ЉУБИША СТАНКОВИЌ
Парите (до последно евро) да му се вратат на Камчев, но тој да каже кому му ги дал и со каква намера, а торбата „Луј Витон“ да му ја даде на Боки 13
Деновиве слушам (и читам) дека Орце Камчев си ги барал назад дадените 1,5 милиони евра. Ако е ова точно јас сум согласен со неговото барање, оти негови се, нели, парите, но тоа би го направил под неколку услови! Имено, за да му бидат вратени ( до последно евро) дадените 1,5 милиони ќе инсистирам да каже кому му ги дал парите, односно дали тоа било едно, две или повеќе лица и секако да каже за каква намена се дадени! Второ, на Камчев никако, ама никако не смее да му биде вратена и торбата од марката „Луј Витон“, бидејќи е општо познато дека љубител на женски чанти и торби е онаа „несреќата“ што за себе мисли дека е Руперт Мардок или барем Роберт Максвел. Значи, торбата да му биде вратена на Боки 13, а таа може да биде искористена од неговите најблиски или од новинарите да му ја полнат и да му ја испраќаат како пакет во затворот во „Шутка“! Но да се вратам на Орце и на парите што тој ги бара назад. Од Орце ќе барам да покаже потекло на парите, оти тешко е за верување дека 1,5 милион чувал под перница или во јорганот, а башка сега не е време за јоргани – претопло е! Ако Орце е фин, (каков што често знае да биде), тогаш од него треба да се очекува да се согласи со Специјалнот јавно обвинителство и да потврди дека првата „транша“ од 1.500.000 евра биле дадени за да му биде вратен пасошот. Е сега, ако му бидат вратени парите, сосема нормално е и тој да го врати пасошот и на тој начин, на еден подолг временски период, да ги одложи „студиските“ и „едукативните престои во странство“. Оваа мерка, предлагам, да може да се менува и тоа во време кога Орце има „испитна сесија“, односно во време додека ракометниот клуб „Вардар“ игра натпревари во Купот на шампиони на Европа! Со оглед на тоа што што Орце Камчев планирал на Боки 13 да му доплати уште 6.500.000 евра, а тој за возврат да му го укине кривичниот прогон, мислам дека дека треба да важат сите веќе дадени предлози, односно да се види дали Камчев ги има дома тие 6,5 милиони евра, ако ги има да се види нивното потекло и нивната крајна намена. Се разбира, ако и овие пари се складирани во торба од марката „Луј Витон“ да се истурат во обични црни ѓубреџиски кеси, а торбата да му се даде на Боки 13 алиас Бојан Јовановски. На крајот уште еден предлог: На Орце Камчев да му бидат вратени и оние 14 милиони евра што тој ги даде за негово, но и за ослободување на неговите блиски соработници, од натамошно издржување на мерката притвор. Нема дилеми дека кога беше во во затворот во Шуто Оризари и кога на своите цимери Камчев им се претставуваше со разно-разни имиња, (а за цело време покриен со чаршаф преку глава), се беше поинаку!
Нека ни е честит Илинден!