БЕСА АРИФИ
На наједноставен можен начин, многу луѓе ги помножија со нула досегашните достигнувања на вакцината против морбили, врз база на само една крајно контроверзна студија која беше отфрлена од сите признати авторитети во медицинската наука.
Првата вест во новата 2019 година е дека во Скопје се појавила епидемија на мали сипаници – морбили. Со одлука на Министерството за труд и социјална политика, градинките нема да примат деца кои не се вакцинирани против ова болест.
Во XXI век, во град кој се наоѓа во Европа, се појавува и се прогласува епидемија на болест која подолго време веќе не се појавуваше, бидејќи некои лица, многу попаметни од нас, откриле вакцина токму против болеста морбили.
Се работи за вакцината која децата ја примаат веднаш после нивниот прв роденден. Истата таа вакцина за која пред некое време еден доктор објави еден труд во кој ја поврзуваше со појавувањето на аутизмот кај децата.
Тој труд толку многу се популаризираше преку социјалните мрежи поради што многумина одлучија да веруваат на ЕДЕН труд наспроти вековните истражувања на многу доктори и наспроти досегашното искуство на милијарди деца кои не заболуваат веќе од ова болест која до откривањето на вакцината беше смртоносна. Така, овие луѓе продолжија да ги вакцинираат своите миленици, ама најмилото, своето дете, го оставија невакцинирано, не за друго, туку да не добие аутизам. И штитејќи го од аутизмот го ставаат детето во опасност да умре од мали сипаници, да добие туберкулоза, полио, пертузис или некоја друга одамна исчезната болест.
На наједноставен можен начин, многу луѓе ги помножија со нула досегашните достигнувања на вакцината против морбили, врз база на само една крајно контроверзна студија која беше отфрлена од сите признати авторитети во медицинската наука.
После неколку годишни студии и истражувања дефинитивно беше воспоставено дека ова вакцина не предизвикува аутизам кај децата, бидејќи аутизмот е посебен феномен кој посебно се истражува и не е поврзан со вакцините.
Во медицината не се говори без длабоки истражувања кои се засноваат на докази собрани со големо внимание. Во медицината не се зборува напамет и таа наука не може да се завладее единствено преку читање по интернет страници. Тие кои прават медицински истражувања целиот свој живот го посветиле на науката. Тие кои прават такви истражувања кои резултираат со откривање на вакцина, како ова против морбили, не поминуваат поголем дел од времето Фејсбук, за да собират повеќе лајкови за нивните постови.
Истражувањата на тие научници се толку комплексни што ние другите, кои сме лаици во оваа сфера, тешко можеме да ги разбереме. А сепак, лаици се осмелуваат да носат одлуки за своите деца кои имаат неповратни последици како за нив така и за децата на одговорните родители кои редовно ги вакцинираат своите деца. Не е никаква случајност што за да се запише дете во градинка или на училиште, мора да се достави доказ дека тоа е вакцинирано. И не е никаква случајност што во многу држави, а и во нашата постојат парични казни за родителите кои одбиваат да ги вакцинираат своите деца. Таквото свесно и сосема неодговорно однесување може да се прогласи и за кривично дело, а не само прекршок. Но не, ние сепак ќе им поверуваме на социјалните мрежи, бидејќи тие најдобро знаат што е точно, а што не е!
Целата ова ситуација ме потсети на Хипатија, која била (жена) филозоф и живеела во Александрија, во чтвртиот век на новата ера. Таа била филозоф, математичар и востановен астроном, која истражувала, толкувала и предавала за делата на класиците на античката мисла. Една од теориите која таа ја разработила била геоцентричниот систем на Птоломеј.
Според ова теорија, земјата се наоѓа во центарот на универзумот и сите други тела се вртат околу земјата. Меѓутоа во Александрија била позната и друга теорија, таа на хелиоцентричниот систем на Аристарк од Самос кој бил прв класичен филозоф кој востановил дека земјата се врти околу Сонцето, а не обратно. Тој систем бил одново откриен од Коперник дури во XVI век. За Хипатија овој факт бил познат уште во IV век. Дотолку повеќе, таа успеала да открие дека системот на циркуларните орбити на планетите кои се вртат околу Сонцето всушност не е во согласност со реалноста.
Имено, бидејќи во антиката се сметало дека кругот е перфектната форма, се мислело дека планетите околу сонцето се вртат во круг. Хипатија со нејзините астрономски мерења открила дека во текот на годината Сонцето зазема две позиции – еднаш е поблиску до Земјата, друг пат е подалеку од неа. Ова е невозможно ако вртењето на Земјата е во форма на круг. Така, после долги истражувања таа дознава дека всушност траекторијата по која се врти Земјата не е кружна туку елипсовидна.
Овој факт таа го открила во IV век, а Јоханес Кеплер одново го открил во XVII век. Ако не интересира да дознаваме зошто биле потребни повеќе од 1300 години работи кои биле познати повторно да се откриваат треба да се потсетиме што точно се случило во тие 1300 години. Се случил средниот век, кога се одлучило да се верува дека Земјата всушност воопшто не се врти, туку е рамна плоча која стои на грбот на три големи китови. И со страотна едноставност, години и векови на антички истражувања се помножиле со нула, пергамените и книгите биле запалени, а знаењето во нив изгубено, бидејќи луѓето одлучиле да ги стават ирационалните и митските концепти над научните постигнувања.
Дотолку повеќе, истражувачи како Хипатија биле тешко казнети за нивните идеи и знаења. Таа била прогласена за вештерка, била осудена на смрт и била екзекутирана со каменување. Требало да поминат 1300 мачни години за човечноста повторно да ги открие вистините кои биле познати уште во антиката.
Иронично е што и ден денес има луѓе кои уште веруваат дека Земјата е рамна плоча. Денес, со сите технолошки изуми, кога сателитите слетуваат во Марс и прват селфи, има се уште такви кои веруваат дека сето тоа е една голема лага и еден голем заговор и дека Земјата всушност е рамна!
Многу е интересно што повеќето такви, кои се прогласуваат себеси за flat-earthers, веруваат исто така дека вакцините се дел од тој голем светски заговор така што одбиваат да ги вакцинираат своите деца. Повеќето од нив дипломирале од универзитетот Google и имаат далеку понапредни научни знаења отколку тие кои својот живот го посветиле на вистински научни истражувања!
Лошата работа е дека ваквиот начин на средновековно размислување има тешки последици по здравјето на нивните невини деца. Тие тешки последици ги опфаќаат и другите исто така невини деца кои следат училишта или одат во градинки во ера кога повторно се појавуваат болести кои одамна исчезнале.
Незнаењето убива, така што бидете внимателни на кого, за што и врз основа на кои аргументи му верувате.