Нешто што е дел од спомените на толку многу генерации скопјани денес е објект кој плаче за реставрација и враѓање на стариот сјај. А тоа е објект крај кој минуваат и вработените во Општина „Центар“ и оние во Градското собрание
Градскиот парк во Скопје е заедно со парк-шумата Гази Баба единствен а зелена површина од ваков обем. Во земјата На Фејсбук излегоа некои фотограии кои потсетуваат дека на 3 мај пред половина век таа била церемонијално предадена на граѓаните. Имало и мал спектакл, иако тој објект е денес далеку од она што требал да претставува!
Градски парк кој го знаеме денес е направен во 1970 година, кога е завршен насипот на Вардар, а како круна на паркот во 1971 година пуштена е во употреба фонтаната „Лотос“. Градскиот парк денес зафаќа површина од 486 илјади квадратни метри.
Како и секој парк и нашиот парк има своја порта. Движејќи се со возило по овие улици единствено место кое гласно нè повикува и кое јасно им назначува и на оние кои случајно залутале во Скопје, каде се слави, почитува и архитектонски заокружува природата, а тоа во центарот на градот е фонтаната „Лотос“. Тоа е таа капија на паркот, свечена, акцентирана, каде ништо не е случајно. Тенденциозна, романтична сонувачка, елегантна, но модерна таа е онаа која нè повикува да пристапиме, да одмориме, да се забавуваме, да уживаме, да се чувствуваме свечено и важно. Истовремено да бидеме и дел од природата, но да бидеме и урбани. Фонтаната „Лотос“ не е носталгична, таа е храбра и современа, таа не се покорува, таа придонесува и го надградува и паркот и градот. Фонтаната е мошне вешто проектантски балансирана, подредена на паркот токму онолку колку што е потребно да ја нагласи неговата важност и умерено претенциозно нагласена за да го надополни паркот, како нов, современ елемент кој придонесува на неговата убавина.
На местото на фонтаната пред нејзината изградба имало мочуриште, полно со убави бели цветови. И токму оттаму потекнува инспирацијата за проектантот, лотосовиот цвет. Фонтаната „Лотос“ е дело на архитектката Мирјана Милановиќ-Волињец (1938-1982), која работела во Заводот за урбанизам и архитектура Скопје. Фонтаната уште пред нејзината реализација се очекувала со големо нетрпение и била најавувана во медиумите како најубава и најрепрезентативна во земјата.
Токму онаква каква што била и каква што треба да биде и денес, ние поубава и немаме. Отворена е на 3 мај 1971 година со гламурозна вечерна свеченост на која покрај проектантот и градските власти присуствувале и голем број значајни гости, меѓу кои и легендарниот градоначалник на Белград Бранко Пешиќ, градоначалникот на Атина, англискиот амбасадор во тогашната Југославија, кој свечено ја пресекол лентата, пуштајќи ја во употреба, како и многу други видни гости. И тогаш се сечеле ленти, црвени, се пееле и песни, се сликале, но ленти се сечеле кога е создадено нешто капитално и вредно, а не за пешачки мост преку река за тежина од 100 килограми или засадена трева и понекоја жардиниера со елитистички пароли за грижата за зеленилото.
Фонтаната била предвидена со Планот за Градскиот парк, а плановите тогаш биле стручни, изработени врз основа на опсежни анализи од сериозни тимови составени од професионалци. А не како денешниве, кои се изработуваат по желба на инвеститори и сопственици на локации. Овие последниве, веројатно сè би дале на оваа локација да може да изградат некоја станбена зграда, се разбира со ситна структура на станови.
Поставена е на плато подигнато со скали од улиците, со висина пријатна за чекорење. Фонтаната чие корито е со дијаметар 10 метри е централна тема на просторот, но не и централно поставена. Таа е настрана, отмено повлечена, како девојка од добра куќа, која е доволно забележлива, но не и претенциозна. Главната осовина е оставена слободна за визура, а главниот влез води директно кон споменикот на Гоце Делчев, дело на вајарот Љубомир Делчев, (велат дека имал македонско потекло), а подарок од градот Софија. Пјацетата се развива лево и десно од влезот, а фонтаната изгледа како лотосов цвет кој никнува од земја. Коритото е спуштено до партерот, иако во идејниот проект било предвидено да биде одвоено и претставува еден вид чинија на цветот. Од коритото се издигнуваат четири топки, една поставена централно највисоко и три пониски околу, формирани од прскалки за вода. Во времето кога е направена фонтаната била и технолошки и технички многу напредна, препознатлива и по својата игра на водата, која е составен дел на архитектурата, а проектот за водоводните инсталации е изработен од италијанската фирма „Алпина“ од Ферара. Во ноќните часови била фасцинантна со својата игра на светло и сенки, постигната и со просторната композиција и со осветлувањето.
„Предвидено е фонтаната да изгледа како воден цвет – лотос, смирен по својот колорит, како да никнува од земја. Во долната чинија на фонтаната, која е и носител на цветот, водата непрекинато се движи, паѓајќи од ’листовите на цветот‘ и од т.н. водени толчници. Играта на водата се одвива во четири програми. Водата си игра меѓу цветовите со специјална структура на движењето на водените млазови“, изјавила архитектката Волињец за своето дело.
Но фонтаната не е сама за себе, таа е дел од цел урбанистички ансамбл и партерно уредување решено вешто од почеток до крај, без ништо, како што вообичаено денес бива, особено кога станува збор за партерите, препуштено само на себе. Тој ансамбл е формиран како заокружена целина, каде преовладува бела боја, која се истакнува во однос на зелената заднина, но и обратно, природата се истакнува во однос на белината, и овие две главни слики се надополнуваат, почитувајќи се меѓусебно. Околу фонтаната, по контурите на платото поставени се клупи, кои делумно го оградуваат просторот. Клупите се организирани во полукружно седење, создаваат полујавни-полуинтимни простори, повлечени за точно половина круг, кои овозможуваат собирање на група посетители која има можност да седи и ужива во просторот, еден вид соба на отворено. Формата на клупите е формирана од бетон, има свој препознатлив дизајн со закосени страни, аголот се отвора како оди кон партерот и се создава современа силуета со препознатлива контура и пријатна димензија. Во истиот манир се проектирани и жардиниерите (во некои растат и смокви), со еден збор секој елемент е проектиран, а не набавен преку јавна набавка. Материјалот е натур бетон, облагороден со мермерен малтер во бела боја. „Колоритот на фонтаната со бела боја ќе доминира во просторот, имајќи го како фонд богатството на зеленилото од паркот“, изјавила Волињец. Животот на архитектката Мирјана Милановиќ-Волињец завршува ненадејно и прерано. Ни ја остави нашата фонтана за која професор Живко Поповски во ин меморијам издаден од тогашниот Сојуз на архитекти СДАМ, денес ААМ ќе напише: „Фонтаната во нескротен цвет, со партерно уредување на влезот во градскиот парк е естетска минијатура пред еден систем на просторно вреднување во облик на архитектонски медалјон, кој зборува во особена светлина за творецот, како исклучителна личност и страстен читач на животот“.
Оној кој е од Скопје и кој е малку повозрасен или во најдобри години, ја памети фонтаната во сиот свој сјај. Не постои скопјанец кој не шетал таму, не постои некој кој нема фотографии и спомени од својата младост или детство токму на ова место. Кога бевме деца на фонтаната нè носеа родителите да прошетаме и да ја посетиме, како споменик. Но не како било, туку сите облечени во најубавата облека и нови чевли. Играта на водата нè воодушевуваше, млазовите вода кои прскаа од топките беа бели и воздушести како пена. Големо доживување беше да се стави рака во коритото, во спротивно исто како да не си бил. Кога пораснавме одевме таму често, а мислам дека најчесто кога бегавме од часови и секој со своето друштво седеше на полукружните клупи, во својата соба на отворено. Фонтаната секогаш предизвикуваше радост, сите луѓе присутни во тој архитектонски ансамбл беа насмеани.
Но фонтаната стивна, вода нема или тече тажно, руинирана е, направени се обиди за реновирање, сите до еден неуспешни, како обложување на коритото со сив гранит, веројатно донесен од некој магацин, останат од некоја јавна набавка, поставен вертикално, под прав агол, со што е изгубен потегот на закосување на оригиналното корито. На подот се поставени сиви, безлични плочки (од некое од оние спомнати реновирања), наместо оригиналните кои беа во две нијанси на слонова коска, со различна текстура, поставени во штрафти. Клупите се скршени, бојата излупена, целиот просторот е исчкртан со графити. Не дека не почитувам уметност на графити, токму спротивното. Сите оние кои велат дека графитите не се уметност, туку вандализам, гадно се лажат. Уметниците тоа го прават од чиста љубов и обично сакаат да пренесат некоја порака. Но ова што ѝ е направено на фонтаната е обично чкртање, порака за чист вандализам, несфаќање на нејзината вредност, непочитување, недостаток на домашно воспитание.
И сè ова не го велам со носталгија или жал за младоста. Ова го пишувам затоа што со ништо не можам да си објаснам две работи.
Фонтаната „Лотос“ не е ниту прв, ниту единствен објект во градот, кој е вреден и значаен, а препуштен сам на себе и секој обид да му се подобри состојбата, најчесто е декларативен или по обичај завршува неславно. Едната работа која не ми е јасна е: Овој простор е буквално, ама буквално „пред нос“ на официјалните лица и на Град Скопје и на Општина Центар. Зарем не им смета кога секојдневно ја гледаат состојбата? Си велам, веројатно човек и на убавина и на грдотија се навикнува кога тоа му е секојдневие, па очигледно се навикнале, во овој случај на нашата бивша убавица.
(Порта 3)