ЉУБИША НИКОЛОВСКИ
Кај нас народот вели „си го бараше со боринче“ кога си играш со огнот. Тоа сега се чини ѝ се случува на ВМРО-ДПМНЕ поради тврдоглавите „патриотските“ игри и одбивањето да ги внесе Бугарите во Уставот. Да не беа тврдоглави, работата досега ќе беше завршена
Наместо тоа, тие од петни жили почнаа кампања пред кампања, за денунцирање на Владата како предавничка, претставувајќи ја како премногу „дуизирана“, а мислејќи на „албанизирана“, затоа што во неа имало многу министри на ДУИ кои не се грижеле за националните интереси на Македонците и на државата. Особено трн во окото им беше МНР Бујар Османи, кој го водеше процесот на апроксимација на земјата во ЕУ, но и другите министри на ДУИ.
Во калкулацииите дека се пред гооолема победа на овие избори сметаа дека ќе бидат во позиција да бираат, како на пазар лубеница, со кого ќе коалицираат за состав на Владата. При тоа предност им даваа на партиите на Албанците од опозицискиот блок, без да им пречи што овие почесто се во Приштина на консултации одошто дома во Македонија. Не им сметаше ниту најавата дека на изборите во Македонија ќе трча и косовскиот премиер Албун Курти преку претставници на неговото „самоопределување“.
Веројатно правејќи ја стратегијата за постизборно коалицирање онака итромански пресметале дека овие од ЕСП се наивни бајчиња и ќе ги превеслаат подоцна, во текот на заедничкото владеење.
Но, се случи спротивното. Наместо да се отарасаат од она што го нарекуваа „дуизација“ на Владата на СДСМ, сега на ВМРО-ДПМНЕ ѝ се случува целосна „албанизација“, ако сакаат да формираат Влада.
Имено, таман на чекор до историската победа на изборите, доби сеалбанска понуда со која партиите на Албанците и од опозиција и од власта, и ги „напикаа“ сите барања што ги држеа во „гепек“ уште од независноста на државата како услов за формирање Влада. И сега ако ВМРО-ДПМНЕ сака власт, ќе мора да ги прими до балчак, и „тиранската“ и „приштинската“ платформа – во пакет. И сето тоа само затоа што не го искористи моментот кога и ДУИ и сите други партии на Албанците се нафатија да молчат и во интерес на европската перспектива на државата, се согласија да се воздржат од отворање на Уставот по другите прашања кои ги чуваа спакувани во кутијата на Пандора, а сега ја отворија како рибина конзерва од старите државни резерви.
Чие масло е ова сценарио веројатно допрва ќе се анализира и во јавниот дискурс, но и во органите на партијата.
Но не е се толку драматично и неприфатливо за ВМРО-ДПМНЕ.
Најтешкото барање на раководството на партијата нема да биде промената на Уставот и изборот на претседател на државата во Собранието со двотретинско мнозинство. Тие одамна се имаат произнесено за идејата претседателот да се бира во Собранието. Уште од времето на осамостојувањето, а и сега во една прилика имаат изјавено: „Со сета почит кон сите што ја извршувале функцијата, но сепак се работи за една функција која што има протоколарно значење, но нема моќ“!
Аналитичарот Владимир Божиновски пак смета дека со високиот цензус кој е неопходен за избор на претседател му се дава преголем легитимитет на претседателот, дури повеќе одошто се неговите ингеренции.
Ова како поздрав до професорката Сиљановска да не си ја преценува функцијата претседател и да си гаи илузии за радикални промени во општеството.
Инаку уставотворецот не случајно така ја позиционирал функцијата на претседателот на државата да се избира на непосредни избори па и со висок цензус за да биде баланс на власта. За да може во одредени случаи да каже НЕ на некои одлуки на Владата кои поминале во Собрание, затоа што често пати како што се говори дека Собранието е послушник на извршната власт. Во случај тој да се бира во Собранието, тогаш претседателот би бил обична марионета во пазарот на партиите или со други зборови би бил послушник на послушникот.
Именувањето на албанскиот јазик наместо формулацијата 20 посто, веројатно потешко ќе го примат во партијата ако се држат до јавно искажаниот збор дека „Официјален јазик е македонскиот и има причина зошто за време на Рамковниот договор е дефиниран прагот 20 проценти, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во мај минатата година.
„Го демантирам Таравари. Не сме разговарале на оваа тема, односно сме разговарале како дел од повеќе теми. Сме разговарале за Бадентер. До кога ќе живееме во општество каде што малцинството ќе го владее мнозинството?, изјавил Мицкоски истата година.
Сега ќе има прилика повторно да разговара со Таравари на истите теми но овој пат дополнети и надградени.
Сепак нему најтешка одлука се чини ќе му биде внесот на Бугарите во Преамбулата, затоа што и изјавата за ова прашање беше најтешка: „Додека јас сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ, нема да се смени уставот за да бидат бугарските барања дел од него“, кажа Мицкоски во јуни 2022.
Епа сега ќе мора да бира меѓу една од двете понуди, онаа на „посакуваниот“ Таравари или онаа на „омразениот“ Али Ахмети.
Има и трета опција ама за неа друг пат.
(frontline.mk)