БЕСА АРИФИ
Темните сили кои го одржаа Груевски 10 години на власт се сé уште тука, под сенка, бараат канали да прават немири, бараат начини да се вратат таму каде што беа и да станат повторно тоа што беа: апсолутни владетели, господари на нашиот живот, на нашата слобода. Тие се непријателите пред портата на ова мала држава која одлучи да се разбуди и да го заземе своето место меѓу европските држави
И на крај, силно светна дента кога после 27 години стигнавме до договор со решение за спорот со името. Договор признат од двете влади и поздравен од најважните во светот, како пример како се стигнува до компромис прифатлив од двете страни, пример како се водат држави од државници кои одлучиле да решаваат проблеми а не да создават нови, злоупотребувајќи ги чувствата на граѓаните за да остварат ситни политички поени.
Заев и Ципрас се такви државници кои се согласија да ги ризикуваат своите политички кариери со цел да решат еден проблем кој бара храбро и одлучно дејствување како созреан лидер кој мисли за иднината на земјата и на идните генерации а не како ситен маалски политичар кој е загрижен единствено за следните избори. Беше јасно уште на самиот почеток дека ако Заев и Ципрас не успеат да го решат овој спор, истиот е невозможно да се реши. Ова е историскиот момент за кој сите ние и идните генерации засекогаш ќе им бидеме благодарни на овие лидери кои одлучија да бидат токму водачи на земјите низ тешки времиња кон една подобра иднина. Ова е историскиот договор кој ќе се учи како студиски случај во современите студии по меѓународни односи и меѓународно право.
Меѓутоа, секој кој мисли дека на 27 април 2017 година заврши режимот на Груевски и започна конечно новиот живот во Македонија и дека нема враќање назад во минатите десет години е во голема заблуда. Темните сили кои го одржаа Груевски 10 години на власт се сé уште тука, под сенка, бараат канали да прават немири, бараат начини да се вратат таму каде што беа и да станат повторно тоа што беа: апсолутни владетели, господари на нашиот живот, на нашата слобода. Тие се непријателите пред портата на ова мала држава која одлучи да се разбуди и да го заземе своето место меѓу европските држави кои сé повеќе имаат дилеми дали навистина го заслужуваме тоа место или не. Непријателите пред портата упорно и одлучно сакаат ние да не бидеме достојни за тоа место кое ни припаѓа, во ЕУ и во НАТО. Тие упорно сакаат ние да останеме изолирана мала земја која сама себе не се сака а камо ли други да ја сакаат. Тие непријатели името ФИРОМ не го даваат убедувајќи нé дека тоа би било страшно понижувачки и капитулациски чин. Никако не дозволуваат да станеме вистинска земја, со вистинско име и со вистинска иднина. И се чудат впрочем, како ние другите не можеме да разбереме дека ФИРОМ е далеку подостоинсвтено име од Северна Македонија.
Морам некако да ве разочарам, вака јас како една од “клетите” која не смее да зборува за вакви тешки идентитетски прашања, и да ви кажам дека непријателите пред портата не се „клетите шиптари” – дежурни виновници за сé што не чини во оваа земја. Интересно е како сите „патриотски” протести на земјава започнуваат со барање гасни комори за „клетите шиптари”. Мора да е тоа некое посебно чувство на катарза кога протестантите извикуваат такви пораки со кои посакуваат морбидни начини на усмртување на своите сограѓани, кои пред да бидат израз на јасна омраза кон другиот се всушност јасна омраза кон себе си. Испаѓа дека на протестантите својата златна држава, таква каква што е, не им се допаѓа, бидејќи е „нечиста” и полна со „клети шиптари” кои сега имаат, пазете, „шиптарска полиција”! Таквата омраза кон самата држава е санкционирана со кривичното дело од член 319 на КЗРМ, „Предизвикување омраза раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа” кое дело, пазете, неслучајно е кривично дело против државата, а не против етничките или верските заедници. Не се етничките заедници непријатели на оваа држава колку и да им се „клети” на „Комитите”. Не се непријатели ни Грците кои успеаја да дојдат до разумен и важен договор со нас. Не се непријатели ни Бугарите кои особено после потпишувањето на Договорот за добрососедство станаа наши најголеми поддржувачи во интеграциските процеси. Не, ни меѓународната заедница не е непријателот, иако пред некое време за нејзините претставници беа истакнати некролози за време на многу слични протести како овие што ги гледаме деновиве.
Непријателите се други, и тие бесрамно се трудат да се китат со патриотски перја и да се претстават како големи државници, а всушност, упорно се трудат да ја закопаат единствената шанса што ова земја ја доби да прооди напред, да излезе од ќорсокакот и да не биде веќе европското слепо црево, туку да стане нејзината успешна приказна. Овие се истите непријатели кои веќе подолго креираат разни проблеми, секогаш во име на некаков „патриотизам” што само во нивните глави има некаква смисла.
Главниот веленепријател на ова чета непријатели пред портите на Македонија е ни повеќе ни помалку туку шефот на државата. Што се однесува до ова личност, криви сме по малку и ние „клетите шиптари” што послушувајќи го барањето за бојкот на последните претседателските избори дозволивме ова лице да добие втор претседателски мандат и да нé претставува сите нас како граѓани на ова земја. Ете, во тој момент признавам, ние “клетите” не успеавме државнички да се однесуваме и да ве спасиме и вас, драги сограѓани, од целиот срам што го доживеавме од ова лице до ден денешен.
Нашиот шеф на држава се одликуваше како голем патриот уште од времето кога одлучи да ги донесе тие негови спектакуларни помилувања. Да помилуваш без претходна постапка, а врз основа на непостоечки член на Законот за помилување, државни функционери под истрага за сериозни кривични дела на корупција и организиран криминал е „највисок акт на врвен патриотизам” што еден шеф на држава може да го преземе. Токму тој „врвен патриотизам” и ден денес не дозволува лица како Грујевски и Бошковски да се донесат пред лицето на правдата. И така, додека неговиот „патриотизам” проработува на разни страни, шефот на нашата држава прозборе и за постигнатиот Договор со Грција кој го крактеризираше како политичка дивоградба и му рече на народот да биде спокоен, бидејќи, тој никогаш истиот нема да го потпише. Нити очекувам тој да потпише договор кој иднина значи за Македонија и за правната држава, имајќи предвид дека тој има навистина високи стандарди во однос на потпишување на документи кои правни дивоградби значат. За таквите негови дивоградби во 2016 година и Собранието се надмина себеси и дозволи надградување на дивоградбата со член кој овозможи повлекување на ништовните помилувања, кои ден денес произведуваат правни последици. Апсурдно е Иванов да говори за почитување на Уставот кога тој самиот секојдневно го крши токму тој Устав, одбивајќи да го потпише Указот за прогласување на Законот за јазиците. Срамно е тој да збори за почитување на тој Устав што тој го прегази кога не го даваше мандатот на парламентарното мнозинство и со тоа директно придонесе да се случат настаните од 27 Април минатата година. Просто неверојатно е Иванов да се повика на почитување на Уставот после срамните помилувања од 2016 година. Уште поневеројатно е од него да се очекува почитување на највисокиот правен акт на земјата после сите овие настани. Сами сме криви што му дозволивме цело ова време да се поигра со сите нас, со здравиот разум и со нашите права.
Непријателски кон земјата се расположени во последно време и тие од т.н. реформирано ВМРО-ДПМНЕ. Наместо да се придружат кон ова кауза која значи излегување од ќорсокакот тие упорно тврдат дека треба да влеземе подлабоко во тој ќорсокак. Тие не даваат никаква друга алтернатива место интеграциите во НАТО и ЕУ, а сепак се трудат да го саботираат решавањето на спорот за името кој е главниот услов за да може да помислиме за такви интеграции. А сепак се нарекуваат себеси реформирани! Какви се тие реформи кои не се дистанцираат од криминалот извршен во име и за сметка на ВМРО во изминатите 11 години? Кои се тие реформирани партиски лидери кои не успеваат да соберат сили да го осудат насилството од 27 Април туку сега создаваат атмосфера за нови насилства? Какви реформатори се тие кои не успеваат да направат разлика меѓу вистинскиот патриотизам кој значи иднина за земјата и тој лажен патриотизам кој прифаќа земање на бугарски пасош со цел преселување во ЕУ наместо земјата како таква да се зачлени во ЕУ? Не знам за какви реформи зборуваат реформистите меѓутоа, за сега, нивниот статус е на државен непријател кој ја користи својата политичка сила да го задржи земјата во изолација што само во времето на груевизмот имаше смисла.
Државни непријатели пред портата се сите тие кои во овие чувствителни времиња ги хушкаат граѓаните да се спротивстават на договор кој беше многу тешко да се постигне, кој е достоинствен за сите нас и кој е силно поддржан од меѓународната заедница. Видовме до каде нé носи таквото хушкање. Затоа колеги професори и драги политичари немојте да ја прифатите улогата на хушкачи, немојте со вашите екстремни ставови да спречите да добиеме јасна иднина за сите нас. Идентитот не се гради ниту се чува на овој начин, така едноставно се губи една голема и единствена шанса да станеме сериозна земја со сериозна иднина. Ниту еден идентитет нема да ја преживее подолго изолацијата на ова земја, и на крај опасноста е дека ќе остане само името на територијата додека пак населението ќе го нема, бидејќи ќе оди во потрага по некој од европските идентитети што сега вие не му дозволувате да го гради и негува.
Дали ќе дозволиме, драги сограѓани, непријателите на ова земја кои се трудат да ги покријат своите криминали и понатаму да ни продаваат ефтин, кич патриотизам да успеат во нивните цели? Дали ќе им дозволиме да ни ја одземаат од рацете слободата која со големи маки повторно ја освоивме? Дали ќе дозволиме повторно да нé вратат во темнините на мафиократијата од која уште целосно не сме се спасиле? Друг ваков историски момент на решавање на спорот и на конечно проодување напред нема да имаме. Работата е сега или никогаш. Дали сме подготвени да се соочиме со последиците доколку сега не покажуваме зрелост и храброст и им дозволуваме на мрачните сили повторно да заживеат? Мислам дека ни беше доста! Мислам дека заслужуваме подобра иднина!