ЕЛЕНА МИХАЈЛОВА СТРАТИЛАТИ
Допуштањето груевизмот да остане како нормален дел од нас го поништува секој напор за наше нормализирање. Овој идентитет ја релативизира било која активност за воспоставување на правда, владеење на право, одговорноста за криминалите и овластените злоупотреби и постапките пред СЈО. Лесно може низ една врата да се влезе како криминалец, а од друга да се излезе како доктор на науки
Развојот на секое општество е поврзан со активните расправи и промени во однос на напредокот на неговата култура. Тие се одвиваат под притисок на искуството и идеите за себеразбирањето, делумно настанати од митовите и делумно превреднувани од стварниот живот на нацијата. Нациите се замислени низ културата и според тоа се „културен производ од посебен вид“. Ако Македонската нација се разбере на овој начин, прифаќањето на националните обврски значи рефлексивно прифаќање на постојаната обврска да се учествува во критичка дебата за природата на националната култура. Рефлексијата за сопствената култура е подеднакво вреден начин на исполнување на нашите национални обврски, како и изразувањето на спремност да се умре за својата нација.
Ваквата рефлексија станува особено актуелна пред претстојниот Референдум за Договорот со Грција кој се однесува и на името на нашата држава. Тој е Настан кој не исправа пред прашањето за тоа кои се нашите национални обврски и кое е нашето разбирање за сопствениот идентитет.
Онолку колку што е можно да се говори за идентитетот на денешна Македонија, ние мораме да се соочиме со фактот дека овој идентитет е обележен со сериозно културно извитоперување. Изминатата деценија интензивно се работеше на разумското и морално анестезирање на македонските граѓани. Медиумскиот, образовниот и црквен подсистем ја одиграа пресудната улога во конструкцијата на делириумската политичка сцена. Политичката пропаганда, создавањето на стереотипи, манипулацијата преку медиумите, образованието и науката, и популарната култура, беа најважните техники за индоктринација и прифаќање на ресентиментичниот национализам на режимот. Овој стратешки дефицит се уште сериозно ја оптоварува нашата способност за рационално расудување кое овозможува прецизно да се измерат сите пропорции и големината на катастрофата од скорешното минато.
Главната стратегија на режимот во оваа смисла беше претворање на „колективната траума“ – „страдањето на Македонците“ во клучна точка на новото морално поврзување. Себе-перцепцијата на жртва така се зацврсти како „културна“ мапа на ориентирање и однесување на новото морално мнозинство: барање на признание (од секого – надвор од соседите и светот, внатре од малцинствата); преместена агресија (кон послабите и ранливи групи во општеството) и недостаток на грижа (зашто би се грижеле за мигрантите, Ромите или за било кого, кога тие се оние на кои им се должи).
Ваквиот идентитет е сериозно ограничување на можноста за разбирање и интеракција. Далеку од тоа да биде услов за себе-осознавање и поврзување, тој е повеќе услов за взамена аресија и себе-поништување. Колективот го претвора во едно разјарено битие чија свест е опустошена. Битието кое е исчашено се грчи, прета и клоца во надеж дека ќе се исправи.
Она што е важно тука е дека „избраната траума“ има малку врска со националната историја и колективната меморија. Нејзиното постојано ставање во фокусот немаше за цел меморизирање на (болката од) минaтото, туку нормализирање на чистките од сегашноста. Груевистичката идентитетска мапа е врзана пред се со губење на меморијата и свеста, не со памење. Тука не се рехабилитираа жртвите, туку се анестезираше нашата човечност.
Културната и цивилизациска супстанца од која го испразни новото морално мнозинство, режимот ја замени со градење на неговата „автентичност“. Скопје 2014 и неговиот морбиден декор требаше да посведочат за богата и „воинствена“ историја на Македонците. Како и да е, со неговите грди реплики на она што другите го создавале во минатото, режимот на „своите Македонци“ им го направи и врвниот цинизам – ги означи како некој кој води неавтентичен живот. Разлеани низ плоштадите на Скопје2014 тие се трет термин, нулта ниво кое ја поништува самата опозиција помеѓу автентичната егзистенција и езгистенцијата надвор од достоинството и слободата.
Она што е сепак вистинско во овој „македонски идентитет“ се страстите и стравовите кои идеолошкиот инжињеринг на режимот ги искористи за да продуцира омраза и конечно да ја трансформира оваа омраза во оправдување на ликвидацијата на Другите. Па така, помеѓу идентитетот на жртва (кој се држи постојано во живот преку спорот за името) и идентитетот на Ќосето, разликата станува чисто техничка. Упадот во Собранието или крвавиот четврток јасно покажува како ваквите национализми секогаш го затвораат својот круг. Ликвидацијата на Другите е секогаш крајната фаза на ресентиментската митологизација на идентитетот.
Овој фалсификуван портрет на Македонската нацијата иако поразен на изборите се уште има јасно дефинирана политичка цел која во моментов ја отелотворува Претседателот на државата (и која добива некаков здив во контекст на спорот со името). Истите луѓе на режимот кои беа користени за да се создаде и шири шовинизам (во кој човековите права на македонските граѓани беа видени како непријателски на библиска Македонија) сега нѐ опсипуваат со пораката дека Македонија секогаш била на страната на цивилизираниот мир и демократија, цивилизациските вредности и достоинство кое другите држави ѝ го повредуваат. Ова покажува дополнителна амбиција: не само што децениското политичко и морално скршнување од основните цивилизациски вредности треба да биде оправдано во очите на граѓаните, туку ова скршнување треба да биде претставено како политички и идеолошки континуитет во битката за заштита на „македонските национални интереси“. Фундаменталната цел на оваа идеја е да ја реинтерпретира и превреднува моралната катстрофа на нацијата, така што оваа катастрофа потоа ќе може да биде прикажана како легитимен дел од нашиот национален идентитет. Па така, додека на површината се води битка за зачувување на името на државата, во основата опашките на режимот ја водат битката груевизмот да се прифати како легитимен дел од нас.
Постои потреба за јасна, радикално нова морална политичка основа по моралната катастрофа. Ние не можеме да се преправаме дека ништо не е направено од нашиот идентитет и во име на нашиот идентитет. Многу луѓе беа отстранети или изопштени во текот на процесот на создавање на еднополарното општество. Повторно, доволно е да се слушнат изјавите на Претседателот на државата (и неговата „академска“ поддршка) за нашите континуирани традиции, идентитет и достоинство. Истовремено осеќаме дека основниот ефект е насочен против животот, против нас, против јаснотијата на директното барање на радост, на било што прифатливо или доволно. Неговите зборови за тоа што е вредност за него, на некој начин е осуда на она што е вредност за нас. Неговото разбирање на националниот интерес е навреда на нашето разбирање на човекот. Ниту една сфера на бесмртна суштина (библиска Македонија, античка Македонија, Македонија вечна) не може да даде утеха ако човекот ги изгуби своите суштински (човечки) способности. Во неговите корени ние сме искоренети. „Автентичниот Македонец на режимот“ престанува да биде човек.
Допуштањето груевизмот да остане како нормален дел од нас го поништува секој напор за наше нормализирање. Овој идентитет ја релативизира било која активност за воспоставување на правда, владеење на право, одговорноста за криминалите и овластените злоупотреби и постапките пред СЈО. Лесно може низ една врата да се влезе како криминалец, а од друга да се излезе како доктор на науки. Соочувањето со него низ јазикот е бесполезно – тоа е исто како да пукаш во куп измет. Нешто налик на партиски избалансираните тв дуели: еден кој верува во јазикот и другиот кој решил да го поништи и да се поништи себе си како човек. Но некој го ставил наспрема некој друг (и хорхе наспрема сите нас) и тоа поразува: жежи неговата фрустрација. Останува само еден комплетен мрак, една разоружувачка глупоќа со заби на ресентимент и комплекси да го држат во кондиција.
Наместо прифаќање на фалсификуваниот континуитет и традиција, ние мора да го поставиме прашањето на изградба на нов морален идентитет, покажувајќи дека после падот на режимот, континуитетот повеќе не е морално прифатлив. Ние мораме јасно да прекинеме со досегашната понижувачка реалност со цел да подготвиме пат за нов почеток. Радикален, морален крај на овој ресентиментски идентитет изгледа за есенцијално.
Самата промена на власта не е доволна, затоа што прифаќањето на либералната законитост на слобода, права и ограничувања не е возможно без воспоставена способност за различна рефлексија. Единствената вистинска стратегија на дисконтинуитет е стратегијата на морална рефлексија. Како и да е, рефлексијата за проблемите на нашиот морален идентитет зависи од присутноста на културен контекст кој во моментов не постои. Универзитетите и нашите научни центри (Правен факултет, МАНУ и разните институти) се премногу слаби самите да доведат до услови за морална рефлексија. До скоро чувари на Логорот, нашата понова историја ги открива повеќе како оние кои ја следат моќта, политиката (и хонорарите), отколку оние кои создаваат простор или луѓе за рефлексија. Тие не се способни да ја изнедрат новата вредносна матрица. Највеќе што можат е да ги почастат криминалците со по еден докторат и на нивните злоупотреби да им дадат научна афирмација.
Есенцијално за македонските граѓани е создавање на атмосфера во која тие ќе бидат волни да ја користат сопствената способност да просудуваат. Македонија мора да биде сместена во културен контекст кој ќе ја натера да ја „прими“ основната цивилизациска ориентација.
Европската Унија е таков контекст. Нејзините стандарди за владеење на право, транспарентност, реална конкуренција, итн. можеби директно не создаваат култура, но создаваат простор во кој борбата низ јазикот може да биде плодотворна. Тренингот на стандарди не може Македонецот на режимот да го претвори во културен деец, но може од неговата ментална празнина да ја отстрани социјалната агресија. Се работи за тоа да се преобразат начините на мислење и чуствување кои се наметнати со ресентиментичниот национализам и со коруптивниот менталитет и тенденции кон овластени злоупотреби кое ја уништува самата смисла, кое нѐ уништува нас како луѓе. Само кога во местата во кои сега се среќаваме со хаос и прекин „општеството е изградено“, ќе биде можно за тие индивидуи од македонска националност јасно да го восприемат нивното место во светот. Ова прифаќање на универзална ориентација треба да води кон квалитетни промени во поглед на останатите заедници кои живеат во Македонија. И тоа е задача на политиката.
Одбирајќи членство во ЕУ, актуелната власт одбира кохерентно, транспарентно и интелигибилно опкружување во кое индивидуите можат да постанат самоопределувачки (и во кое самата таа ќе биде ограничена).
Како и да е, едно нешто мора да биде направено јасно: членството на Македонија во ЕУ под новото име не ја уништува традицијата ниту националниот идентитет (за сметка на индивидуалниот прогрес или преживување). Актуелната политика го уважува фактот дека животот во рамките на својата национална заедница претставува вредност за индивидуите и зема учество во политичката борба која на нацијата ќе и обезбеди нејзина сопствена јавна сфера! Таа не ги поставува сопствените граѓани пред присилен избор: или да се приклучат на помоќна, побогата нација и да уживаат во нејзиното чуство на сигурност и нејзиниот економски просперитет (да емигрираат) или да останат затворени внатре во сопствената култура осудена на маргинализација и внатрешно извитоперувањe. Членството во ЕУ (како организација која се обидува да ги изедначи животните изгледи на припадниците на сите држави членки) им овозможува на индивидуите овие одлуки да ги носат само на основа на своите културни и комунални преференци (на пример, да земат бугарски пасош само доколку навистина се чуствуваат за Бугари).
Повторно, во моментот не се води битка за зачувување на нашиот идентитет или национална припадност, туку за тој кој го има правото да го одреди значењето на тоа припаѓање! Културниот национализам од изминатата деценија нацијата ја доживува како „политичко единство центрирано околу ирационалниот предцивилизациски поим на народ“. Вмровскиот културен национализам е на раб на патологија и осуден е да кулминира во катастрофа. Неопходно е да се понуди поинакво национално разбирање. Актуелната политика се обидува отровниот етноцентризам на минатата деценија да го замени со трезвена верзија водена од почитувањето на либералните вредности и (како и самата Европска унија) ја наметнува идејата дека развивањето на националниот живот не зависи од затворање и изолација, туку од развој на трансанционалните врски, кои служат да се ослободиме од етноцентричните и ксенофобични аспекти на национализмот. Во оваа смисла успехот на Референдумот е прашање на морален дисконтинуитет, што е стриктно во интерес на иднината, како базичен услов за правење на првиот чекор кон демократска нормалност. А Договорот со Грција- избор на нов морален идентитет. Не кои сме ние, Македонците, туку што сме – како гледаме на себе и на светот околу себе.
Мораме да се отвориме кон светот и да разбереме дека пропаста не се наоѓа надвор, туку дека гори како распламтен оган во скутот на „Македонија вечна“. Постои вистинска, стварна вечност, која се наоѓа од онаа страна на времето: а постои и друга, негативна, лажна вечност која се наоѓа пред времето: токму онаа вечност во која трулиме, далеку од спасението, надвор од подрачјето на надлежност на некој спасител и која не ослободува од сѐ, лишувајки не од сѐ. Сѐ станува постојано повторување на неподносливото, се тоне во бездна во која залудно сметаме на расплет. Таа истоветност, воедно фаталност и опседнатост, нѐ оковува за нашите мани, нѐ повлекува наназад, и исфрла вон новото, вон времето. А од него исфрлени, се сеќаваме на иднината, не учествуваме повеќе во неа.
На Македонија и се заканува друг пад, чија големина е се уште тешко да се процени. Овој пат нема да испадне од вечноста, туку од времето, а да се испадне од времето значи да се испадне од историјата, значи, кога постоењето е сопрено, да се заглиби во неподвижност и суморност, во апсолутно мртвило, каде што и самиот збор пропаѓа, бидејки нема сила да си издигне до пцовка или молитва (Сјоран). Кога смртта коегзистира со животот на овој начин, тоа не е национален непокор, туку осакатување.
Потребно е да разбереме дека не се само настаните она што нѐ менува и што ни дава облик, туку противдејствијата кои ги извлекуваат од „нас“ и кои ни го наметнуваат она што сме и понекогаш ни помагаат да бегаме од она за што ни кажуваат дека сме. Референдумот е можност за конечен исчекор од груевизмот во нас и прифаќање на новиот вид на политичка „религиозност“ образуван околу повеќе или помалку целовитиот систем на заеднички вредности: култот на правото, правдата, слободата и солидарноста. Мораме да го доведеме разумот до неговата позиција на врамнотежувач или регулатор на ирационалните сили и воедно во улогата на вистинска оска на новиот морален идентитет на Македонците.
(Елена Михајлова-Стратилати, професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје)