Заминувањето на Ники Хејли од ОН се претставува како загуба на еден од ретките умерени републиканци и глас на разумот за администрацијата на Доналд Трамп. Нејзиното досие го демантира ваквиот наратив
МИХАЕЛ КНИГЕ
Во овој момент личноста на Ники Хејли не нуди повод одново да се занимаваме со причините за веќе редовното заминување и доаѓање во Белата Куќа на соработниците на Трамп. Нејасно е дали заминувањето на Хејли било долго планирано, или пак, дали таа планира да му биде ривал на Доналд Трамп на изборите во 2020 година.
Но како и да е, таквите шпекулации не придонесуваат за вистинската расправа, а тоа е како САД се однесуваат на светската сцена. Затоа, да се фокусираме на она што го знаеме, а тоа е билансот на Хејли како американска амбасадорка во Обединетите нации.
Отворено кажано: нејзиниот биланс е мрачен. Во нејзиниот двегодишен мандат во Њујорк таа успеа да даде поддршка за некои проблематични решенија во врска со човековите права, и беше еден од најгласните претставници на администрацијата во критиките кон Русија.
Но, таа нема да се памети по тоа. Хејли, една од првите и најпознатите жени-членки на администрацијата на Трамп, ќе биде запаметена по овие работи во нејзиниот мандат: со нејзина поддршка, САД се повлекоа од Климатскиот договор, од Атомскиот договор со Иран, од УНЕСКО и од Советот за човекови права на ОН.
Таа ќе биде запаметена по заканите кон другите членки на ОН преку Твитер дека САД „ќе им ги запишува имињата“ на оние кои ќе гласаат за резолуцијата против преместувањето на амбасадата на САД во Ерусалим.
Ќе биде запаметена по туркањето на новиот и опасен принцип според кој САД им даваат помош само на држави кои ги смета за пријателски, што значи дека мора да се однесуваат, и да гласаат во ОН, согласно желбите на Трамп.
И иако можеби нема да биде, сепак треба да биде запаметена и по тоа што за време на нејзиниот мандат Вашингтон го прекина финансирањето на Фондот за населението на ОН поради одлуката да се врати на старата политиката да не помага меѓународни здравствени групи кои пропагираат абортус.
Севкупно земено, Хејли беше жесток поддржувач на политиката „Америка прво“ на Трамп, која во суштина е фундаментално спротивставена на основните принципи на ОН. Нејзиниот личен стил можеби овозможи да се прикрие непријателскиот однос на Трамп кон мултилатерализмот, но сепак, тој постоеше.
Во нејзина одбрана, некои ќе речат дека таа давала се од себе да го одврати Трамп од правење уште поголема штета, и да предупредат дека нејзината замена би можела да биде уште полоша – но тој брод одамна отплови. Во овој момент од мандатот на администрацијата на Трамп, и имајќи ја предвид целата штета која веќе е направена на повеќе фронтови, едноставно не можеме да дозволиме аргументот „може да биде и полошо“ да стане бенчмарк.
Со било какви традиционални партиски стандарди, Хејли не може да биде опишана како умерена или мејнстрим републиканка. Таа беше водечки адвокат и овозможувач на политиките на Трамп на глобалната сцена. Нема причина светот да пролее ниту една солза поради нејзиното заминување.