ПАЈО АВИРОВИЌ
Патувањето на кое нe повикува Драган Тодоровски со својата изложба на фотографии побудува чувство на притаена и смирувачка радост. Циниците би рекле: во ова време на ковид-19 секое патување, па и она виртуелно, низ Норвешка, преку фотографиите на Тодоровски, самото по себе е причина за радост. Со тоа што во авторската поставка на нашиот врвен фотограф од дарба и дипломат од кариера, нема ни трунка цинизам туку обилие од убавина, радост и она што му е насушно потребно на денешниот човек, каде и да се наоѓа–мир. Средбата на Драган Тодоровски со Норвешка е интимна приказна, каква што би требало да биде секоја вистинска приказна и секоја средба без задни намери. Тоа што Тодоровски сочувал одделни визуелни моменти од таа средба и, уште повеќе, решил да ги сподели со нас-пошироката публика, е вредно за секоја пофалба, не само поради уметничката вредност на фотографиите која е неспорна туку и поради она што е една од основните мисии на секоја уметност: да ни ги отвори очите и да ни овозможи, барем за миг, да ги оставиме зад нас грижите и оптоварувањата на секојдневието и да се восхитуваме на неповторливоста на моментот и на убавината на живеењето. Во таа смисла, норвешкиот циклус во делото на Тодоровски ни ги држи очите ширум отворени и по излегувањето од галеријата. Фотографијата, по дефиниција, е овековечување на еден единствен миг. Низа од такви овековечени мигови низ објективот на дипломатот и патник-намерник од една малечка земја на југот од Европа, ни ги приближува огромните простори на далечниот Север, потврдувајќи ја старата вистина дека убавината, онаа дадена од Бога и онаа создадена од рацете на човекот, е безвремена и вечна, но само доколку е во симбиоза. Норвешка можеби е и идеалниот пример за сплотување на природата и човекот, но треба да се има дарба, чувство за миг и остро око таа симбиоза за да се овековечи и да се сподели со другите. Драган Тодоровски успешно го совладува тој предизвик, на наша радост. Велат, добар дипломат треба да знае да слуша. Тодоровски, кој еден дел од својата кариера помина во дипломатска мисија во Норвешка, покажува дека добар дипломат треба да знае и да гледа.
Неговите фотографии „зборуваат“ за Норвешка, за нејзините луѓе, за сочуваната природа, за танцот на боите кои се менуваат од мугри до зајдисонце и за веќе споменатата симбиоза на човекот со природата. Тие се сведоштво дека забрзаниот ритам на животот и во една технолошки високо развиена земја како што е Норвешка, не мора нужно да ја засени хуманоста, ниту да ја наруши природната рамнотежа. Празните столови на терасата пред едно норвешко кафуле на крајот на денот или осамената куќа во карактеристична црвена боја на брегот на фјордот, делуваат исто толку живо како и насобраните луѓе со факели во рацете на плоштадот пред норвешкиот Парламент, ноќното лизгање или церемонијата во Стортингетот. Низ објективот на Тодоровски, во хармонична целина се менуваат сите годишни времиња, ненаметливата и со просторот слеана архитектура и забележливата редуцираност на човековото присуство. Ова последново доаѓа како некаква убава промена во светот навикнат човекот секогаш и секаде да биде во главен план, честопати на штета на природата, па и на самиот себеси. Тодоровски тоа човечко присуство го става во потребната пропорција, најчесто еден спрема еден. Човекот наспроти природата. Како скулптурата на Фридјоф Нансен, големиот норвешки истражувач и научник, нобеловец и, на крајот, но не и на последното место – дипломат, исправена на снежното возвишување, со наделеку познатата норвешка шума во позадина. Без обид за доминација и потчинување. Или пак, жената свртена со грб и со поглед изгубен во сините бои на фјордот и блиските брегови, како едномиговно и архетипско сведоштво за изгубеноста на поединецот во просторот, но со одредена смирувачка убавина која нѐ тера таа судбинска неминовност да ја примиме со насмевка. Има надеж за нас, дури и кога сме сами, бидејќи убавината е секаде околу нас. Ако знаеме да ја видиме. Тодоровски, преку своите фотографии од Норвешка, ни помага во осознавањето на таа убавина и поради тоа ги заслужува, не само нашата наклонетост туку и нашата искрена благодарност.
(Изложбата се отвора на 15 октомври во Домот на култура Трајко Прокопиев во Куманово во 19.30 часот)