„Лефти и Рајти го спасуваат џемперчерто Воли“ по сликовницата на Наташа Дукоска веќе има неколку поставки а можеби од него ќе има и анимиран филм

Другарството, солидарноста и вредноста на навидум обичните нешта, се пораките кои преку авантурите на „облеките што зборуваат“ од ликовите Лефти и Рајти, за брзо време ја освоија детската љубопитност. Сликовницата „Лефти и Рајти“ на Наташа Дукоска во издание на „Чудна шума“ оживеа и во претстава која по неколку изведби. Последната е од понеделник 2 јуни во поткровјето на Дневна соба.
Многугодишното искуство на Дукоска во областа на комуникациите и адвертајзингот ( таа е имено менаџер во адвертајзинг агенцијата „Навигаторс“) и неизмерната љубов кон фантазијата и детскиот свет се приближно формулата од која се родија „Лефти и Рајти“, за како што вели таа да помогнат во создавање на посреќни деца а подоцна и возрасни кои ќе можат да ја обојат и разиграат оваа веќе се посива и многу сериозна планета.
Публикувањето на сликовницата со ликовите Лефти и Рајти, облеките кои зборуваат и истовремено едуцираат, за краток период ги освои децата.
– Да, замислете си како во светот на облеките, облеките живеат, седат во плакарот, си раскажуваат што им се случило доколку излегле тој ден, некои од нив има и што спортуваат, други се за „фрцкање” само за родендени и свечени прилики. Сите тие имаат различни перспективи и карактери. Најдоброто нешто е што на децата ги освои овој нов свет. Тоа е најдобриот дел! Лефти и Рајти си имаат свои обожаватели и самата перспектива дека облеките треба да се чуваат и да се диплат, како што слушнав од родителите, веќе функционира – ќе рече таа за својот производ.
„Преку приказни и изградени ликови во целост, пред децата се отвора еден бесконечен нов свет. Се буди фантазијата а креaтивноста се стимулира. Се разбира тоа значи продлабочување на детските виуги потребни за кое било креативно решавање на проблеми или критичко размислување. Мултимедијалниот пристап е неизбежен и потребен, затоа и посакував анимирање на целата приказна, преплетена со креативност, хумор и авантура“ – додава таа во интервју за порталот Инаку, Лефти и Рајти зборуваат за другарство, зборуваат за солидaрност, но и жед за авантура, игра и забава. Авторката не тргнала од моментот што е модерно да се зборува деновиве, која тема ќе им се допадне на возрасните, туку што е тоа што ќе ги заинтересира децата и ќе им даде оддишка од светот кој станува сè посив и многу сериозен. „Лефти и Рајти се тука да ни потврдат колку се прекрасни некои работи кои за кои сметаме дека се неважни, односно ги земаме здраво за готово: да имаме дом, да одиме на сладолед, па дури и во градинка, да одиме во парк.. едноставни работи, кои ни потврдуваат колку треба да сме благодарни. А благодарни деца или возрасни значи среќни луѓе и со тоа посреќни и поздрави општества“ – посочува таа.

Авторката открива дека размислува да се направи анимиран филм од оваа сликовница и дека постои заинтересирана продукција која веќе го подготвува анимираниот проект, кој се надеваме дека ќе го завршиме до крајот на годината.
Претставата која се игра ја режира Изабела Јакимова која воедно стои и зад адаптацијата на текстот. Нејзиниот пристап преку ‘Театар за тебе’, успеа да ја задржи нежноста и духовитоста на оригиналната сликовница, во визуелно богати сцени и дијалози кои ги ангажираат и најмладите гледачи“, се вели во најавата.
Улогите ги толкуваат Јана Велева, Бранко Атанасов, Ангела Лефкова и Мина Јелушиќ Јериниќ.
„Публиката ќе има можност да ја доживее магијата на книжевноста оживеана на сцена, дело на авторка која со своите сликовници веќе ги освои срцата на многу деца и родители низ Македонија“, пишува во повикот за посета..
Претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам.