МИРЈАНА МАЛЕСКА
Читам, имало суд кој ќе каже дали медиумите и новинарите ги прекршиле важечките правила за медиумите и слободата на говорот, не е на политичарите да кажат. И ова е точно, само нема толку судови и судии, колку што има секојдневно говор на омраза, на коj сме, главно, рамнодушни
Читам, новинарите имале право да ги критикуваат политичарите од власта а овие немале право да го изнесат своето мислење за медиумите. Tоа билo притисок, некој ќе ги разберел погрешно и ќе била загрозена безбедноста на новинарот. Точно, притисок е и безбедноста на новинарот ќе биде загрозена. Од друга страна, се прашувам, дали е критика кога некои медиуми континуирано и безобзирно, ја нарекуваат власта предавничка и повикуваат на јавен линч? Дали не сметаат дека безбедностa на политичарот е исто така, загрозена? Или не им е грижа за тоа?
Легитимно право е на новинарите и медиумите да не им се допаѓа Охридскиот и Преспанскиот договор и Договорот за пријателство со Бугарија, отстапките кои се прават и ќе се прават за да може земјата да ги започне преговорите со ЕУ. Легитимно е да ja критикуваат надворешната политика на власта и направените отстапки, дури и на рамниште на обични пропагандни центри на опозицијата, што нема врска со објективно информирање, а да не говориме за тоа дека новинарството е одговорно за тонот на јавната дебата во која внесува мудрост произлезена од контекстот на известувањето.
Ако се следат некои наши медиуми, очигледна е нивната намера да се предизвикаат предвремени избори и смена на власта, која, евентуално, ќе ги поништи или ревидира овие договори. Какви би биле последиците од оваа стратегија, оставаме на совест на медиумите, но нагласуваме дека не е со закон дозволено намерно создавање и подгревање на анти-албанско расположение, како што се прави, дека Албанците не „предале”, дека министерот за надворешни работи не смее да биде Албанец бидејќи ги игнорирал чувствата на Македонците итн.
Не е дозволено да се користи говор на омраза кон граѓани од друга националност, на пример кон оние кои се чувствуваат како Бугари, бидејќи тоа води до недозволено физичко насилство и влошување на односите со соседната држава. Не сме во војна, па дури и тогаш, има правила.
Читам, имало суд кој ќе каже дали медиумите и новинарите ги прекршиле важечките правила за медиумите и слободата на говорот, не е на политичарите да кажат. И ова е точно, само нема толку судови и судии, колку што има секојдневно говор на омраза, на коj сме, главно, рамнодушни. На пример, не гледам реакција на злонамерните изјави дека премиерот Димитар Ковачевски е “слуга” на Али Ахмети (од соопштувањето на ВМРО-ДПМНЕ) или дека по заслуга на СДСМ и ДУИ “Македонија стана Северна по желба на Грција, но и нарекувана бугарска по желба на Бугарија”(Алфа).
Некои новинари, многу примитивно ја разбрале синтагмата за печатот, како “четврта власт” или “куче-чувар” (watch-dog), па среќавам вакво заканувачко прашање: Дали знаете дека секој политичар, што се чепнал со новинарите, поминал лошо?
Да го дополнам новинарот, не поминале лошо само политичарите што се “чепнале” со новинарите, кои во некои случаи, тоа веројатно го заслужиле. Заканата за национално предавство и јавен линч е проширена и врз оние граѓани кои ете, случајно, јавно рекле и напишале дека, за некои клучни прашања, од кои зависи стабилноста и иднината на земјата, како што се споменатите договори, треба да се подржи владата. Од искуство знам со какви зборови биле пречекани: “Предавници, уште ли сте живи, што не умрете веќе еднаш, губете се во Албанија/ Бугарија, да ве нема оттука, додека не сте го добиле…” итн. Тоа е говор на омраза кон овие луѓе, чија безбедност е исто така загрозена.
Според уставот и законите, сите имаме право и слобода на изразување, без мешање на јавната власт, но уживањето на овие слободи е придружено со утврдени обврски (услови, рестрикции, казни), неопходни во демократското општество во интерес на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавната безбедност, заради превенција од неред и криминал, заради заштита на здравјето или моралот, заради заштита на угледот или правата на другите. (Европска конвенција за човекови права).
Од разбирливи причини, нашиот устав и закон за медиуми, меѓу останатото забрануваат преку медиумите да се “ поттикнува или шири дискриминација, нетрпеливост или омраза врз основа на раса, пол, религија или националност”, како што неказнето се прави од некои медиуми.
Така што, да резимирам, новинарите не треба да бидат доведени во ситуација да се плашат за својата безбедност. Но, не само новинарите, никој не треба да се плаши заради слободно искажано мислење во јавноста.
(авторката е универзитетски професор по политички науки)