МИРОСЛАВА БРНС
Сторијата за нудење на 2.000 евра на роднинина починати за да тврдат дека покојникот умрел од корона е лажна сторија
Приказната е лажна, а оние што ја пласираат едноставно не ја говорат вистината, несвесни дека приказната е проблематична од најмалку два аспекти, спротивна на логиката и внесува еден куп погрешни перцепции кај граѓаните кои немаат развиено високо ниво на сензибилитет кога станува збор за тоа што е проверено, кредибилно и истражено, а што е пробен балон за создавање масовна граѓанска непослушност и игнорирање на една крајно сериозна здравствена состојба
Конспирациската теорија на годината, од мноштвото кои го преплавија македонскиот интернет простор, е онаа дека на далечни роднини или пријатели кои секогаш, ама буквално секогаш инсистираат на анонимност, им починал член на фамилијата и некој им нудел 2.000 евра во замена за тоа болницата да го пише дека наместо од ,,вистинската” причина, смртта настанала од Ковид-19. Оваа неверојатна и трагична клеветничка приказна не е пренесена само еднаш и благодарение на неа вознемирени се не мал број луѓе. Судејќи според начинот и брзината со која приказната се шири, од различни корисници на интернет просторот, на различни интернет платформи, од форуми, Твитер, Фејсбук, коментари, приватни пораки, приказната е веќе наголемо и нашироко распространета, а имуни на неа не се ниту новинарите кои добиваат ,,дојави” да ја истражат.
Но, таквиот обид за истражување, се разбира, секогаш завршува во ќорсокак, бидејќи приказната е лажна, а оние што ја пласираат едноставно, не ја говорат вистината, несвесни дека таа е проблематична од најмалку два аспекти, спротивна на логиката и внесува еден куп погрешни перцепции кај граѓаните кои немаат развиено високо ниво на сензибилитет кога станува збор за тоа што е проверено, кредибилно и истражено, а што е пробен балон за создавање масовна граѓанска непослушност и игнорирање на една крајно сериозна здравствена состојба.
Прво, семејствата не одредуваат што е причината на смртта по пат на избор, туку тоа го прават лекарите, овластените и стручни медицински власти, согласно дијагнозата и текот на хоспитализацијата, а во посебни случаи, кога не се познати причините за смртта, се врши и обдукција, релевантен и научен метод каде науката го има главниот збор. Оттука, да се тврди дека членовите на фамилијата воопшто би биле и доведени во ситуација да избираат како настанала смртта за членот е елиминирана. Тоа не е нивен избор, туку фактографија што ја одредуваат медицинските специјалисти. Во случаи на ковид 19, клиничката слика е јасна, се чува во посебна евиденција во секоја болничка установа, а од неа како доказ многу лесно може секое семејство со увид да провери и да се увери какви биле состојбите на белите дробови, на виталните органи што биле испитувани во текот на болничкото лекување. Во секој документ издаден од болница за смрт, наведена е причината за смртта, претходните коморбидитети, односно пропратни болести и семејството е тоа што го прима овој документ, а не тоа кое учествува во создавањето на овој документ.
Второ, на ниеден здравствен систем не му одговара да расте бројот на починати од корона-вирусот. Сите земји, вклучително и нашата, се борат да го задржат бројот на заразени и починати на најниско можно ниво. Високата смртност не им одговара ниту на лекарите, кои се гордеат и радуваат на секој спасен живот. Кога државата би имала корист, хипотетички, од поголем број починати од корона-вирус, ќе го направи тоа со задолжително земање брис кај заболен и починат. Оваа варијанта би била и многу поевтина од фиктивните 2.000 евра што се спомнуваат како цифра во постовите на социјалните мрежи, кои се инаку многубројни и секогаш ја имаат истата содржина.
За жал, има и луѓе што во ова веруваат и особено ваквата прераскажана драмолетка ја промовираа во време на полициски час, кога најповеќе здравствените власти алармираа и апелираа на граѓанско соучество во почитувањето на мерките, со цел да се стави крај на патот на ширењето на вирусот.
Теоријата на заговор е уште побизарна зашто во неа се споменува дека на семејството му биле нудени секогаш, наводни, 2.000 евра. Пораката ја споделуваат повеќе различни лица, но секогаш ја содржи истата содржина по принципот копи-пејст, што уште повеќе потврдува дека станува збор за една перфидна, ноторна измислица, во која се споменуваат и болнички установи со што се клевети нивната професионалност и медицинска дејност, а наивните во измислицата веруваат, ја споделуваат, ја модификуваат со други наводни членови на семејството, но содржината во суштина останува истата.
,На еден мој пријател му починала вујната од рак. На семејството во државна болница ги терале да потпишат дека е почината од коронавирус што немало врска им понудиле 2.000 евра. Ете ја реалноста! Коронавирус е чиста лага! И јас сум за надвор! Имаме потреба од чист воздух и Д витамин!
Но, понекогаш ретко, вистината сепак излегува на виделина дури и експлицитно. Така, лице од Прилеп, на својот Фејсбук профил сподели порака со следната содржина:
Пред два дена во село во Битола е заведена жена како умрена од корона а нема врска. Со закани кон фамилијата и казни од две илјади евра морале да прифатат. Изворот ми е сто посто сигурен, жената ми е фамилија. Ќути, ќути не се доќутува. Не сум овчар на здрав памет глуп и слеп да се правам Не затвораат како кучиња со филмови нивни глобалистички.
За малку подоцна истото лице да каже дека нема доказ, сепак, останувајќи на претходно кажаното.
Добив совет од правни лица дека за статусот иако сум прав ќе одговарам пред законот иако тоа е сто посто така. Немам како да докажам на закопан човек дека е така. Немам проблем имам сведоци ама да ја поштедам фамилијата од притисоци и нервози, апсења итн го избришав. Ама пак ќе кажам се е филм.
Добро е што некој го информирал ова лице дека за вакви изнесени тврдења без докази, се одговара и пред законот. Порталите и традиционалните медиуми ваквите теории на заговор не го пренесоа, со што тие остана само во доменот на социјалните мрежи.
(vstunomer.mk)