ДЕНКО МАЛЕСКИ
Нашиот нов патриотизам, нов национализам ако сакате, обврзува да ја прифатиме и да ја засакаме Македонија таква каква што е, мултинационална, а не таква каква што сонуваат националистичките водачи. Не ни треба хрватскиот модел зашто „олуи“ ќе не однесеа, и се уште можат да не однесат, во бестрага
Уставот на Хрватска е таков каков што е заради променетата демографија предизвикана од војната со Србија. Да се решеа несогласувањата на Конференцијата за Југославија, а не на бојното поле, уставот ќе беше поинаков. Ќе беше налик на нашиот. Кога пропадна европското решение за балканскиот проблем, со автономија и човекови пара за српската заедница во Хрватска, пршањето се реши на балкански начин, со етничко чистење. На пописот од 1991 година 581,663 Срби живееле во Хрватска а Србите биле 12,2% од вкупното население на државата. На пописот од 2021 имало само 123,892 етники Срби, или 3,2%. Толку останале после воената офанзива на хрватските војски, наречена Олуја. Луѓето, Хрватите и Србите, платија данок во крв заедно со преку стоте илјади убиените и неколкуте милиони раселени во етничките војни во Југославија.
А можеше да биде поинаку. Во 1992 година, на последниот состанок на Конференцијата за Југославија со која претседаваше Лорд Карингтон, беше поднесен мировен план кој предвидуваше крај на војната преку создавње сојуз на суверени и меѓународно признати држави. За Хрватска се предвидуваше значајна автономија за Србите во рамките на хрватската држава. Таквиот модел ќе наликуваше повеќе на македонскиот денес, со својот број на албанска заедница. Планот, кој го потпишаа сите претседатели на републиките, па и претседателот на Хрватска Туџман, пропадна заради ветото на Милошевиќ. Војната си го продлжи својот ужасен поход. Новите реалности создадени од страдањата на Хрватите и на Србите го определија идното државно уредување на Хрватска. Едно е сигурно, во случај на успех на мировната конференција, „македонскиот модел“, со автномија за Србите, немаше да биде привлечен за македонските националисти и немаше да биде спомнуван денес во контекст на уставните промени. Сегашниот модел, кој е резултат на војна, е привлечен затоа што е поблиску до сонот на сите националисти во светот: етнички чиста држава. Или, во најмала рака, поблиску до политички систем во кој се знае кој е „газда во куќата“.
Каде сме сега ние? Пред нас е еден тежок процес на учење дека постои и една поинаква дефиниција на патриотизмот од националистичката. Овие редови ги напишав во политички есеј објавен во 2001 година.„Македонското еднинство е плурално и може да биде сочувано само како перманентен еквилибриум меѓу етничките групи, религиите, интересите, регионите. Македонското единство никогаш не може да биде апсолутно, ригидно, едноставно и секогаш мора да биде баланс на мноштво интереси кон кои се стремиме со умереност и толеранција“. Всушност, ова е цитат од еден текст на Волтер Липман, американски либерален мислител и новинар, за американското општество напишан во 1935 година. Зборот „американско“ го заменив со “македонско“ и ги додадов зборовите „етнички групи“. Но, пораката на Липман останува непроменета: „ако сакаме да обезбедиме добар живот за нашите потомци, мораме да се обединиме околу еден нов национализам“. Пораката има едно посебно значење за нас денес, напишав во времето на меѓуетничкиот конфликт од 2001. Нашиот нов патриотизам, нов национализам ако сакате, обврзува да ја прифатиме и да ја засакаме Македонија таква каква што е, мултинационална, а не таква каква што сонуваат националистичките водачи. Не ни треба хрватскиот модел зашто „олуи“ ќе не однесеа, и се уште можат да не однесат, во бестрага.
Еве што ни треба. Минатото лето, ми раскажува мојот пријател од Охрид, Агрон Биба за емотивното значење на широката употреба на албанскиот јазик во Македонија. На перфектен македонски јазик, вели дека, покажувајќи им ја на своите деца таблата со натпис на албански на која пишува „Влада на Република Северна Македонија“, помислил како сега чувствува дека е ова е негова влада, а државата негова држава. Тој летен ден, во „Езерски лозја“ крај Струга, и јас се почувствува горд на мојата македонска нација и држава. На нашата европска Македонија.