ФАТМИР БЕСИМИ
Во добри времиња буцетот е план за раст и развој, додека во кризни, е одговор за пребродување на предизвиците. Оттаму е сосема логично на денешен ден да зборувам за буџетот, неговото финасирање и насоката во која одиме со фискалната политика, во контекст на тековната ситуација
На денешен ден, пред 30 години, беше изгласан првиот буџет од прогласувањето на независноста на нашата земја. Ова беше значаен дел од поставување на темелите на државата. Оттогаш, секоја година на предлог на Министерството за финансии, Владата го предава предлог-буџет до Собранието, во кој се планираат средства за економски развој, за капитални проекти, за здравство, образование, безбедност, екологија, наука и култура. Накусо, во добри времиња тоа е план за раст и развој, додека во кризни, одговор за пребродување на предизвиците. Оттаму е сосема логично на денешен ден да зборувам за буџетот, неговото финасирање и насоката во која одиме со фискалната политика, во контекст на тековната ситуација.
Заздравувањето на нашата економија е приоритет и нашите напори како Влада се целосно насочени кон тоа. Минатата година, со 4% раст на БДП и намалување на стапката на невработеност на историски најниски 15,2%, започна заздравувањето на домашната економија од најголемата економска криза која му се случи на светот во изминатите сто години.
Но, сега пред нас се нови предизвици. Најголем дел од економиите во светот не останаа имуни на ценовните притисоци на светските пазари на примарни производи. Тие настанаа минатата година, како резултат на нарушените постпандемиски синџири на добавување, геополитичките тензии и климатските промени. На почетокот на годинава, тие кулминираа со руската инвазија на Украина. Во овој период, цената на брент нафта за првпат од 2008 година наваму, надмина 130 американски долари за барел. Цената на гасот на европските берзи постави нови рекорди од 2.000 долари за илјада метри кубни, додека цената на мегават час електрична енергија надмина 400 евра (за споредба минатата година таа беше четирикратно пониска). Двоцифрен годишен раст на светските берзи забележуваат и цените на житарките и останатите основни прехрамбени производи.
Од почетокот на годината, инфлацијата во многу земји се искачи на највисоко ниво во изминатите години. На пример, во март стапката на инфлација на најголемата економија во еврозоната, Германија, го достигна највисокото ниво во изминатите 30 години, од 7,3% (што може да придонесе Европската централна банка да ја преиспита тековната монетарна политика). Инаку, согласно досега објавените податоци, стапката на инфлација во еврозоната од почетокот на годината во просек изнесува околу 5,5%, додека просекот на 27-те членки на Европската унија изнесува околу 6%. Кај некои земји се забележува висок раст на цените на трошоците за живот, на пример Литванија има двоцифрен раст од 13,1% во првите два месеци. И во регионот, се забележува забрзување на инфлацијата од почетокот на годинава, со просечна стапка од околу 6,5%. Најголем раст на трошоците за живот се забележуваат кај Србија со 8,5%, Босна и Херцеговина со 7,5% и Косово со 7,3%. Во првите два месеци од годинава растот на трошоците за живот кај нас изнесува 7,1%.
Ценовните притисоци, придружени со висока доза на економска неизвесност која дојде со почетокот на војната во Украина, создадоа потреба од одговор од страна на носителите на политики. Стравувањето од стагфлација – високи стапки на инфлација, придружени со ниски или негативни стапки на раст и раст на стапката на невработеност, ги поттикнаа владите, и дел од монетарните власти, да преземат соодветни мерки со кои ќе се превенира тој феномен.
Скоро сите влади во Европа, па и во светски рамки излегоа со антикризни мерки во насока на поддршка на стандардот на граѓаните и економијата. Нашата Влада реагираше уште минатата година, кога почнаа да се чуствуваат првите притисоци од таканаречената енергетска криза. Со цел да се амортизираат пазарните движења на цената на електричната енергија, воведовме даночни олеснувања преку намалување на стапката на ДДВ за крајните потрошувачи. Исто така, преку буџетот беа субвенционирани високите разлики помеѓу пазарната цена на електричната енергија и цената која ја плаќаат регулираните потрошувачи. Реагиравме брзо, по военото дејствие во Украина, со носење на нов пакет од 26 антикризни мерки, вреден 400 милиони евра. Пакетот содржи даночни ослободувања и олеснувања, директна финансиска поддршка и бескаматни кредити за фирмите. Целта е да се поддржи стандардот на граѓаните, да се заштитат ранливите категории на граѓани, како и фирмите и економијата. Ефектите од овие политики и антикризни мерки, веќе се видливи, со оглед на нивниот обем и навременост. Така што ако споредиме со останатите земји од регионот, ние имаме најниски цените на основните прехранбени произовди, со тоа и потрошувачка кошничка, како и цените на горивата и енергентите (не исклучувајќи ја важноста на соодносот на цените во однос на просечната плата).
Она што не научи економската криза предизвикана од Ковид-19 е дека енергичниот одговор од носителите на политиките придонесе за амортизирање на ефектите врз економијата. Сепак, истовремено, фискалните мерки значеа и повисок буџетски дефицит и зголемување на јавниот долг за повеќе процентни поени, кај скоро сите економии. Сегашните случувања, иако различни од корона-кризата (кога имавме затворање на цели економски сектори), бараат акција. За нашата економија, фискалниот одговор досега се проценува на околу 615 милиони евра. Дополнителни мерки се планираат во делот на земјоделството, особено за главните култури и воопшто тоа што е погодено со ценовниот шок. Исто така, се следат и количините и цените на основните производи на пазарот и цените за навремено да се одговори. Во меѓувреме се бараат начини за поддршка на оптштините и споделување на товарот од енергетската криза. Притоа, Владата веќе презема мерки и за дополнителни заштеди во јавниот сектор со намалување на трошоците на стоки и услуги за 10%, како и минимизирање на непродуктивни трошоци за мебел, возила и оптимизација на службени патувања.
Следни чекори остануваат ребалансот (со ревидирани макроекономски и фискални проекции), како и начинот на финансирање на мерките за ублажување на ефектите од постојната криза, а притоа да се задржи компонентата на раст на економијата, а во исто време да ги задржиме контурите за фискална консолидација на среден рок во услови на раст на цените и каматните стапки.