„Нов македонски звук“ е насловен третиот албум на ДУО СКУПИ, односно на флеитиската Јета Старова Мехмети и виолинистот Ермал Мехмети, кои со него наново израснуваат во вистински градители на мостови на нашата и не само културна сегашност
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
По цели шест години од второто издание, еве ги уметниците Јета Старова Мехмети и Ермал Мехмети со „Новите звуци на Македонија“, со својот трет албум со кој како и со претходните дискографски објави се издигаат над обичноста на нашево културно животарење вулгарно атакувано од сè и сешто и со леснотија наново покажуваат за какви мисионери се работи. За творци кои поодамна раскрстија со предрасудите и станаа неимари на една и не само поинаква (суб)културна) Македонија, туку и пример за тоа како сплотени треба да чекориме во белиот свет. Со сопствената традиција, фузиите што таа неминовно ќе ги развива и со белезите на различностите што дефинитивно треба да не спојуваат и прават горди на она што може да му го понудиме на светот – нашата искреност и автентичнот. Да го ставиме она наше мало камче – карпа во мозаикот наречен Светска музика.
Со осумте нови обработки (класици како „Јовано, Јованке“, „Море сокол пие“, „Сношти сакав да ти дојдам“, „Касапско оро“ …или, пак, „Зајди, зајди“ на великанот Александар Сариевски и „Скопско оро“ на Ангел Нанчевски), кои на овој начин ја заокружуваат бројката од вкупно 17 – снимени и забележани, документирани на носачи на звук, згора на тоа и со деби изданието на кое беа поместени обработки на албански традиционални песни, мелодии и филмски теми, ДУО СКУПИ имаат ковчег со азно што просто повикува да биде распослано по сцените во светот.
Онака како што тоа знаат да го сторат инструменталисти како флеитиската Јета и виолинистот Ермал, творците на оваа успешна и не само музичка приказна. Оти тие најдирекно, со многу љубов, искреност и почит кон другиот, другоста, јасно ни кажуваат дека треба да се погледнеме во огледалото и да си признаеме дека во брзината, апсурдот на секојдневието, како да забораваме да бидеме обични и да веруваме дека зад себе треба да оставаме дела кои ќе не сплотуваат, а не делат. Кои ќе ни дадат сила со исправена глава да зачекориме во непознатото и не вербално да го спроведеме она Гоцевото дека светот треба да го разбереме само како поле за културен натпревар. И ништо повеќе и помалку од тоа.
Јета и Ермал се токму на тој пат, на патот по кој така сигурно чекори една Амира Медјунанин од Босна и Херцеговина која ја „покори“ Европа со своите доживеани изведби на балканската музика (севдалинки, македонски народни и српски песни…), а каде веќе одамна се, ајде да речеме успешните КРОНОС КВАРТЕТ или БАЛАНЕСКУ КВАРТЕТ со своите поинакви но сродни стории…уметници што, фала му на Бога, сме имале можност да ги видиме во Скопје.
И затоа само треба да веруваат во себе, силно и чесно како и до сега, и да ги продолжат потрагите кон корените, кон овдешните звуковни изблици од времето, но и кон со ништо не условените глобални музики. Пред нив е простор што само чека да биде освоен, а на љубителите им преостанува само да се препуштат на нивната виртуозна изведба. На срцевината и сончевината што ја донесуваат со себе. На музиката што едноставно ве тера да посегнете длабоко во себе и да и се насладувате на убавината и на мисловните патешествија.