БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Стравот останува присутен – многу отворено и агресивно, нападно и насилнички, се заканува да победи и една друга опција, политички франкештајн раштркан во повеќе партии. Таа дијаметрално спротивна политичка опција на СДСМ станува заканувачка иднина на ова општество, кое со давањето сериозен број на гласови за одредени партии, со радост и милост ги прегрнува фашизмот, омразата, национализмот, нетрпеливоста
Овие избори пред се покажаа еден загрижувачки факт- дека сме далеку од почетните лекции на демократија – тоа се потврди со уривањето на официјалната страница на ДИК и падот на софтверскиот систем, но и сомнежите дека истрагата ќе биде ставена во фиока, како што и се така во оваа земја останува заборавено и неказнето. Дополнително, за ВМРО-ДПМНЕ се отвори прекрасно, широко поле – да не се признаваат резултатите, ниту победата на СДСМ, да се создаваат нови тензии, конфликти и раздор во општеството.
Секако, иако победи СДСМ, стравот останува присутен – многу отворено и агресивно, нападно и насилнички, се заканува да победи и една друга опција, политички франкештајн раштркан во повеќе партии.
Таа дијаметрално спротивна политичка опција на СДСМ станува заканувачка иднина на ова општество, кое со давањето сериозен број на гласови за одредени партии, со радост и милост ги прегрнува фашизмот, омразата, национализмот, нетрпеливоста.
Погледнете ја само изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски- дека неговата партија освоила повеќе гласови, затоа што СДСМ победила со гласовите на БЕСА. Тоа е истиот лидер кој самоуверено влезе во коалиција со други етнички групи во оваа земја, но секако, очекувано и типично, историски, таму никогаш нема место за албанска партија.
Градење на мултиетничко, мултикултурно општество, чија цел е да се слават различностите и во исто време еднаквоста- оваа идеја која, каква штета, Мицкоски никогаш нема да ја прифати, за него е поприфатливо да се зачекори кон темната страна на историјата.
Тоа идентично место, каде мракот преовладува и стравот се промовира е изборот и на Апасиев, колку е тоа разочарувачка визија за сопствената иднина.
Овој господин замислил дека мандатот за влез во Парламентот е гаранција за небесните височини, каде со презир се гледа на сите што мислат и говорат поинаку, каде може да се плука од горе, небаре лебди над небото. Секако, сите останати да бидат почестени што воопшто им се обратил со слаповите плунка со кои ги дарува.
Неговите неконтролирани изјави, веднаш по добивањето на резултатите, олицетворени во закани – не се лижете, сите ќе ве стреламе- зарем мисли дека ќе останат неказнети, ќе бидат премолчени? Или сета негова претходна вербална агресија и насилност, таа националистичка историја, ќе биде заборавена?
Неговото време допрва доаѓа, о, колку е таа слика возбудлива.
Тој секако дека со сладок немир се надева дека тоа ќе бидат денови на слава, пехари од кои ќе тече вино, ќе се прелева и ќе капе насекаде каде и да стапне, дека тревата ќе му се плаши од сенката и спомениците ќе му аплаудираат кога тој ќе се очеша од нивните студени тела.
Но, за жал, ништо од тоа не се случува, никаде и никогаш така не било во политиката. Секако, тоа самиот и ќе го увиди еден сив, надвиснат ден.
И тој ден нема да биде најдобриот за него, ќе го изненади и ќе му застане како грутка, како кнедла, од која, ајде, пробајте да се ослободите. Само се подголтнува, се прочистува грлото, но никако не си оди тежината, или можеби влакно е, или како јазол да се заплеткал, гуши и не проаѓа. Е, да, самиот си го исковал баш тој ден, сепак, сосема самиот, како што така обично бива.