Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

НОВ БРАН БЕГАЛЦИ СЕ БЕЛЕЖИ НА ЕГЕЈОТ

September 3, 2019 Filed Under: Македонија

Грчката Влада со нови, конкретни мерки за справување со зголемениот бран бегалци и мигранти. Кај нас стабилно и мирно

ПУНКТ ВУНОЈУГ На овој пункт на границата има малку бегалци и тоа претежно од Бангладеш

Зголемен надзор на границите, спојување на децата без придружба со нивните семејства во ЕУ, пренесување на бегалци и мигранти од островите во други центри, промена во процесот за доделување азил, се дел од мерките што денеска беа донесени на вонредниот состанок на владиниот совет за надворешна политика и одбрана на Грција одржан во премиерската палата, јави дописничката на МИА.

Како што соопшти министерот под премиерот и владин портпарол Стелиос Пецас, на состанокот под Кирјакос Мицотакис, биле донесени одлуки за нова силна политика за конкретното прашање, по зголемениот број бегалци и мигранти кои пристигнуваат на островите во источниот дел на Егејско Море.

Од грчките острови 116 деца без придружба, за да се поврзат со нивните семејства, ќе бидат пренесени во други земји од Европска Унија, со кои веќе постои соодветен договор. Во следните седмици 250 деца без придружба ќе бидат префрлени во безбедни центри во Грција, а планирано е истото да се направи и за други бегалци и мигранти со цел да се намали бројот на оние што се на островите.

На денешниот вонреден состанок на Советот било одлучено и да се зголеми надзорот на границите во соработка како со Фронтекс, така и со европските власти, но и со НАТО. Во овој контекст ќе се усвои Националниот интегриран систем за поморски надзор, систем кој ги поврзува системите за надзор на крајбрежната служба и армијата преку употреба на нови технологии (обични и термички камери, дронови и слично).

Планирана е и промена на институционалната рамка во процесот на добивање азил односно укинување на второстепеното разгледување на барањето, со цел „во случај да се одбие барањето за доделување азил, веднаш да започне процедурата за враќање на барателот во земјата од која што дошол“.
Паралелно ќе се зголеми и контролата на полицијата за пронаоѓање на мигранти кои побарале азил, но биле одбиени.

Грчката Влада веднаш ќе набави 10 нови мали чамци за брза реакција доколку се забележи пренесување на бегалци и мигранти од криумчари кои тргнуваат од турското крајбрежје кон грчките острови.

СТEРЛИОС ПЕЦАС Нови енергично потези на грчката влада

Последната од седумте последни одлуки на владиниот совет за надворешна политика и одбрана е поддршка на локалното население со инфраструктура и персонал, како на пример зајакнување на медицинскиот персонал на островот Лезбос.

Повод за овие одлуки е неочекувано големиот број мигранти во текот на вчерашниот ден пристигнале на дел од грчките острови. Според известувањта на тамошните медиуми ова е прво такво масовно доаѓање на мигранти од Турција во последните три години. Ваквата состојба била причина грчките власти да го повикаат турскиот амбасадор на разговор.

На македонската територија состојбата стабилна. Од министерството за внатрешни работи информираат дека ситуацијата постојано се следи не само во Грција туку и во другите земји со кои се во постојана координација и се преземаат соодветни мерки. Додаваат  дека во моментов  нема никаква  причина за вознемиреност. Според официјалните информации на МВР обидите за нелегален премин на јужната граница во првата половина од годинава бележат зголемување во однос на лани, но сепак тоа било во рамки на просекот за оваа година.

ГРАНИЦА Од почеток на годината спречени над 10.000 обиди за нелегален влез во земјава

Од почетокот на годината па заклучно со јуни на границата со Грција биле спречени 10.017 обиди за илегално преминување што е зголемување за два пати во однос  на лани кога во истиот период биле спречени околу 4800 обиди. Во истиот период од оваа година полицијата открила и 33 случаи во обид да бидат прокриумчарени 492 мигранти. Против 44 лица се преземени мерки на кривичен прогон за сторени 24 кривични дела криумчарење на мигранти.

Во транзитниот центар Винојуг моментално се сместени 34 лица, претежно од Ирак и Бангладеш. Од нив 12 се деца.

 

Filed Under: Македонија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet