Очевидно дека јавноста за раскажаната „сексуална авантура“ на новинарот и уредник испровоцира реакција на Секторот за компјутерски криминал
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/02/triumfalizam-1024x441.jpg)
Секторот за компјутерски криминал од МВР доставил известување до Скопското обвинителство по интервјуто на јутуберот Стефан Лазаров со Драган Павловиќ-Латас емитувано на 15 февруари, во кое Павловиќ-Латас раскажува дека како 15-годишник тој и неколку другари злоставувале и силувале девојка која била претепана. Притоа, обајцата со Лазаров се смеат за насилството.
„Има известување од МВР. Предметот е распореден кај обвинител, ќе видиме како натаму ќе се одвива случајот, одговори Јавниот обвинител Гаврил Бубевски на прашање од САКАМДАКАЖАМ.МК.
Јавноста остро го осуди интервјуто како поттикнување кривично дело родово базирано насилство и го повика Обвинителството да постапи. Исто така, ги повикаа и видните компании кои се рекламираат во подкастот на Стефанов да ги повлечат рекламите поради содржините во кои се одобрува и се повикува на насилство.
„Во видеото, кое веќе има над 50 илјади прегледи, за двајцата соговорници силувањето е извор на забава и смеа, со што тие директно праќаат порака кон огромната публика не само дека тоа е нешто нормално, туку и смешно. Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса изгледа нормализирање на културата на насилство и до каде може може да доведе непостапувањето на институциите и немањето јасни ставови и политики кои ги заштитуваат жртвите, наместо насилниците. Таа култура, им дава ветер во грб на насилниците, кои не само што продолжуваат да живеат нормално, туку и да бидат славени како ‘вистински мажи’ и победници. Истата таа култура ги осудува жртвите, праќајќи им јасна порака дека системите на поддршка се речиси непостоечки. На оваа култура мора да ѝ се стави крај, јасно и гласно, ако јавната осуда е единствено оружје кое го имаме на располагање, соочени со систем кој очигледно не знае и не сака да се справи со родово базираното насилство“, реагираше Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Јавните приказни за силување се пораз за општеството, кога насилникот станува вистински маж, а за жртвата не само што нема емпатија, туку се третира и како виновник
Признанието на новинарот Драган Павловиќ – Латас во една емисија на Јутјуб дека кога имал 15 години бил учесник во некаков вид групно силување екстремно ја сензибилираше јавноста околу прашањето дали општеството станува соочесник, па дури и одобрува насилство врз жени. А притоа актерите во тој разговор, Павловиќ – Латас и водителот Стефан Лазаров, тоа да го третираат како смешна епизода од младоста на новинарот. Реагираат речиси сите, од познати адвокати, Хелсиншкиот комитет, писатели, новинари, обични луѓе. Единствено молчи јавното обвинителство, иако емисијата беше емитувана уште минатиот вторник. Барем да го испраша Павловиќ – Латас дали тоа што го раскажува за неговите сексуални искуства е вистина или измислица. А може и да го најде „повозрасниот“ пријател на новинарот, кој му го овозможил и подготвил настанот во „фиќото“.
Од Хелсиншкиот комитет велат дека приказната од видеото е општествен пораз и реален приказ за тоа како се третираат жените жртви на насилство.
„Во видеото за двајцата соговорници силувањето е извор на забава и смеа, со што тие директно праќаат порака кон огромната публика не само дека тоа е нешто нормално, туку и смешно. Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса изгледа нормализирање на културата на насилство и до каде може да доведе непостапувањето на институциите и немањето јасни ставови и политики кои ги заштитуваат жртвите, наместо насилниците“, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Од таму додаваат дека ваквата култура им дава ветер во грб на насилниците, кои не само што продолжуваат да живеат нормално, туку и се славени како „вистински мажи“ и победници.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/02/zaev-za-latas-1024x453.jpg)
„Истата таа култура ги осудува жртвите, праќајќи им јасна порака дека системите на поддршка се речиси непостоечки. На оваа култура мора да ѝ се стави крај, јасно и гласно, ако јавната осуда е единствено оружје кое го имаме на располагање, соочени со систем кој очигледно не знае и не сака да се справи со родово базираното насилство“, се вели во реакцијата на Хелсиншки.
Познатата писателка и признат борец за правата на жените во регионални рамки, Румена Бужаровска, се сомнева дека ќе има правна разврска и покрај тоа што Павловиќ – Латас сам признава оти учествувал во таков кривично правен настан:
„Имајте ја на ум случкава со силувачот Латас и неговиот навивач и современ соучесник, јутјуберчето Лазаров кога следен пат некој ќе почне да кука против феминистки и култура на исклучување/cancel culture. Бидејќи случајот очигледно нема да има правна разврска, сите треба да работиме на тоа да ги осудиме и да ги исклучиме од каква било можност за јавно појавување. За вакви монструми јавноста не смее да прости. И да, не заборавајте ја муцката на извесниот Лазаров. Има еден тон следбеници на Инстаграм“, напиша Бужаровска на Фејсбук.
Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска дека е поразувачки некој со „чаламење“ да раскажува за тинејџерско доживување и сега во 2023 година тоа да се прифаќа како некаков вид мачоизам.
„’Покушајот’ во ‘фиќо’ кој е повеќе оставен на нашата фантазија, но сепак раскажан со доволно детали за да ја сфатиме неговата противправност (шлаканици, замаглени стакла, спомнување повеќе мажи, еден татин син и буткање во ситуација ‘немајкаде’) сугерира дека покрај жртвата во ‘фиќото’, и тој што ‘покушавал’ е жртва на машката токсичност која на сите нас растени во скопските маала добро ни е позната, видена и слушната.
Проблемот е што тоа 15-годишно момче досега не пораснало ни педа, па низ годините единствено создало механизми кои му помогнале само да ја прифати таа состојба како дадена, надвор од негова контрола, да не речам, нормална. Ниту за 40-ина години подоцна не ја сфатил сопствената одговорност, неговата психа не креирала емпатија (погрдно ја нарекува сиротиња) и едноставно прифатил дека ‘тоа така се правеше’ сака да рече ‘така ние прв пат имавме секс’.
Оној грев од водител, пак, како колбас или виршла мешан производ од бљувотините на модерното време има искрена реакција на смеење на приказната поради пиететот што го има кон гостинот-фраер“, пишува Јошевска-Атанасовска на својот Фејсбук профил.
По лавината реакции, во изјава што подоцна ја избриша, јутјуберот Лазаров негираше дека гостинот во емисијата зборувал за силување, додека на Инстаграм обвини дека во случајов станувало збор за „хајка“ против него. Тој не гледа ништо спорно во тоа што се зборуваше на неговиот подкаст и начинот на кој тој и неговиот гостин зборуваат за сексуалниот чин и третирањето на жената. Тој не прифаќа дека е поддржувач на силување.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/02/suzana-josevska-anastasovska.jpg)
Анита Лазарова, мајката на водителот, застана во одбрана на синот со тоа што го нападна СДСМ и неговиот Форум на жени, откако тој побара обвинителството да покрене постапка. Таа соопшти дека ја искинала партиската книшна на СДСМ затоа што партијата претерала во реакцијата.
„За да објавиш вакво нешто само заради тоа зашто не ви се допаѓа гостинот, а притоа да етикетираш млад човек за насилство врз жени е многу, ама многу примитивно. Жалам за моите сопартијци, со кои долго време зборуваме дека не си ја препознаваме партијата на која ѝ веруваме повеќе од 20 години. Од мене и од многу како мене збогум. Јас сепак сакам демократија“, напиша Лазарова на Фејсбук.
Дали е демократија ако во некоја емисија (па макар таа била и на сопствениот син) некој се фали дека силувал, а водителот не само што молчи туку и го одобрува настанот и поставува прашања за детали околу „мачоизмот“ е сериозно прашање. А одговорот е едноставен – во демократијата има одговорности. Во тие одговорности своја рамка има и јавното обвинителство – дали ќе реагира или ќе пушти бурата да се стивне. До следната бура.
Уште еднаш сакам да и обрнам внимание на јавноста да не и се случи интересот за Латас да и го оттргне вниманието од латасовштината, односно од културната основа на која расте цвеќето на злото, глупоста, просташтвото и омразата – пишува во својата колумна Бранко Тричковски („И Македонија ја силуваат“).
Првото име на латасовштината е вмровштина, пишува тој. Тоа што првиот го правел во некое инспекторско фиќо лидерот на вмро-дпмне со своите латаси во Собранието и медиумите го прави со Македонија секој ден. За поздравување е тоа што “Кожувчанка” ја повлекува својата реклама од емисијата на оној лудак, но тој гест ќе биде речиси безначаен ако градоначалникот на Кавадарци не се повлече од партијата. И сите други градначалницици и чесни луѓе кои дозволиле злото да ги освои и да ги натера да му служат, констатира Тричковски.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/02/NE-E-DOVOLNO-1024x456.jpg)
Поранешниот премиер Зоран Заев, во изјава за „Мактел“ реагира на обвинувањата на новинарот, Драган Павловиќ – Латас, кој во интервју за јутјуберот Лазаров вели дека тој „се обидел да го уништи и него и целото негово семејство за да му се одмазди, кажа и дека паднал во депресија поради прогонот на СЈО и дека дури разимслувал и да се самоубие“.
-Многу лош и злобен човек, му помогнав и нему и на неговиот син кој требаше да се лечи во Германија, дојде да ме моли и да плаче во кабинет кога станав премиер, јас простувам и не сум злопамтило особено помагам на оние кои се во невоља без разлика што направиле против мене и моето семејство… Нека му служи на чест што ниту е благодарен па дури и ја манипулира и лаже јавноста дека сум сакал да му наштетам и да му се одмаздам – изјави Заев.