Поранешниот градоначалник на Општина Карпош овозможил на правно лице да купи државно земјиште со површина од 1.533 метри квадратни за цена од 671.454 денари, а по само дваесеттина дена истото земјиште да биде препродадено за 40.528.500 денари
ЉУБИША СТАНКОВИЌ
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд – Скопје изготвило и доставило обвинителен акт за поранешниот градоначалмик на Општина Карпош, Стевче Јакимовски и за уште 10 други лица.
Јакимовски, како првообвинетиот се товари дека сторил повеќе кривични дела; злоупотреба на службената положба и овластување и кривично дело: бесправно градење. Едно лице е обвинето дека сторило кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, на седуммина им се става на товар кривично дело: несовесно работење во служба, а две лица ќе одговараат за бесправно градење, согласно член 244-а став 1 од Кривичниот Законик.
Стевче Јакимовски, како што наведуваат од Обвинителството, во периодот од 2011-2017 година, како службено лице – градоначалник, во повеќе наврати ја злоупотребил службената положба и овластување во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште сопственост на РС Македонија. Тој, во текот на 2012 година, при спроведување на постапка за јавна набавка склучил и потпишал договор со правно лице, иако знаел дека правното лице нема доставена банкарска гаранција за квалитетно, а со тоа и навремено извршување на договорот. Обвинетиот, дозволил изведувачот да започне со изведување на активностите од договорот. По еден месец, заради неквалитетно изведување на работите, го раскинал договорот со изведувачот, со што овозможил правното лице да се стекне со имотна корист на штета на буџетот на општината во износ од 303.295 денари, односно пет проценти од вредноста на договорот за јавна набавка.
Само за периодот 2012 – 2013 година, во постапка за јавна набавка, Јакимовски причинил штета на општинскиот буџет во висина од 14.609.653,63 денари, односно околу 250.000 евра.
„Откако јавната набавка била спроведена и бил склучен договор, првообвинетиот давал усни инструкции на изведувачот за изведување на дополнителни работи, со што вкупната вредност на работите за изведување надминала 100 проценти од вредноста на основниот договор“, велат од Обвинителството и дообјаснуваат дека Јакимовски, како градоначалник на Општина Карпош, во име и за сметка на правното лице – општината, во својство на инвеститор, а спротивно на членовите 56 и 57 став 2 и член 63 од Законот за градење, без одобрение за градење, изградил деловен административен објект на локалната самоуправа со што сторил кривично дело – бесправно градење. За овој објект, тој, во 2016 година, поднел Барање за утврдување на правен статус на бесправни објекти од локално значење.
Во периодот од 2011-2017 година, Јакимовски, заедно со раководен државен службеник во општината, ја искористил својата службена положба и овластување постапувајќи во предмети оформени по поднесените Барања за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект. Тој и вработениот, иако знаеле и биле должни да знаат, дека објектите за кои се поднесени барањата се објекти што не смеат да бидат предмет на постапка за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, ги потпишале Урбанистичките согласности и дале согласност за вклопување на предметните времени објекти за деловна намена во урбанистичко планската документација. Со потпишаните решенија за утврдување на правен статус на времените објекти за деловна намена како да се бесправно изградени објекти им овозможиле на три правни и на едно физичко лице да се стекнат со право на сопственост на објектите и ексклузивно право на откуп на земјиштето под објектите чиј сопственик е државата.
„Првообвинетиот и раководниот државен службеник во општината, со искористување на службената положба и овластување, знаејќи дека постапката за легализација на времените објекти со деловна намена е спроведена спротивно на законските прописи, овозможиле на две правни лица со непосредна спогодба да се стекнат со материјална и имотна корист во вид на градежно земјиште под објект за цена од 438 денари за метар квадратен, иако според ценовникот за утврдување пазарна вредност на градежно земјиште и макролокација на Зони во Град Скопје изнесува 18.000 денари за метар квадратен. Со преземените дејствија обвинетите го оштетиле Буџетот на Р.С.Македонија во износ од 31.410.000 денари. Во текот на истрагата е утврдено дека едно од двете правни лица, земјиште со површина од 1.533 метри квадратни, купено за 671.454 денари, по само дваесеттина дена го отуѓило за 40.528.500 денари“, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
За второобвинетиот од Обвинителството посочуваат дека ги повредил законските прописи при спроведување на постапка за јавна набавка и сторил кривично дело: несовесно работење во служба. Имено, тој знаел дека правното лице не доставило банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот и наместо да предложи активирање и наплата на банкарската гаранција на понуда во износ од 181.977 денари или 3 проценти од вредноста на понудата, го проследил Договорот за јавна набавка на понатамошно постапување.
Во текот на 2016 година тројца од обвинетите во својство на членови на Комисија за јавна набавка, при спроведување на постапката за јавна набавка сториле кривично дело: несовесно работење во служба. Пред да пристапат кон евалуацијата на понудите, при проверка на комплетноста и валидноста на документацијата за утврдување на способноста на понудувачите, прифатиле некомплетна понуда на правно лице и овозможиле правното лице да учествува во постапката и да биде избрано како најповолен понудувач. Со ваквите дејствија овозможиле правното лице да се стекне со имотна корист во вкупен износ од 2.845.234 денари или околу 50.000 евра, а на штета на буџетот на општината.
Двете лица обвинети за кривично дело бесправна градба го сториле кривичното дело што им се става на товар така што едниот обвинет, како одговорното лице во правното лице – изведувач, започнал со изведување градба и изградил деловен – административен објект на локалната самоуправа без Одобрение за градење на инвеститорот. Другиот обвинет, како надзор, во име и за сметка на правното лице, вршел надзор на градбата.
Три лица, како службени лица во општината, се обвинети дека несовесно вршејќи ги своите овластувања и должности, со пропуштање на должен надзор при постапување по поднесени Барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, изготвиле и потпишале урбанистички согласности и решенија за легализација на бесправно изградени објекти од времен карактер за деловни намени поставени на градежно неизградено земјиште сопственост на Р.С.Македонија.
(Правосудство.мк)