Во средината на март, Хрватска, Албанија и Косово потпишаа воен сојуз. Србија и Унгарија, пак, склучија воен сојуз. Дали новите сојузи ја загрозуваат безбедноста во Југоисточна Европа и го зголемуваат ризикот од војна

ТОМАС БРАЈ
Српските медиуми под контрола на државата едногласно ја фалат договорената воена соработка меѓу Србија и Унгарија: „Бомба што ќе го потресе регионот“, пишува во насловот на таблоидот Информер. Владиниот весник „Курир“ на настанот гледа „историски момент“, според „Новости“ тоа е „нов доказ за железното пријателство“, а порталот „Република“ тврди дека „Хрватите и Албанците се во паника поради српско-унгарскиот воен сојуз“.
Без разлика дали се работи за весници, телевизија или интернет портали: сите медиуми под строго државно контролирање ја трубеа веста за воениот сојуз потпишан на почетокот на април во Белград од министрите за одбрана на Унгарија и Србија, Кристоф Шалај -Бобровнички и Братислав Гашиќ. Неколку дена подоцна, претседателот на босанските Срби Милорад Додик објави дека Република Српска во Босна и Херцеговина ќе се приклучи на „новиот воен сојуз“.
За што се работи кај договорот меѓу Загреб, Тирана и Приштина?
Српските медиуми од двете страни на реката Дрина го опишаа новиот „воен пакт“ како реакција на неодамна договорениот воен сојуз меѓу партнерите во НАТО, Хрватска и Албанија, заедно со Косово, чија независност Србија сè уште не ја признала. „Посебно загрижува тоа што овој воен сојуз е формиран без консултации со Белград“, се вели во соопштението на српското МНР. Според него, договорот „има за цел да ја изолира Србија и да создаде паравоени структури на Косово и е груба провокација“, се вели во документот.
Договорот потпишан на 18 март 2025 година од министрите за одбрана на Хрватска, Албанија и Косово во Тирана се однесува на соработка во рамките на Стратешкиот концепт на НАТО и безбедносната политика на Европската унија. Тој е наменет за зајакнување на соработката меѓу индустриите за оружје на договорните страни, како и за обука на војници и команданти. Планирани се и заеднички воени вежби, како и мерки за спротивставување на странски сајбер напади и кампањи за дезинформација.
Во врска со тврдењата на Србија дека е загрозена од овој нов воен сојуз, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ увери: „Овој меморандум за соработка нема непријателски карактер“.
Сепак, трипартитниот договор ги разгорува децениските национални ривалства и непријателство меѓу Србија и Хрватска. Вклучително и поради изјавите како онаа на хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ, кој потсети дека времето кога Хрватска мораше да го прашува Белград што може и што не може, одамна поминаа. „Ова никогаш повеќе нема да се случи“, рече тој.
Загрепскиот весник „Јутарњи лист“ тврди дека српскиот претседател Александар Вучиќ доживеал нервен слом кога дознал за трипартитниот договор. Можеби ова ги објаснува и триумфалните наслови во српскиот печат: „Хрватска и Албанија добија експресен одговор: Унгарија и Србија потпишаа воен сојуз“.
Што се договорија Белград и Будимпешта?
По поблиска проверка, овој „воен сојуз“ меѓу Белград и Будимпешта, претставен како историски, се покажува како само политичка финта за медиумите под контрола на Вучиќ. „Тоа изгледа како други маркетиншки трикови на Вучиќ“, изјави опозицискиот политичар Петар Бошковиќ за опозицискиот белградски весник Данас.
Српскиот воен експерт Александар Радиќ изјави: „Нема елементи на воен сојуз. Помпезно објавениот договор содржи само конкретни проекти за воена соработка, за кои годишно се преговара врз основа на рамковен договор од 2023 година“. И самиот Вучиќ отстапи: „Целта е да се создаде воен сојуз“, чии темели сега се поставуваат.

СЕ ЗГОЛЕМУВА ЛИ РИЗИКОТ ОД ВОЈНА НА ЗАПАДЕН БАЛКАН?
Но, без разлика на договорената воена соработка (колку и да е нејасна), во земјите од Западен Балкан се акумулира оружје со години. На пример, Хрватска, која штотуку ја воведе воената служба, купи борбени авиони Рафал од Франција и преговара за испорака на тенкови Леопард. Србија, исто така, потпиша договор со Париз за купување на повеќенаменски борбени авиони, а истовремено купува и системи за оружје од Русија и Кина.
По повод оваа дебата, сараевскиот весник Кликс потсети на познатата максима дека „Непријателот на мојот непријател е мој пријател“. А сепак, ако погледнеме повнимателно на новите воени сојузи, ќе видиме дека војната во блиска иднина е малку веројатна. На почетокот на април, генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави дека нема потреба да се става ситуацијата во регионот на агендата на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел. Неговиот претходник Јенс Столтенберг исто така тврдеше дека нема директна воена закана.
„Мала е шансата да избие вистинска војна“, вели Вук Вукасановиќ од Центарот за безбедносна политика во Белград. И покрај повторното вооружување, земјите нема да имаат доволно ресурси за таков конфликт, а локалните елити особено ќе мора да се плашат за своите позиции на моќ во случај на војна.
НАТО ЈА КОНТРОЛИРА СИТУАЦИЈАТА Покрај тоа, НАТО има силно присуство во регионот. Освен Косово, членки на Алијансата се сите соседни земји на Србија и Босна/Херцеговина. САД имаат голема воена база на Косово – Камп Бондстил. Романската воздухопловна база Михаил Когалничану во близина на Констанца моментално се проширува за да стане најголемата база на НАТО во Европа со 10.000 војници. Во пристаништето Драч на албанското јадранско крајбрежје одамна е планирана голема поморска база. Во оваа ситуација, водењето војна против оваа воена сила би било еднакво на извршување харакири.
(авторот е дописник на ДПА и Дојче Веле од Косово)