ЉУБИША СТАНКОВИЌ
Обвинувањата на Василевски се толку тешки што државниот јавен обвинител, веднаш по неговото сведочење, требаше да се даде во акција и да ги приведе сите оние чии имиња беа споменати како помагачи на нередите од 27 април
Јавноста мора да знае што барале Марко Зврлевски и заменик министерката за правда Билјана Бришковска – Бошкоски, на осмиот кат, во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, само еден ден по случувањата од 27. април, за кои немаше ни увид.
На јуриш се урива законодавниот дом и се ничкосува неговата функција. Се предизвикуваат сериозни инциденти кои требало да завршат со убиства на пратеници. Се делеле огромни суми пари за да може некој да се изживува, а некој да остане власт… И сето ова да остане нерегистрирано од Обвинителството? Премногу сериозни обвинувања се слушнаа од Александар Василевски-Нинџа, во неговото сведочење за настанот за кој некои до вчера тврдеа дека е некаква одбрана на државата, а всушност се работело за класичен државен удар!
Обвинувањата на Василевски се толку тешки што државниот јавен обвинител, веднаш по неговото сведочење, требаше да се даде во акција и да ги приведе сите оние чии имиња беа споменати како помагачи во реализацијата на нередите од 27. април. Јавниот обвинител досега требаше да ги распраша актерите, а пред се неговите колеги кои во време кога се случувааа насилствата не излегле да извршат увид, а не, пак, да поведат постапка против одредени лица, иако тоа е законска обврска!
Некој треба да каже што барал тогашниот државен Јавен обвинител, Марко Зврлевски, во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ?! Зошто на осмиот кат во партиската „зграда – шампита“ била и заменик министерката за правда Билјана Бришковска – Бошкоски?
Обвинителу, вие сте тие кои ќе треба да ги проверите зборовите на сведокот Василевски, иако, нели, сведокот, согласно законот е должен да ја зборува вистината, бидејќи во спротивно се соочува со кривичен прогон.
Како граѓанин на оваа земја имам право да знам дали заменмик – министерката навистина барала крв и дали Зврлевски, ден подоцна, врши истрага во партиски штаб? За мене, ова е премногу наивно за да би поверувал, но сакам да знам дали навистина имало обвинители кои ги одработувале желбите на ВМРО-ДПМНЕ?
Обвинителу, знаеме дека токму поради непостапување тројца ваши колеги беа казнети со закани, со замавнување со показалец и исто така знаеме дека ништо друго не знаеме. Недостигаат информации! Ете, јас лично верувам дека еден од посочените обвинители не бил ништо друго освен обичен партиски послушник кој наместо да биде санкциониран – напредувал во службата? Тој беше споменуван и во други предмети како што е изнуда на исказ на осудено лице. Што требало? Некој да потпише напишан текст за тој да може да демонстрира сила? Обвинителу, истражувај и обвинувај!
Провери обвинителу кој делел стотици илјади евра и од каде таа провизија! Јас, лично јас, не верувам дека парите се провизија од зделка на приватни фирми.
Проверете обвинителу кои се лица од МВР и УБК биле на располагање за потребите на „револуцијата“ на ВМРО-ДПМНЕ? Проверета дали навистина се изготвувале лажни службени белешки? Провери обвинителу како е можно директор на тајна полиција да „изрекува“ затворски казни? Да не случајно и тие биле договарани со вашите колеги? Проверувај овинителу! Има тука многу за проверување!
Обвинителу имате „допрен глас во јавноста“ и затоа постапувајте! Тоа е уставна и законска обврска за секој јавен обвинител, но е и обврска кон народот кој очекува и се надева на некаква правда.
Обвинителу-обвинувај, оти јавноста тебе ќе те обвини!