Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

НОВО НОРМАЛНО? НЕ. НОВО НЕИЗВЕСНО

March 18, 2025 Filed Under: Македонија

Share
Share on Google Plus
Share
Share on Facebook
Tweet
Tweet this

И како и после падот на Берлинскиот ѕид во 1989, еден човек е одговорен за сè. Тогаш беше генералниот секретар на Комунистичката партија на СССР Михаил Горбачов, денес тоа е американскиот претседател Доналд Трамп. И во двата случаи, водачите на супер силите прогласија банкрот

ИЗЕДЕНО ВРЕМЕ Го „изедовме“ времето за членство во ЕУ и бидејќи не сме на масата, одново ќе бидеме на менито. За доцнењето, има многу одговорност да се сподели кај сите партии од независноста до денес

ДЕНКО МАЛЕСКИ

Од биполарен свет кој траеше четириесеттина години, преку униполарен, изминативе триесет и пет, до мултиполарен, се менуваа шарките на калиедоскопот на меѓународната политика од Втората светска војна наваму. Последнава промена на структурата на меѓународното општество на држави некој ја нарече „ново нормално“. Камо да е така лесно. Побргу ќе да е „ново ненормално“, зашто до „новото нормално“ прво не чека „ново неизвесно“.

И како и после падот на Берлинскиот ѕид во 1989, еден човек е одговорен за сè. Тогаш беше генералниот секретар на Комунистичката партија на СССР Михаил Горбачов, денес тоа е американскиот претседател Доналд Трамп. И во двата случаи, водачите на супер силите прогласија банкрот. Во првиот случај, СССР банкротираше во прескапата трка во вооружување, во вториот Америка банкротираше во обидот да наметне своја хегемонија врз целиот свет. Вака некако би одел реалистичкиот наратив за промените во меѓународната политика изминативе децении.

Овие брзи и ненадејни унилатерални потези на водачите на СССР Горбачов и на САД, Трамп, ги изненадија нивните сојузници оставајќи ги како „риби на суво“. Се сеќавам дека и на Михаил Горбачов му беше полесно со претседателот на Америка Роналд Реган отколку со сојузникот Ерих Хонекер од Источна Германија или со претседателот Николае Чаушеску од Романија. Токму како што денес на Трамп му е полесно со Русија отколку со Емануел Макрон од Франција или Кир Стармер од Велика Британија. И тогаш како и сега политичките елити на некогашните сојузници на големите сили си ја бранат својата загрозена политичка моќ. Чаушеску ја бранеше буквално до последниот момент на својот живот кој заврши пред стрелачки вод. Сепак, процесот беше незапирлив. По повлекувањето на руската моќ во границите на Русија, Источна Европа стана вистинско политичко чистилиште – беа збришани сите дотогашни политички елити, до последната.

Повлекувањето на американската моќ од Европа, се чини, ќе го има истиот ефект врз сегашните политички елити во Европа. Како што оди Америка, оди и светот, вели една поговорка. Ако е така, порастот на влијанието на десницата во Европа е неминовност. Во тој случај, институции како НАТО, кои го симбоилизираа досегашниот мултилатерализам, ќе ги нема или ако и натаму да постојат, ќе бидат како празни школки.

Нешто драматично ново се раѓа во меѓународните односи. И додека, соочувајќи се со „новото нормално“, европските сојузници трескавично свикуваат состаноци на разни нивоа, оние држави, како Македонија, кои не се членови на ЕУ ќе чекаат да слушнат каква ќе биде нивната судбина. Зашто Европа ја чекаат драматични промени полни со неизвесност. Првата моја реакција беше дека во спорот меѓу сојузниците преку Атлантикот, нашето место е со Европа зашто сме европска држава. Тоа го диктира нашиот долгорочен интерес како држава на европскиот континент. Но, сега, кога ситуацијата станува „спасувај глава како знаеш и умееш“ македонските политичари немаат време за долгорочни стратегии за државата. На тоа требаше да се мисли во 1991 кога на мирен начин ја освоивме нашата независност. И не само да кажеме дека ЕУ и НАТО се наши стратешки цели, туку целите да ги остваривме со храбра акција на наши политичари спремни да голтаат живи жаби и со непопуларни одлуки да го спасат народот и државата. Ништо од тоа не се случи: додека папагалски повторуваа „ЕУ/НАТО“, времето помина. Денес, кога е доведено во прашање самото постоење на ЕУ, принудени од реалните процеси на промени кои не можеме да ги следиме, и без друга алтернатива, политичарите се определуваат за Америка.

Го „изедовме“ времето за членство во ЕУ и бидејќи не сме на масата, одново ќе бидеме на менито. За доцнењето, има многу одговорност да се сподели кај сите партии од независноста до денес. Но, најголемиот кочничар беше македонскиот национализам, таа парализирачка состојба на умот која често минува преку партиските граници и која не ни дозволува бргу да се прилагодуваме на еден свет во постојани промени. Истата таа состојба на духот не спречи пред шест години да тргнеме одлучно во решавање на спорот со Бугарија согласно инструкциите од Брисел и усогласениот став на ЕУ. Сега кога е сосема јасно дека за догледно време ја немаме веќе европската опција за Македонија, Америка и Трамп се единствената шанса за нашите политичари. Шанса за што? Шанса сегашнава политичка гарнитура да се одржи на власт и да одолее на надворешните протисоци и на внатрешните меѓуетнички тензии кои се назираат на хоризонтот. Сметката е таа, само што се е во промена и ниту Европа не е она што беше ниту пак Америка.

 

Share
Share on Google Plus
Share
Share on Facebook
Tweet
Tweet this

Filed Under: Македонија

СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ: ОДИМЕ КОН ДРЖАВИ КОИ НЕ СЕ ДЕМОКРАТСКИ
ДИРЕКТОРОТ НА ФЗО СМЕТА ДЕКА НИЕ БАРАМЕ ЗДРАВСТВО КАКО ДА ИМАМЕ ШВЕДСКИ БУЏЕТ – ЗНАЧИ ЛИ ТОА ПОКАЖУВАЊЕ НА ПРИДОНЕСОТ ЗА ЗДРАВСТВО?
ДАЛИ МИЦКОСКИ СЕ СОГЛАСУВА СО ОРБАН ДЕКА БРИСЕЛ Е НЕПРИЈАТЕЛ?
(НE)ОЧЕКУВАНО СЦЕНАРИО
ПСИХОЛОГИЈАТА И ВОСПИТУВАЊЕТО НА ДЕЦАТА: КАКО ДА БИДЕТЕ ВИСОКО ЧУВСТВИТЕЛЕН РОДИТЕЛ

Најново

  • СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ: ОДИМЕ КОН ДРЖАВИ КОИ НЕ СЕ ДЕМОКРАТСКИ
  • ДИРЕКТОРОТ НА ФЗО СМЕТА ДЕКА НИЕ БАРАМЕ ЗДРАВСТВО КАКО ДА ИМАМЕ ШВЕДСКИ БУЏЕТ – ЗНАЧИ ЛИ ТОА ПОКАЖУВАЊЕ НА ПРИДОНЕСОТ ЗА ЗДРАВСТВО?
  • ДАЛИ МИЦКОСКИ СЕ СОГЛАСУВА СО ОРБАН ДЕКА БРИСЕЛ Е НЕПРИЈАТЕЛ?

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet