Написот што го рецензираме, објавен еден ден после завршувањето на посетата на Папата Франциск на земјава, во основа само делумно пренесува друг напис објавен во „Ватикан њуз“. Но, со насловот, кој очевидно го извлекува самата редакција, очевидно се настојува да се расипе основниот впечаток од оваа посета на Северна Македонија и отворено се спинува реалниот дострел на тој настан, без голем „авторски труд“ во таа насока
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Написот што го рецензираме, објавен еден ден после завршувањето на посетата на Папата Франциск на земјава, во основа само делумно пренесува друг напис објавен во „Ватикан њуз“. Но, со насловот, кој очевидно го извлекува самата редакција, очевидно се настојува да се расипе основниот впечаток од оваа посета на Северна Македонија и отворено се спинува реалниот дострел на тој настан, без голем „авторски труд“ во таа насока.
Текстот во „Ватикан њуз“ со насловот сугерира дека лидерот на католичкиот свет, во кој влегуваат над една милијарда верници, практично го премолчел – според оваа редакција – вистинското значење на земјата домаќин. Веројатно се мисли на духовната рамка на посетата, а не на државничката.
Но и во нивниот цитат, уште на почетокот на текстот, како и во оригиналот, стои дека „народот на Македонија никогаш не ја пропушта можноста да не потсети дека христијанството влегло преку нивната порта, им изјавил папата на новинарите. Тој кажува и на што се темели таа теза – од фактот дека апостол Павле дошол во Македонија место да оди во Азија за да го шири христијанството.“
Папата, инаку, имал една импровизирана прес конференција во самиот авион со кој се враќал во Рим, на која свое учество имала и екипа на Македонската Телевизија. Прашањето за впечатокот од посетата на земјава е на таа екипа и тоа беше, инаку, ударен прилог во вестите во 17.00 и 19.30 часот на 8 мај. Во одговорот, Папата вели дека Македонија е портата за влезот на хистијанството во Европа и во контекстот во кој е тоа кажано е целосно јасно дека ги „задоволува“ очекувањата на сите оние кои и онака имаат високо мислење за историските позиции на народот кој тогаш живеел на Балканскиот полуостров. Пресот, според новинарката која била во авионот, бил исполнето со сентимент за земјата и народот каде бил гостин и посебно го издвоил фактот дека тука нема толеранција меѓу различните религии, туку постои респект меѓу нив, што тој посебно го издвојува..
Телезивизискиот прилог на МТВ говори и за т.н. аудиенција на Папата следното утро на Плоштадот Свети Петар, каде тој говорел и за значението на светите браќа Кирил и Методиј.
Но, овој напис нема ништо од тоа, бидејќи сè што би било објавено на оваа тема би одело против насловот, кој е „посаден“ врз прилогот што тие го издвојуваат од папската посета и кој може да се оцени само како саркастичен.
Насловот во новинарството треба да претставува сублимат на текстот и да ја пренесе главната вест која е содржана во новинарскиот напис. А, не да ги става во прв план ставовите на авторот или редакцијата. Тоа е така кога станува збор за новинарските жанрови преку кои се информира публиката какви што се вестите, извештаите, сториите и други. Ако се сакало да се прокоментира нешто за посетата на Патата на Северна Македонија, тоа требало да се направи во токму таков напис – коментар, одвоено од информативните написи каков што е овој. Вака, кога ќе ставите коментаторски наслов на информативен напис, кој плус па е и саркастичен (нешто што не се практикува во информативните написи), вие, всушност, се обидувате да му наметнете мислење на читателот без потреба. Ако читателот воопшто и сфати од каде доаѓа таквиот став, зашто насловот со ништо не е оправдан или објаснет внатре во написот. Вестите и коментарите во новинарството се одвоени многу одамна. За тоа има многу причини, Една од нив е и за да не ни се случуваат вакви наслови како овој.
Настрана фактот што ваквиот наслов е неточен. Имено, не станува збор за тоа дека Папата во авион се сетил на Македонија. Ваквите прес конференции, каква што беше оваа, во авионот, пред неговото заминување и пред мала група новинари, се вообичаени после секоја посета на Папата на некоја земја. Тие се одржуваат редовно, пред полетувањето на авионот, за Папата да може да им ги пренесе своите впечатоци од посетата на локалните новинари од земјата која тукушто ја посетил, покрај на оние од странство. Така што, не станува збор за тоа дека тој дури „во авион се сети на Македонија“, ами за вообичаен дел од протоколот на папските посети ширум светот.
(http://crithink.mk/nasaden-naslov-na-delumno-prenesen-tekst/)