Одзивот на гласаите е фијаско за овој изборен циклус а и следниот круг на 5 мај е под голем прашалник. Европската иднина е само некаков магловит, апстрактен поим занајголем дел од гласачи на кои им се предочува иднината. Долгогодишната корупција на гласачите направи тие својот глас да го менуваат за нешто конкретно, вреќа брашно или слично. Или „подарок“ од 500 денари линеарно по пензионер, со кое зголемување (протизаконско, се разбира и од празната каса на Фондот) се добиваше добрата волја на армијата од 300 илјади гласачи… Сега тоа го немаше и цената ја платија сите партии во големиот пад на излезноста на „симпатизерите“
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Без сомнение во неделата на полноќ можевме да заклучиме две непобитни работи после крајот на првиот круг од претседателските избори во земјата. Првиот заклучок е дека имавме европски избори и дека на конто на нашите препораки за евроатланските аспирации добивме „три од карти“, што би требало од страна и на најголемите лицемери, пред се во Брисел, да биде забележано. Вториот заклучок е дека приказната „за референдумот кој не успеал“ едноставно оди во пензија – на референдумот гласаа 630 илјади гласачи, што од денешен ракурс е очајно посакуван скор за било која политичка опција! АНТИРЕФОРЕНДУМСКАТА МАТЕМАТИКА – УТНАТА Постојаниот филм на ВМРО ДПМНЕ дека од 1,8 милион гласачи само една третина биле за влез на земјава во НАТО и ЕУ преку потпишување на Преспанскиот договор, сега ќе биде само предмет на шеги, бидејќи, определбата контра оваа спогодба, олицетворена во кандидатката Гордана Силјановска Давкова, освои само 1/6 од таа нивна „изборна статистика“ и толку тежи таа антипреспанска сила, при слободни и небојкотирачки избори.
И сега, ако ги тргнеме од масата на анализата тие недвојбени факти ,доаѓаме до суштината на салдирањето – зошто во мигот кога референдумското (тогаш до болка скромно салдо падна уште за половина (!) од таа бројка), се случи за само нецела половина година? И тоа токму кога требаше на симболичен начин да се персонализира во кандидатот Стево Пендаровски? Или како, да се завртиме кон спротивставениот табор, кон ВМРО ДПМНЕ, екипата на Мицковски ја доведе оваа партија до најниската точка во историјата на црно -црвените?
СИНИ ДРЕСОВИ Да појдеме најнапред од сините дресови …
„Почитуван Пендаровски и покрај тоа што прогласивте ден на шарената револуција, шарените револуционери Ве изневерија.Не само шарените револуционери туку и учесниците во разноразни Архибригади, на Протестирам/Protestoj, Стоп за полициски бруталности, Студентски пленуми, средношколски и професорски пленуми, протести на стечајци, протестни и маршеви за мир и ненасилство, сите тие или повеќето од нив апстинираа и не гласаа. Ако избирачкиот список има 1.855.131 гласач а гласале 755.816 граѓани тоа значи дека 1.099.315 гласа и не гласале. Ако во Македонија реално има 1.500.000 гласачи а гласале 755.816 граѓани тога скоро толку односно 744.184 не гласале. Овие од 744.184 до 1.099.315 гласачи не се сите шарени револуционери – меѓу нив има и преставници на СДСМ, ВМРО, ДУИ има и Албанци од кои најповеќе очекувавте поддршка. На изборите во 2014 освоивте 326.164 гласа без подршка од ДУИ и Албанците, за сега, во 2019, со нивна подршка да освоите 316.555 гласа ….“.

ДАЈТЕ МЕМОРИОЛ Оваа пресметка ја презедов од размислувањето/реакцијата на Илиденка Милевска од Прилеп понудена на Фејсбук, на која може да и се стави само црта под текстот и да се „плати сметката“ од сите оние кои се секако платени да предвидуваат и определуваат тактики во трката на Пендаровски. Тоа е пред се екипата во неговиот штаб ама, да не се лажеме, и во редовите на владата, од врвот па надолу, преку целата армија на градоначалници, голем дел се без интегритет и углед, резултат на историски „докажаната“ негативна селекција на оваа партија низ десетлетија …
Македонскиот гласач, сме се увериле многупати, е субјект со меморија на рипка од аквариум. Тој не помни ништо за тоа што вредносно мора длабоко да се вреже во мозочните ритчиња и секогаш е подготвен на политиката да гледа како да пребира пиперки за правење на ајвар. Скршената глава на Заев и повредите на дел од неговата екипа, нивната животна загрозеност и отпорот пред преземањето на власта на 27 април 2017 година, значи личната храброст која доведе до консолидација на власта и свргнувањето на еден режим. Ова се награди до брилјантен успех на локалните избори. И толку. Гласачката маса можеше само еднаш да поднесе да излезе до гласачките кутии без да добие конкретна стимулација – вреќа брашно, работно место, асфалт до селото … По втор пат секако не се одеше на „гратис гласање“, бидејќи самата одбра да го направи гласачкото ливче „вредносен бон“, без оглед на тоа што конкретната цена често и не е кој знае колкава.
ПАЗАРНА РЕЛАЦИЈА Јасное дека состојбата со сиромаштвото на многу семејства ја прави оваа „пазарна релација“ уште повисока. За најсиромашните цената на еден глас на денот на изборите (видовме и малите екрани, пред една деценија во битолскиот Баир) гласот вредеше според она „купи ден помини“ – само 500 денари. Според наводи на невладината „Цивил“ таа цена сега е „европеизирана“, се бараат и до 100 евра за сигурен глас, која едната голема партија, онаа на власт не ја дава а онаа која порано ја давала, сега не е власт и нема средства…
Има многу дилеми околу малата излезност на албанските гласачи, од кои коалицијата на власт очекуваше многу, да не речеме – пресудни гласови, ако не за победа во првиот круг, тогаш барем за сооднос со политичкиот противник од кој на Мицковски би му се занишала фотелјата. Бидејќи е сосема јасно дека третиот кандидат – Река, доби гласови врз основа на еднонационалната слушаност на изнесените пораки. И нив ги имаше 79 илјади. Според анализите правени набрзина, во некои штабови онаму каде излегувале гласачите на ДПА, сиуацијата е пата-пата со гласачите на Река, додека онаму каде се очекувало ДУИ да ја заврши работата ситуацијата е неповолна.

ДЕБАР КАКО ПРИМЕР Во едно Липково, на пример, каде ДУИ била неприкосновена, Пендаровски губи од Река со скор од 1:2, во Желино 1:3, во Врапчиште 1: 1,5… Почудна е ситуацијата во Дебар, каде кандиаот на коалицијата СДСМ-ДУИ победува во првиот круг, ама во изборот за претседател води Река! Ова може само да значи дека гласачите за лордмерот не сакале да го заокружат бројот 3 на ливчето!
Дилемата секако може да не води кон многу одговори – ДУИ има битно намалена моќ, на гласачите таа коалициска врска им останала невидлива, Ахмети го пушта Заев да „крвави“ и слично, но факт е дека почетната катастрофална излезност во општините каде што има мнозинско албанско население, таа утринската мрзеливост може да се смета за одговор на гореспомената навика нешто конкрено да им затропа на портите – очевидно гласале само оние кои се веќе „долгорочно корупирани“ со некое работно место или слично.

Професорот Исмет Рамадани во една предизборна дебатна емисија ја погоди бројката на излезност на албанските гласачи. Тој алармираше дека мотивираноста на ова тело е на ниско ниво. Па ако имаме 250 илјади албански гласачи ( Артан Груби) професорот рече дека реално е дека ќе излезат само 100 илјади и дека половината од нив ќе бидат за Река а втората половина за Пендаровски. На крајот излегле изгледа толку гласачи оо албанскиот корпус ама две третини биле за „единствениот албански кандидат“. Инаку, Рамадани оцени дека селата и градовите каде што живеат Албанците, тие се иселени во странсво и дека се останати остарени граѓани кои немаат веќе интерес за ништо – штом младите не им се до нив, за нив животот губи смисол.
Но да се вратиме на почетокот – оваа позиција на изведување на скандинавски избори сигурно носи комллетен пад на излезноста, бидејќи, како некогаш немаме полнење на кутии со лопати, насилство врз непожелните наблудувачи и слично кое доведуваше до сомнителни избори и до лути странски опсервери. Сега се е мирно, ама и празно околу избирачките кутии.