ЏАБИР ДЕРАЛА
Од оваа криза некој ќе излезе како „херој и спасител“, а друг ќе биде оцрнет и политички прегазен. Бизнис зделките ќе се склучат со победникот за уште поголеми пари. Да, парите на истиот народ кој гласаше за гордост и просперитет
Денешниот утрински колегиум го правевме онлајн. Еден од колегите, кој живее подалеку од центарот на градот, се приклучи од автомобилот на член на неговото семејство. Друг колега, кој живее во центарот на главниот град, ми се јави да ми каже дека снемало струја во блокот каде што живее, па снемало и интернет.
На колегиумот, една од темите беше токму јавниот превоз. Со денови, илјадници жители на главниот град мрзнат по автобуските станици во надеж дека ќе помине некој автобус, па кога тоа нема да се случи, се снаоѓаат кој како умее. Такси или пријатели и роднини со автомобил се решението. Тие што немаат ништо од тоа, остануваат да мрзнат, а утредента изостануваат од работа. Ако имаат здравствен проблем или други потреби – никому ништо. Солидарните граѓан(к)и веќе почнаа да се организираат за да си помогнат едни на други за да стасаат на саканите одредишта.
Жителите на Шуто Оризари се организираат на протест пред градската управа под чии ингеренции е јавниот превоз. Тие се мета на дискриминација далеку подолго време отколку други делови од Скопје. Прекипе лончето. Ќе протестираат. Мојот колега Дехран вели дека треба да повикаме сите да се приклучат кон овој протест. Колешката Биљана пријави дека и студентите се организираат на протест поради сите неисполнети ветувања за подобрување на студентскиот стандард.
Не мора никој да ја нападне оваа земја. Веќе е нападната од сопствените политички и бизнис разбојници!
Зошто го велам ова за политичките и бизнис разбојници?
Од оваа криза некој ќе излезе како „херој и спасител“, а друг ќе биде оцрнет и политички прегазен. Бизнис зделките ќе се склучат со победникот за уште поголеми пари. Да, парите на истиот народ кој гласаше за гордост и просперитет. Политичарите што ќе победат во оваа, за многумина не многу значајна криза со јавниот превоз, ќе профитираат извонредно добро, заедно со бизнисмените што се поврзани со оваа афера. Токму така, политичките и бизнис „елити“ се вистинските напаѓачи на нацијата (што и да подразбирате под тоа), и ја експлоатираат секоја криза за лична добивка.
Апсолутни губитници се граѓанките и граѓаните. Ќе излезат и на улица, ќе го кажат својот глас, ќе го излеат својот гнев, што е потребно и легитимно. Но треба да се има на ум дека секогаш некој во политиката и бизнисот ќе ги привлече поените и парите на своја страна.
Во меѓувреме, далеку покрупни работи (и стратешки одлуки) ќе поминуваат незабележано. Децата почнаа пак да се тепаат и бодат по автобуси, мафијашите среде бел ден се ликвидираат еден со друг, непознат број млади луѓе купуваат карти во еден правец, а загадувањето и сиромаштијата го крадат здравјето и достоинството на тие што остануваат.
Жителите на оваа мала земја чија влада проектира 6,5 милијарди евра буџет во 2025 и економска развојна стапка од 3,5% (наспроти онаа од Светска банка чија прогноза е 2,5%), немаат друга перспектива освен да избегаат од тука или и понатаму да осиромашуваат. За тоа време, пропагандата на политичките моќници без проблем ќе ја тргнат одговорноста од себе и ќе ја насочат кон „непријателите“, „предавниците“ и „корумпираните“ – голем дел од нив зборуваат и на „омразениот јазик“, што е одличен бонус.
Властодршците имаат доволно спонзори и уште толку поддржувачи што ќе ја лапнат секоја пропагандна јадица што ќе им се сервира преку медиумите. И додека мноштвото се врти во маѓепсаниот круг на лагите и митовите, тие ќе се богатат.
Излез?
Да, излез има. Но, за да се постигне, граѓаните треба да го напуштат комфорот на лагите и пасивноста. Наместо тоа, мораат гласно да бараат одговорност од властодршците, да го поддржат секој глас на протест, и да се борат за заедничка иднина во која ќе доминираат вистината, правдата и достоинството. Само така ќе се победи оваа внатрешна окупација.