ФАТМИР БЕСИМИ
Во текот на годината којашто изминува редовно ѝ се обраќав на јавноста, читателите, преку моите колумни. Иако, признавам, пишувам многу екстензивно и детално, како економист стојам зад тоа дека за да се формира мислење за одредена тема, треба да се имаат сите информации, или како што често велам „да се има целосната слика“.
Така, пишувајќи за буџетот, за даночната политика, реформите во јавните финансии, системските реформи во јавниот сектор, стратегиите за заздравување од неколкуте глобални кризи кои ја погодија економијата, како и плановите за забрзување на растот и европската иднина, преку факти и бројки поткрепени со економска теорија, сакав да придонесам кон транспарентноста и отчетноста, како и разбирањето на состојбите, процесите и целите за нашата економија.
Додека стоиме на прагот на новата година, најпогоден момент e да размислиме за патот којшто го минавме и за она што ни претстои. Догодина на економски план ни претстои многу работа, затоа да видиме до каде сме сега, што е следно и кои се нашите цели. Крајната цел секако е подобра и попросперитена, европска иднина за нашите граѓани преку економски раст, подобрување на јавните услуги, јакнење на конкурентноста, инвестиции во човечкиот капитал и во стратешки капитални проекти.
Дозволете ми преку оваа колумна, преку елаборирање на макроекономските показатели и развојни стратегии, да дадам една севкупна слика за остварувањата годинава и очекувањата за догодина и на среден рок.
БДП: ТЕШКА ГОДИНА, ОТПОРНА ЕКОНОМИЈА Во годината која изминува глобалната економија продолжи да заздравува од шоковите поврзани со пандемијата, руската инвазија на Украина и двоцифрената инфлација. Сепак, не може да се каже дека светската економија заплови во мирни води, имајќи ги предвид заострувањето на финансиските услови, а воедно и намалениот простор за фискална поддршка поради повисоките нивоа на јавен долг, понатаму, геополитичката и геоекономската фрагментација, како и ризиците поврзани со климатските промени. Глобалната економија покажа висока отпорност и покрај нарушувањата на пазарите за енергија и храна, и продолжи да бележи позитивни економски резултати, со тоа што растот на глобалната економија забави, но не запре. Според есенските проекции на ММФ растот на глобалната економија се очекува да забави од 3,5% во 2022 година на 3% годинава и 2,9% во 2024 година. Економската активност во ЕУ во 2023 година се очекува да остане слаба и да забележи раст од 0,7%, додека во 2024 година растот е проектиран на 1,5%. СР Германија, земја во која е насочен најголемиот дел од извозот на домашните компании, се очекува да закрепне и да забележи раст од 0,9% во 2024 година, по проектираниот пад од 0,5% во 2023 година.
ДOГОДИНА ЗАБРЗУВАЊЕ НА РАСТОТ Во услови на континуирана криза и неизвесност предизвикана од неповолни надворешни фактори, нашата домашна економија се покажа отпорна и остана на патеката на растот, иако, како и глобалната економија се забележува забавување на економската активност. За следната година се очекува забрзување на економската активност, помогнато од повисокиот раст кај нашите најголеми трговски партнери, а со тоа и раст на странската побарувачка, како и напреднувањето на најголемиот инвестициски циклус во кој е влезена нашата земја преку крупните инфраструктурни проекти. Економскиот раст во 2024 година се очекува да изнесува 3,4%, во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка. Најголем придонес кон растот се очекува да имаат бруто-инвестициите, пред сѐ како резултат на интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата, односно коридорите 8 и 10, како и државната поддршка за унапредување на приватниот сектор и зајакнување на конкурентноста, иновативноста и технолошкиот развој на претпријатијата преку алтернативни извори и инструменти за финансирање и најавените инвестиции за проширување и изградба на нови капацитети во технолошко-индустриските развојни зони за раст на приватните инвестиции. Исто така, се очекува започнувањето на пристапниот процес кон ЕУ, да ги зајакне реформските процеси во земјата и да обезбеди зголемена поддршка за инвестции со што дополнително ќе се унапреди довербата кај инвеститорите. Поволните услови во земјата како и зголемениот интерес и поддршка за инвестиции во обновливи извори на енергија дополнително ќе ја поддржи инвестициската активност.
ПРОСЕЧНИ ГОДИШНИ СТАПКИ ОД НАД 5% Очекувањата на среден рок се дека економскиот раст ќе забрзува, со спроведување активностите и мерките од развојните планови, за да ги достигне потребните стапки за побрза конвергенција, од околу 5%. Ова е под претпоставка дека нема да се соочиме со поголеми шокови, каков што беше случајот со изминатите години.
Тука, накусо би се осврнал на стратегијата и политиките кои би се спроведувале на среден рок за да се забрза економскиот раст, односно Планот за забрзан економски раст и Планот за јавни инвестиции, поддржани со политики за макроекономска стабилност и фискална одржливост. Планот за забрзан економски раст 2022-2026 година е општа рамка која ги зема предвид сите елементи, што можат да придонесат кон зајакнување на потенцијалот за раст на среднорочна основа и претставува надоврзување на Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст („SmartER Growth“). Со Планот се предлагаат иновативни начини за финансирање на инвестициите, јавни и приватни, преку користење на сите расположливи средства понудени од официјалните кредитори и користење на сите можности за мобилизација на приватниот капитал. Покрај буџетските средства, предвидено е и финансирање преку грантови, акции, концесии, нови видови обврзници, јавно-приватни партнерства итн. Во рамки на Планот за забрзан економски раст, Министерството за финансии веќе успешно ги реализира првите емисии на граѓанската и зелената обврзница, а во наредниот период се планира да бидат воведени и проектната и развојната обврзница, средства кои се наменети кон развојни и зелени проекти.
Во Планот на јавни инвестиции се утврдени повеќегодишните, стратешки важни капитални проекти, како инфраструктурните проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството и заштитата на животната средина. Тие се финансираат преку диверзифицирани извори и тоа од буџетски средства, донации, пред се ИПА фондови, како и заеми од меѓународни финансиски институции/билатерални кредитори. Тука спаѓаат автопатските делници и пругите на Коридорот 8 и 10, гасификацијата, ХЕЦ „Чебрен“, ветерни паркови и фотонапонски електрани, пречистителна станица за отпадни води во Скопје и станици за цврст отпад и многу други проекти.
Кон забрзување на економскиот раст ќе придонесе и понатамошниот напредок во интегративниот процес кон ЕУ, како и Планот за раст на Западен Балкан, на кој ќе се осврнам кон крајот на овој текст.
ИНФЛАЦИЈА: ВРАЌАЊЕ НА ИСТОРИСКИОТ ПРОСЕК Глобално, по достигнување на највисоката стапка на инфлација минатата година, од ‘80-тите години од минатиот век наваму, инфлацијата и инфлациските очекувања годинава се стабилизираат. Глобалната инфлација се очекува да се намали од 8,7% во 2022 година на 6,9% во 2023 и 5,8% во 2024 година. Инфлацијата во Еврозоната е проектирана на 5,6% во 2023 година и 3,3% во 2024 година. Враќање на историски ниските стапки на инфлација од 2% се очекува да се постигне на среден рок, односно 2025 година.
И кај нас, откако во октомври 2022 година инфлацијата го достигна своето највисоко ниво од 19,8%, натаму таа во континуитет се намалува и согласно последните расположиви податоци годишната инфлација во ноември изнесува 3,1%. Кумулативно во периодот јануари-ноември 2023 година стапката на инфлација изнесува 10,2%, додека нашата проекција е дека за цела година ќе се вратиме на едноцифрена просечна стапка од околу 9%. Следната година се очекува понатамошно намалување на стапката на инфлацијата. Очекувањата за неа во 2024 година се 3,6% во услови на одржување на стабилно ниво на цени на енергенси и храна на меѓународните пазари, како и понатамошно забавување на базичната инфлација, додека на среден рок, односно 2025 година би се вратиле на историски ниските стапки од 2%.
НАДМИНАТ ЈАЗОТ МЕЃУ ДОМАШНАТА И СТРАНСКАТА ИНФЛАЦИЈА
Мерките кои ги презема Владата, во комбинација со затегнатата монетарна политика на Народната банка, дадоа резултати, ако се земе трендот на движење на инфлацијата минатата и оваа година, каде забележуваме остар пад, како и надминување на јазот кој постоеше во однос на просечната стапка на инфлација во ЕУ поради структурните разлики на економијата. Имено, ако во ноември минатата година во ЕУ годишната стапка на инфлација изнесуваше 10,1%, а кај нас 19,5%, односно разликата е 9,4 п.п., во ноември 2023 година и кај нас и во ЕУ стапката на инфлација е 3,1%. Големото учество на храната во индексот на потрошувачките цени и увозот на енергенти имаа силно влијание врз домашната инфлација.
Ќе истакнам дека од почетокот на енергетската криза досега, Владата донесе три пакета на мерки за справување со енергетската и ценовната криза (со овие три, од почетокот на пандемијата наваму, Владата донесе вкупно девет пакети антикризни мерки). Мерките за справување со енергетската и ценовната криза на почетокот беа насочени кон ублажување на ценовниот шок од растот на цените на енергенсите врз населението и компаниите, преку субвенционирање на цената на електричната енергија и повластена стапка на ДДВ за електричната енергија. Подоцна мерките ги насочивме кон ублажување на последиците од високите цени на храната, преку мерки за замрзнување на основните производи, зголемување на минималната плата, пензии, плати во јавниот сектор, како и еднократни финансиски додатоци кон најранливите категории на граѓани. Мерките кои ги преземавме овозможија да се забави ефектот на пренос на увезената инфлација и спречување на повисоки ценовни шокови.
Догодина, најавувам дека продолжува реализацијата на антикризните мерки, преку понатамошно спроведување на деветиот пакт, кој е во износ од 662,4 милиони евра. Десетина од мерките предвидени со деветиот пакет ќе се реализираат во 2024 година и со тоа ќе продолжи да се дава поддршка на граѓаните и стопанството во насока на нивна заштита и поттикнување на конкурентноста.
ВРАБОТЕНОСТ, ПЛАТИ, ПЕНЗИИ: РАСТ ГОДИНАВА, РАСТ И ДОГОДИНА Во 2023 година продолжи трендот на намалување на невработеноста и пораст на вработеноста. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, стапката на невработеност во третото тримесечје годинава е на историски најниско ниво и изнесува 12,8% во категоријата 15-74 и истата е намалена за 0,5 п.п. во споредба со почетокот на годината, односно со првото тримесечје. Стапката на вработеност во категоријата 15-89 во третото тримесечје изнесува 45,7% и во однос на првото тримесечје е зголемена за 0,6 п.п. притоа, бројот на вкупно вработени лица од првото до третото тримесечје е зголемен за околу 9.500 лица. Позитивните движења на пазарот на труд се очекува да продолжат и во 2024 година, како резултат на зголемените инвестиции и потребата од работна сила, активните мерки и програми за вработување и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места. Така, догодина се очекува раст на бројот на вработени од 2%, што ќе резултира со дополнително намалување на стапката на невработеност наредната година.
Просечната плата во 2023 година имаше изразен раст, кој согласно последните податоци во октомври покажува годишен раст од околу 17%, односно просечната нето-плата достигна 38.843 денари, што е зголемување за 66% во изминатите шест години. Растот на платите во изминатиот период е резултат на Владините мерки за покачување минималната плата за над 100%. Влијание на ова има и повеќекратното зголемување на платите во јавниот сектор низ годините, вклучително и последното за целиот јавен сектор од 10%. Исто така, Владата во неколку наврати субвенционираше покачување на платите во приватниот сектор, преку финансиска поддршка и даночни олеснувања. Кај пензиите продолжи трендот на зголемување преку нивно усогласување, со раст од 21%. Растот на просечната нето-плата следната година се очекува да изнесува 8,4% на номинална основа. Исто така, и недостигот на работна сила за некои позиции во приватниот сектор дополнително придонесува за раст на платите.
(Текстот на министерот Бесими во вториот дел ќе го продолжиме следниот број)