Скопје и Атина го информираа Гутереш дека стапи на сила Договорот од Преспа. Експерти од Вашингтон го коментираат потпишувањето на протоколот за пристапување на Македонија во Алијансата
Добра вест за регионот! Се заокружува мозаикот на заедничката одбранбена и безбедносна политика во регионот, под знамето на НАТО. Вака експерти за Гласот на Америка го коментираат пристапниот протокол.
Даниел Сервер од Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон и добар познавач на Балканот, ги коментира предностите и користа од членството во Алијансата:
„Најпрво, тоа значи гаранција за безбедноста од другите членки на НАТО. Но, тоа не е се`. Членството за Македонија ќе значи поголема трговска размена и инвестиции, иако НАТО не е економска организација, ќе има економски ефект врз земјата. Дополнително обезбедува гаранции за суверенитетот и територијалниот интегритет. А тоа е важно за земја која страдала од меѓуетнички тензии“, вели Сервер.
По зеленото светло во парламентарните комисии, в четврток се очекува протоколот за членство да биде ратификуван и во Албанија. До крајот на месецов, е најавено во Бугарија и Словачка. По завршувањето на процедурите за ратификација во сите парламенти, на следниот самит, Македонија и официјално би станала 30-та членка на Алијансата.
Се работи за окончување на незавршен процес кој што требаше многу одамна да се заокружи.
„Генерално, бенефициите од членството се двострани, една е безбедносната компонента, како дел од воената Алијанса. Но исто така е важен чекор во правец на интегрирање кон Западот. НАТО секогаш бил дел од тој процес“, вели дамир Марушиќ е главен уредник во Магазинот „Американ Интерес“, експерт за Балканот. Запрашан – дали членството на Македонија во НАТО ќе го забави или одврати руското влијание, вели аналитичарот Дамир Марушиќ.
„Не гледам дека ќе биде ставен крај на операциите за ширење на руското влијание во регионот; протоколот со НАТО е пораз за нив, но тие ќе продолжат се` додека можат да ги наметнуваат интересите. Затоа, треба да се удвојат напорите за имплементирање на Договорот од Преспа, што побргу Северна Македонија во НАТО, и поттик за останатите во регионот, да се придружат“, смета Марушиќ.
Грција беше прва земја, што го ратификуваше протоколот за членство во НАТО на идната Република Северна Македонија.
Скопје и Атина доставија заедничкото писмо до генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш со кое го информираат за датумот на влегување во сила на Конечната Спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните.
Од МНР за МИА rekoa дека за промената на името, во најкус можен рок ќе бидат информирани и Секретаријатот на ООН, земјите членки, државите набљудувачи на ООН, како и сите останати меѓународни организации.
По добиената вербaлна нота од Грција дека е завршена ратификацијата на Преспанскиот договор и на Протоколот за членство во НАТО, Владата соопшти дека официјално почнува примената на новото уставно име Република Северна Македонија.
По оддржаниот прв состанок, Меѓуресорската работна група за извршување на обврските од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, ги донесе следните одлуки во врска со потребните мерки и активности за извршување на обврските на Република Северна Македонија по влегувањето во сила на Конечната спогодба и Уставните амандмани и Уставен закон на 11 јануари 2019, денес на 12 февруари 2019, со индикативни временски рокови за нивна реализација:
Царинската управа да стави налепници на таблите на граничните премини, државната граница на Република Северна Македонија и на двата аеродроми во Република Северна Македонија, во рок од 3 дена (веќе е сторено), Секторот за односи со јавност при Владата на Република Северна Македонија во рок од 7 дена да изработи Книга на графички стандарди со која ќе утврди стандарди за визуелен приказ на уставното име Република Северна Македонија во склоп со државниот грб како лого кое го користат државните институции за јавните табли на влезот од сите институции.
Генералниот секретаријат во рок од 7 дена да изготви софтвер кој ќе ги содржи сите институции од државно и локално ниво, како и димензиите на јавните табли. Промената на сите табли, на централно и локално ниво, да се заврши во рок од 4 месеци.
Сите институции да извршат промена на сите дигитални записи (логoа, меморандуми, електронски комуникации, веб страни, медиуми итн.) во рок од 3 дена.
Сите институции треба соодветно да ги изменат меморандумите, печатените материјали, папките, индикаторите, во рок од 2 недели.
Министерството за надворешни работи, да ги замени таблите во министерството како и печатите и штембилите во министерството во рок од 2 недели, а во дипломатско-конзуларните претставништва во рок од 3 недели.
Министерството за внатрешни работи да започне со издавање на нови регистерски таблички, во рок од 4 месеци. Во меѓувреме, како преодно решение, МВР ќе обезбеди налепници со ознака ‘NMK” за регистерските таблички на возилата.
Министерството за внатрешни работи да ги преземе потребните мерки и активности за спроведување на решение во преодниот период до создавање технички претпоставки за издавање на нови патни исправи. Издавањето на нови пасоши да започне од крајот на 2019г. Во преодниот период, Министерството за внатрешни работи при излез од или влез во Република Северна Македонија, во постојните и новоиздадените во преодниот период патни исправи ќе биде ставен печат кој ќе појасни дека патните исправи припаѓаат на Република Северна Македонија.
Народната банка, со оглед на комплексноста на постапката, да направи анализа и план на неопходните активности за постепена замена на банкнотите, со оценета временска динамика, во рамките на редовните нови емисии, водејќи сметка за макроекономската стабилност; првите нови банкноти со новото име на Народната банка би можеле да бидат изготвени на почетокот на 2020г. и потоа, сукцесивно, да бидат целосно заменети најдоцна во рок од 5 години од отварањето на релевантното ЕУ поглавје.
Сообраќајните знаци на меѓународните патни правци во земјата, давајќи предност на ендонимите (во англиска транскрипција) врз егзонимите (на македонски јазик во кирилско писмо) да се променат во рок од 2 месеци.
Во рок од 6 месеци да се направи преглед и ревизија на статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктура и доколку се однесува на античката хеленска историја и цивилизација како дел од историското наследство на Грција, да се преземат соодветни корективни мерки и активности.
Во рок од 6 месеци, да се пристапи кон отстранување на симболот истакнат на поранешното национално знаме од целиот јавен простор и јавна употреба. Археолошките артефакти се изземени.
Замената на патните документи и регистарските таблички со новото име на државата ќе бидат на товар на граѓаните. Новите регистарски таблички се очекуваат да бидат издадени кон средината на мај, а патните документи кон крајот на годината.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција рече дека до издавањето на новите регистарски таблички ќе се користат налепници со ознаката НМК кои ќе им бидат давани на граѓаните на граничните премини при излез од државата.
Од друга страна, Министерството за внатрешни работи веднаш треба да ја започне постапката за набавка на новите патни документи така што првите документи со новото име се очекува да бидат издадени кон крајот на годината.
Старите документи остануваат во важност до истекот на техничкиот рок утврден со Договорот од Преспа, а тоа се пет години. Ова значи дека секој граѓанин во рамки на редовната постапка кога ќе го менува пасошот, ќе го добие новиот и ќе ја плати цената која е редовна за замена на патните исправи, појасни Бошњаковски.
Имињата на градовите како Македонска Каменица и Македонски Брод, како што рече Бошњаковски, ќе останат исти, додека институциите кои во своето име имаат македонска, македонско имаат рок од четири месеци да го променат името.
На граничните премини новото име ќе биде напишано на македонски, англиски и на јазикот кој го говорат 20 проценти од граѓаните во таа локална самоуправа.
Засега не се знае точно кога ќе биде поставено новото име на зградата на Владата, но тоа, како што вели Бошњаковски, треба да биде направено во рок од четири месеци, период во кој треба да се променат и таблите на институциите на централно и локално ниво.