Мојата порака кон сите луѓе би била да не се суди книгата според кориците. Бегалците бегаат од своите земји поради војните, поради ИСИС, не по сопствен избор. Ние, луѓето, мора да си помагаме еден на друг. Луѓе сме. Мора да престанеме да размислуваме за религии, боја на кожа или земјата на човекот на кој се обидуваме да му помогнеме, бидејќи сите сме луѓе
Се викам Нура, имам 21 година и сум од Ирак. Го напуштив Ирак поради тоа што ИСИС го зедоа татко ми и моравме да платиме многу пари за да го солободат. Потоа, бевме исплашени и избегавме од земјата. Во моментов престојувам веќе некое време во транзитниот центар “Табановце” во Македонија, но имам отпочнато прoцедура за враќање во Ирак.
Причината поради која се враќам во Ирак е бидејќи ситуацијата таму, барем во регионот каде што јас ќе одам и помирна и побезбедна од она што го знам засега. Друг голем фактор е тоа што сакам да продолжам да им помагам на бегалците таму.
Kако волонтер во Црвен Крст им помогнав на многу бегалци овде порано, а исто така волонтирав и во други организации овде на терен. Но има многу бегалци и во Ирак и верувам дека ќе сум повеќе потребна таму. Течно зборувам 4 јазици и имам средно познавање на уште 3 други јазици. Јас сум Курдка, па тоа што сум една од малкуте луѓе со јазична комбинација на англиски и курдски е доста корисно.
Во моето патување имаше многу предизвици. Поминав низ незамисливи работи. Во Идомени на пример, една Сиријка беше пред пораѓање. Јас ѝ помогнав да се породи со моите голи раце надвор на отворено поле. Немав искуство со пораѓање претходно, но за среќа, се помина добро. Таму спиев во вреќа за спиење и се тресев од студ. Немаше доволно простор во шаторите за сите. Не мислев дека ќе влезам во Македонија и бев пресреќна кога ми дозволија да ја преминам границата.
Луѓето овде се многу љубезни со мене и Македонците и Албанците. Искрено, никогаш не направија да се чувствувам како бегалка. Навистина не се чувствував како бегалка во Македонија. Кога бевме на терен со другите хуманитарни работници кои беа Сиријци, Македонци, Албанци = се чувствував како да сме сите дел од едно големо семејство кое се обидува да помогне на други луѓе. Но, сега е време да се вратам во мојот регион.
Мојата порака кон сите луѓе би била да не се суди книгата според кориците. Бегалците бегаат од своите земји поради војните, поради ИСИС, не по сопствен избор. Ние, луѓето, мора да си помагаме еден на друг. Луѓе сме. Мора да престанеме да размислуваме за религии, боја на кожа или земјата на човекот на кој се обидуваме да му помогнеме, бидејќи сите сме луѓе.
(Приказните се собирани од активисти на Легис и се поддржани од GIZ во име на BMZ.)