Партиите на Албанците меѓу политичките стратегии и тајните договори

ДЕСТАН ЈОНУЗИ
Локалните избори 2025 во Северна Македонија ја откриваат поделеноста меѓу партиите на Албанците и контроверзните соработки со македонски партии – Струга во центарот на политичката бурa
Локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври 2025 година се закануваат да станат една од најжестоките политички битки во Северна Македонија. Струга, како симбол на етничка кохезија, но и политичка поларизација, повторно е во центарот на вниманието – овој пат како клучна точка во натпреварот меѓу политичките партии на Албанците во Македонија и нивните коалиции со македонските партии.
Коалицијата ВЛЕН излезе со сериозни обвинувања против Демократската унија за интеграција (ДУИ), обвинувајќи ја за таен договор со Левица, предводена од Димитар Апасиев. Според ВЛЕН, Кренар Лога, пратеник и функционер на ДУИ, остварил средба со Апасиев и генералната секретарка на Левица, Јована Мојсовска, која потоа се појави како “изненадувачки кандидат” за градоначалник на Струга.
– Ова е срамен план, режиран од Лога и ДУИ, кои отворено соработуваат со политички сили кои ја имаат изградено својата кариера врз албанофобија, велат од ВЛЕН.
Според оваа коалиција, целта на овој маневар е да се подели македонскиот глас во Струга, со што би се спречила победа во првиот круг на независниот кандидатот подржан од ВЛЕН и владејачката коалиција, Менди Ќира. Од ВЛЕН апелираат до јавноста да не потпадне под политички манипулации и изразуваат уверување дека волјата на граѓаните ќе победи.
ДУИ, пак, категорично ги отфрла обвинувањата, нарекувајќи ги популистички и деструктивни, со цел да се прикрие паниката кај ВЛЕН и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој наводно се обидува да ги контролира партиите на Албанците преку “марионети”.
Арта Билали-Зендели од ДУИ, вели дека ваквите наративи се обид за политичка елиминација на ДУИ.
– ДУИ не е само партија – таа е организирана политичка сила на Албанците, архитект на најголемите достигнувања на оваа држава – Охридскиот договор, членството во НАТО, почетокот на преговорите со ЕУ, истакна Билали-Зендели.
Струга е уникатна по својата етничка структура, но и по своето политичко значење. Со избалансирана бројка на албански и македонски гласачи, секоја манипулација со гласовите може да биде клучна. Токму затоа се вели дека Струга ја одредува не само судбината на општината, туку и иднината на етничкиот соживот во земјата.
Според ВЛЕН, кандидатурата на Мојсовска има за цел да ја “размрда” македонската сцена и да ѝ овозможи на ДУИ да преживее во Струга. Според ДУИ, обвинувањата се дел од план за политичка дестабилизација и напад врз легитимитетот на Албанците.
Локалните избори во Северна Македонија ќе се одржат на 19 октомври 2025 година. Овие избори се сметаат за едни од најзначајните во последниве години, особено поради зголемената политичка тензија, новите коалициски формати и засилената битка за влијание меѓу албанските и македонските партии на локално ниво.
(првалинија.мк)