ЉУБИША СТАНКОВИЌ
Сите соопштенија кои се лиферуваат од Јавното обвинителство се безмалку идентични, но во нив не само што ги нема иницијалите и имињата на осомничените и обвинетите, туку отсуствува и елементарна информација
Месеци наназад се нервирам, а недели наназад се мислам дали да им се посветам на писанијата кои речеси секојдневно ги лиферува Јавно обвинителство на РСМ, односно т.н. Служба за односи со јавноста!
И да не беше вчерашното соопштение можеби повторно ќе се откажев од пишување на овој текст, но токму ова „соопштение“ дополнително ме мотивира! Имено, од таканаречена Служба е лиферувано соопштение со наслов: „Притвор за двајца за тешка кражба во Битола“, па под насловот оди датум и започнува текст: „Осомничените, на 14 октомври, како соизвршители отишле во продажен салон за бела техника во Битола, претходно договорени со намера противправно да присвојат туѓи подвижни предмети…..!“
Како бе луѓе од „Службата за информирање“ се сетивте да започнете со информирање со „осомничените“, кога отсуствува елементарна информиција и за осомничените и за настанот за кој, демек, информирате? Или можеби вие ги знаете деталите за случајот, ама, наводно, поради доследно почитување на правото на пресумпција на невиност не сакате сѐ да ни открите?
Луѓе од „Службата за информирање“ – сите соопштенија ви се исти! И како структура и како „информативен дел“. Всушност, единствената разлика е во видот на кривичното дело. Сѐ друго е исто напишано, така што соопштенијата ( кои тоа не се и не можат да бидат ) си личат како „јајце на јајце“! Имено, сите наречи соопштенија започнуваат со инфорација дека „јавен обвинител од таму и таму издал Наредба ( со големо „Н“) за поведување постапка“.
Луѓето од „Службата за информирање“, веројатно, никогаш не помислиле дека информацијата е во главата на текстот и дека за јавноста не е важна „Наредбата“ ( со големо „Н“) на Јавниот обвинител, но дека соопштението можело да почне со една ваква реченица: „Јавен обвинител од таму и таму отвори кривична истрага за Н.Н. и Н.М. за такво и такво кривично дело…“.
Соопштението мора да продолжи со информации кои се однесуваат на основаните сомневања и доказите на обвинителот што ја започнал кривичната истрага и, секако, опис, односно начинот на кој било сторено делото! Но, наместо едноставни зборови, во едноставни и лесно разбирливи реченици, луѓето од „Службата за информирање“ како да се трудат да напишат нешто што е правописно погрешно и што нема елементарна логика.
Мене омилен дел од т.н. соопштенија на Јавното обвинителство ми се последните пасуси! Во 99 отсто ситуации крајот на текстот од т.н. соопштенија почнува со зборот „ценејќи!“ Ова зборче ми е омилено, бидејќи, со него се отвора реченица, но повторно со голема буква која, најверојатно, треба да ја акцентира работата на обвинителот кој, пак, демек, нешто ценел, а во суштина само дал некаков предлог до судија или до судот.
Не би можел да кажам кој стои зад ваквите ступидно составени соопштенија, но повеќе од извесно е дека никогаш порано информирањето на Јавното обвнителство не било полошо!
Ме убедуваат дека нивната проценка е дека токму поради она што го лиферуваат тие „ценеле“ дека се крајно транспарентни и отворени кон медиумите и јавноста воопшто.
Сепак, дека нешто не чини со информирањето најдобра потврда е тоа што речиси ниту еден медим не само што не ги објавува, туку веќе не цитира ниту делови од таквите соопштенија.
Веројатно и медиумите нешто „Ценеле“?
П.С.
Скопскиот кривичен суд, пак, информира само доколку „повеќе новинари и медиуми пројавиле интерес“ за конкретен случај. Во спротивно тие немаат некаква потреба и желба да се огласат!