Русковска доби засилување од пет обвинители, Фатиме Фетаи не влегува во тимот, но станува виш обвинител. Ленче Ристоска останува во скопско основно обвинителство
Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија на седницата за јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје ги избра Лиле Стефанова, Артан Ајро, Трајче Пеливанов, Наташа Поп Трајкова и Катерина Коларевиќ.
Да потсетиме дека после распадот на СЈО со обвиненијата против шефот на оваа иституција Катица Јанева, довернба за довршување на предметите добија неколку од тимот. Oбвинителката Лиле Стефанова и понатаму останува надлежна за предметите „Титаник“, „Траекторија“ и „Маџар Телеком“, со овластување на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески. Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски продолжија да го застапуваат „Монструм“, а Ленче Ристоска предметот „Талир 2“.
Стевчо Донев и Елизабета Јосифовска, пак, го застапуваа предметите „Триста“ и „Тотал“.
Кадровската вртелешка со којја требаше да се засили тимот на Русковска – на што таа постојано се жалеше – стоеше во место седум месеци! Не е јасно зошто до сега изборот не се направи. По некои мислења имало политички недоразбирања, по други едноставно постои хроничен немар кај вакви избори. Се чини дека и двете опции се можни.
Конечно дојде часот на вистината – на конкурсот за избор на пет обвинители во ова Обвинителство беа пријавени 14 кандидати, меѓу кои и Фатиме Фетаи, Љубомир Лапе, Елизабета Јосифовска, Никола Довлев, Имран Османи, Влатко Биковски, Оливера Проевска, Наташа Сарамандова и Верица Бешетска Крстева, кои не ги добија потребниот број гласови од членовите на Советот на јавните обвинители.
Обвинителката Лиле Стефанова со 10 гласа „за“ ја доби поддршката од нејзините колеги во Советот на јавните обвинители и беше избрана за обвинител во Јавното обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, како и обвинителите Наташа Поп Трајкова, Артан Ајро, Трајче Пеливанов и Катерина Коларевиќ.
На седницата на Советот на јавните обвинители избран беше Стојанчо Арнаудовски за основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Струга. За ова место конкурираа и обвинителите Џемал Лога и Благоја Даскаловски.
Како течело изјаснувањето? Стефанова во јавноста нема секако постојана симпатија. Во тимот на Јанева своевремено влезе со најголем негативен багаж! Беше најстара во групата на млади обвинители. Потоа беше обвинителка во случајот Фаланга 2, во случајот Машинопромет против претседавачот со Советот на Општина Центар Мирослав Шиповиќ, во случајот Шпион и во случајот Ликвидација во кој побара притвор за новинарот Томислав Кежаровски. Секој од овие случаи беше посочуван како пример на непостоење на правна држава, односно за силно влијание на партиската држава врз обвинителите а потоа и судиите.
Во помала мерка „конкуренција“ со негативни емоции имаше обвинителот Трајче Пеливанов, кој беше застапник на обвинението во случајот за примање мито против поранешниот претседател на Синдикатот на клиничкиот центар, доктор Дејан Ставриќ. Нели се сметаше дека се работи за наместен случај. И тој отиде понатаму…
Обвинителката Фатиме Фетаи нема да биде меѓу петте јавни обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, затоа што не го доби потребното мнозинство гласови. За Фетаи гласаале само четворица јавни обвинители, иако обвинителката ги исполнуваше условите и има висока оцена за својата работа. Јавниот обвинител Љубомир Јовески гласаше против. Дали зад неговото противење не се крие и некаков аним озитет на Русковска?
На истата седница Фетаи доби поддршка со еден глас повече (пет) за дпбовање на статус виш јавен опбвнител.
Според Законот за јавно обвинителство за обвинител во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција може да биде избрано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку четири години како јавен обвинител и е оценет со позитивна оценка во последните две години.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, заедно со шефицата Вилма Русковска сега има десет обвинители, а со новоизбраните ќе бидат 15. (Р.Г.)