Падот на последниот државен секретар Рекс Тилерсон секако внесува нова збрка и во одаите на Стејт департментот и тоа во мигот кога за земјава е повеќе од важно да се знае кој го држи чадорот над Балканот. И дури – дали во мигот некој оттаму воопшто го држи? И после отставката на Хојт Ји, задолжениот во Дипартментот за Балканот, тука завледеа некоја празнина. Нема сомнение дека неговиот заменик Мичел не делува како персона која е добро седната во новото седло.
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
На министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас веројатно не му било до спиење кога минатата недела боравеше два дена во Скопје. По една набиена агенда тој требаше да спие во хотелот „Мериот“, еден од објетите со несомнено грчко потекло во себе. Не само што од прозорците на хотелот, најчесто се гледа во некој профил од споменикот на Воинот на коњ, кој дојденците од пријателската земја од југот буди асоцијции на Александар Велики, туку гостинот се соочи со исвиркувањата на дел од бранителите на концептот за античките корени на тукашниот народ.
КОЈ РЕЗЕРВИРАШЕ СОБА? За оваа да ја наречеме засега коинцидентна средба меѓу еден министер – гостин и минијатурен дел од народот кој му е домаќин, секако може да биде виновна власта во Скопје, која сакала да го деконцентрира својот соговорник, кој со несклопени очи можел да прави некакви реторички грешки во настапите. Можело и власта во Атина да инсистира на резервација на кревет во „Мериот“, бидејќи така, преку оние 30 новинарски екипи кои ги донесе Коѕијас со себе би дала слика и тон дека ние тука, крај надојдениот и матен Вардар, како овоплотување на севкупната неизвесност на преговорите околу името со Грција, не сме расчистиле со идентитетските прашања и така би се докажувала нејасната кодна слика на жителите на Македонија?!
Но, една недела пред доаѓањето на Коѕијас во Скопје, уличните шепкачи, како дел од вмроовската пропагандна машинерија, се расприкажаа низ градот, во стилот „имам да ти кажам една тајна“ дека на границата, кај Деве Баир, чекаат специјални бугарски багери кои само што н дошле во Скопје и не го срушеле Ацета Големиот. Тоа требало да биде најнов „подарок“ односно отстапување кое наводно Заев и Димитров му го приредуваат на својот гостин како доказ дека се оди тврдо против античките симболи кои ги оживеа претходната власт на Груевски. Згора, туку беше и доверливата вест дека војници на германскиот Абвер се шетале низ Скопје и тоа со оружје како веројатна одбрана на чинот на рушењето на споменикот! Белким домашните чувари на редот не би успеале во тоа…
РАДИО МИЛЕВА Овој накусо претставен писмен состав за билдање на јавното мислење на некој од прогандистите од плоштадот ВМРО контра разговорие со Грција требаше белки да биде доволно леплив материјал за да собере бројно мноштво на протестанти, исвиркувачи под прозорецот на Коѕијас! Беше јасно уште после првите обиди за протести на актуелната опозиција, по настаните од 27 април, дека груевистичката машинериjа одамна ја изгубила својата уверлиивост , па посегнувањето во методот „Радио Милева“ требаше да не врати кон старите „проверени“ методи кои тешко се опонираат, бидејќи, само се повикуваат на „сигурни извори“, можат да се китат по желба на уличните гуслари и да се дополнуваат во зависност од моментно проценетата приемчивост на личноста што се обработува.
Но и така замислената мотивација не донесе некое бројно граѓанство на Плоштадот Македонија, не повеќе од стотина или малку повеќе присутни: сендвичи и топли чаеви нема, споменикот си стои, багери – јок (!) а за студот да не говориме. Тоа метеоролошко проклетство просто ги следи вмроовците уште од протестите после парламентарните избори, во декември 2016 година, кога се правеа притисоци врз ДИК а една дама во лажно леопардово крзно говореше за ноќта на долгите ножеви. И така се се: претвори во обична карикатура: малку е веројатно дека камерите на грчките екипи би сакале да се послужат со илустрација на исвиркувачите од Плоштадот во некој свој визуелен гоблен за земјата-домаќин.
Проблемот на Македонија повеќе доаѓа од преку Океанот, каде во Белата куќа се случуваат кадровски вртелешки кои веќе никој не може да ги објасни и толкува. Падот на последниот државен секретар Рекс Тилерсон секако внесува нова збрка и во одаите на Стејт департментот и тоа во мигот кога за земјава е повеќе од важно да се знае кој го држи чадорот над Балканот. И дури – дали во мигот некој оттаму воопшто го држи? Сосема је јасно дека твитовите на амриканскиот преседател укажуваат на големи несогласувања меѓу државниот секретар и неговиот шеф по многу државни прашања. Не е важно што не се работи за политиката на САД кон Балканот, кога статистиката покажува дека 60 отсто од искусните дипломати во Вашингтон ја напуштиле својата канцеларија, бидејќи виделе колку е часот! И после отставката на Хојт Ји, задолжениот во Дипартментот за Балканот тука завледеа некоја празнина. Нема сомнение дека неговиот заменик Мичел не делува како персона која е добро седната во новото седло. Успеа да биде убедлив само во Приштина и Белград, барем по реакциите кај претседателот Вучиќ, после неговото заминување. Тој се обиде брзо да побара објаснување во Вашингтон а истовремено да ги искористи руските бајкери од Ноќните волци малку да ја прелеат нервозата во соседната БиХ, како стар и испробан трик на закана по ширење на нестабилноста на поширок план (за Македонија засега е доволна трговската војна која ја најавува српската влада).
НИЕ НЕ СЕ МЕШАМЕ … Тоа што кусите одговори на тема – дали Западот ќе ја притисне Грција во спорот со името не добиваат само дипломатски завиени објаснувања од типот „не се мешаме…“, никого не залажува, но вкупната поставеност на американската дипломатија не е во форма, таа е некако без ремен за да се очекува некаква брза и разбирлива дипломатија која треба да ги скроти творците на разноразните анкети преку границата, како и комотноста на руските инвеститори отаде Богородица, која резултираше дури и со влез на главниот Путинов тајкун во соседството на стадионот на ПАОК со пиштол за појасот на стадионот, со јасни закани за судијата… Па по оваа слика од насилникот на зелената трева, човек да се запраша – кој е револверистот во регионот?
Барем во овој момент во крајот има повеќе лоши момчиња со сомбрера.