност.
„Секако дека она што ќе го прави образовниот систем и факултетите за новинарство за да се справат со ваквите перцепции е од големо знаење. Но, примарно е градењето доверба во новинарството. Справувањето со досегашните кочници, нѐ остава пред избор: или да жалиме за околностите што нѐ снашле, или да работиме кон тоа да ги промениме“, смета таа.
(VOA)